„Гугл“ во војна со Европа
4 март 2010Еден италијански суд во Милано минатата недела осуди троја менаџери на „Гугл“ на по шест месечна условна затворска казна. Казната беше изречена во отсуство на адвокатот за безбедност на податоци Петер Флајшер, раководителот на правното одделение Дејвид Друмод и Џорџ де лос Рајс, поранешен член на надзорниот совет на италијанското претставништво на „Гугл“. Причина за ваквата одлука на италијанскиот суд беше една видео снимка од 2006 година што беше ставена на порталот „Гугл видео“. На снимката можеше да се види како повеќе млади луѓе малтретираат и навредуваат еден ученик, аутист. Видеото било снимено со мобилен телефон и два месеци стоело на располагање на страната на „Гугл“, се` додека не било отстрането.
Тоа е премногу долг период, гласеше обвинението на италијанското јавно обвинителство. Освен тоа, голем број корисници повеќепати преку коментари барале снимката да биде одстранета од страната на „Гугл“. „Пресудата испраќа јасен сигнал“, изјави јавниот обвинител Алфредо Робледо. „Правата на едно претпријатие не се поважни од достоинството на еден човек.“
Пресудата како закана за слободата во интернет?!
Портпаролот Бил Ехиксон не смета дека во овој случај менаџерите сносат одговорност. „Тие не ја повикале видео снимката, тие не ја снимале ситуацијата, а сепак се сметаат за виновни“, изјави Ехиксон. Дејвид Драмонд, еден од обвинетите менаџери, смета дека понудувачите на вакви платформи не се обврзани да ги контролираат податоците што некој трет ги објавува на нив. „Гугл“ веднаш ја одстранил видео снимката штом концернот бил информирамн за тоа, тврди менаџерот Драмонд.
Европската комисија минатата недела објави дека ќе преиспита повеќе жалби од различни конкуренти на „Гугл“. Француската база на правни податоци и двајца оператори на споредување на цени на производи, како и фирмата „Чао“ на „Мајкрософт“ го обвинуваат „Гугл“ дека ја злоупотребува неговата позиција на пазарот. „Гугл“, кој во интернет пребарувањата во Европа учествува со 90 проценти, ги запоставува конкурентите со лошо позиционирање во пребарувањето. Ваквите конкурентски прекршоци на пазарот Европската комисија може да ги казни со парична казна во висина од 10 проценти од вкупниот профит на „Гугл“ во светот. Меѓутоа, од Комисијата нагласуваат дека ваква постапка се` уште не е покрената. Предупредувањата на Европската комисија се од големо значење за „Гугл“, бидејќи во 2007 година таа на гигантот Мајкрософт му изрече парична казна од 500 милиони евра за прекршување на правата за конкурентсност на пазарот. Во 2009 година производителот на интернет чипови „Интел“ беше исто така казнет со една милијарда долари.
Проблеми има „Гугл“ и во Германија
„Стритвју“, една од понудите на „Гугл“, се наоѓа под голема критика во Германија. За оваа услуга автомобили опремени со специјални фотоапарати и камери возат по одредени улици во градовите и прават слики и видео снимки. Корисниците на „Стритвју“ овие слики можат во виртуелена форма да ги гледаат на интернет. Германското Министерство за правда и заштита на потрошувачите, но и многубројни заштитници на податоци, им препорачуваат на граѓаните да поднесат приговор против објавување на ваквите фотографии. Според нив се нарушува заштитата на приватната сфера. Центарот за применети правни науки од Карлсруе во понеделникот поднесе експертиза, според која во иднина не се дозволува снимање на приватни куќи или помали згради во кои живеат повеќе семејства. Според германското право, стои во експертизата, не семат да бидат прикажани ниту објекти на периферија. Правните научници од Карлсруе сметаат дека фотографиите од луѓе и автомобили треба да бидат толку непрпепознатливи, да не можат ниту да се идентификуваат. Прекривање на лицето и автомобилските таблични, како што во моментов прави „Гугл“, не е доволно, сметаат научниците.
Автор: Андреас Бекер/Бисера Огњановска Митров
Редактор: Александра Трајковска