Гудбај Америка: Москва со нови контрасанкции
17 април 2018„Гудбај Америка“ („Goodbye, America"), беше култ-хит на советската рок-група „Наутилиус Помпилиус“(„Nautilus Pompilius"), напишан во 1985. година. Една меланхолична химна на прозападната Перестројка-генерација, која го опева збогувањето од митот Америка: „Твоите износени фармерки ми станаа претесни“, се вели во текстот, како и: „Долго нѐ учеа да ги сакаме твоите забранети плодови.“
Законскиот предлог, кој вчера беше дискутиран на итната седница на Советот на државната Дума, Пратеничкиот дом на рускиот парламент, би можел исто така да се наслови - „Збогум Америко“.
Предлогот беше поднесен во петокот од страна на претседателот на Парламентот, Вјечеслав Володин и претседателите на сите четири пратенички групи, со демонстративно единство. Тоа е руски одговор на санкциите кои САД ги воведоа на 6. април против Москва, веројатно најригорозните по анексијата на Крим во 2014. година, а на чиј удар се врвни бизнисмени и функционери. Со нив Вашингтон очигледно погоди во нерв, зашто руските пазари на акции и девизи се ставени под притисок. Америка ги образложи најновите казнени мерки со руските глобални „злонамерни активности“, не само во Украина, туку и во Сирија.
Подобро дабова кора отколку американски лекови?
Русија сега реагира на американските санкции, одобрени од Конгресот лани летото. Притоа, трговскиот волумен меѓу Русија и САД не е многу голем. Според руската државна новинска агенција Риа новости, Русија во 2017. година извезла стоки во САД во вредност од 17 милијарди долари, но импортирала стоки во вредност од само седум милијарди. Оттаму, тешко е Москва да предизвика болен удар врз Вашингтон.
Русија предвидува ограничувања првенствено за американските земјоделски производи, прехранбени продукти, алкохол, тутун и медикаменти. Изземени се само лекарства за кои во Русија не постои соодветна замена. За контроверзи се погрижија меѓутоа изјавите на еден руски пратеник, кој во ТВ-шоу предложи да се користат кора од дабово дрво или глог како алтернатива за американската медицина. Политичарот беше засипан со лавина критики и навреди на социјалните мрежи, по што ретерираше и рече дека предлогот бил само виц.
Погодени се Боинг и Мајкрософт
Санкционирачките планови освен тоа можат да значат крај и за руската соработка со САД во областа на атомската енергија и авионската индустрија, како и ракетната техника. Калкулацијата на Москва е со тоа да биде погоден американскиот авионски производител Боинг, кој увезува на пример титан од Русија. Можно е да биде запрена или редуцирана и продажбата на ретки метали. Во ракетната техника можно е со проблеми да се соочи приватното претпријатие од САД за вселенски летови „Јунајтед лаунч алијанс“, во кое исто така учествува и Боинг. Во ракетата-носач, производство на УЛА, се вградени руски мотори од тип РД-180. Притоа, американскиот Конгрес уште по руската анексија на Крим апелираше до домашната индустрија за вселенски летови да не купува делови од Русија. Но, поради непостоечки домашни алтернативи, соработката продолжи.
Со рускиот закон за контрасанкции се планира и ограничување на користењето на американски софтвер во администрацијата, од што посебно би бил засегнат Мајкрософт, чии производи се инсталирани во најголем дел од руските канцеларии.
Повеќе:
Русија стенка под новите американски санкции
Која е руската елита на удар на санкциите од САД?
Не само Америка
Досега е нејасно која е намерата на параграфот 11 од законскиот предлог, во кој станува збор за крај на „ексклузивни права на марки“, се мисли за стоки кои ќе бидат утврдени од страна на владата. Некои набљудувачи шпекулираат дека Русија на тој начин би му дала одврзани раце на пиратското производство.
Со новиот закон во основа се отежнува и патувањето на американски граѓани во Русија и склучување зделки во земјата. Можно е да бидат воведени дополнителни давачки и за американските авиокомпании на руските аеродроми.
Првото читање на законскиот предлог е планирано за 15. мај. Претпоставка е дека документот брзо ќе ги помине сите станици пред да биде потпишан од страна на претседателот Владимир Путин и да стапи во сила. Тој ќе бие реализиран од новата влада, која ќе биде формирана откако Путин на почетокот на мај ќе го почне својот нов мандат. Но, од санкционирачкиот закон не се погодени само САД, туку и нивните сојузници, сите држави кои се придружија или ги поддржаа американските санкции против Русија.
Вселенските летови и кино-браншата се единствени области кои се исклучени од руските контрасанкции. Но, не е исклучено кога и да е Русија да одбие да ги пренесува со свои летови американските астронаути до Меѓународната вселенска станица или да прикажува холивудски филмови. На оваа тема веќе сега се водат дискусии. Збогувањето од Америка, толку омразена кај некои Руси, се чини како допрва да зема залет.